Дизајнерската опсесија со надреалното, вонземското и луцидното секогаш добива невообичаени форми на писта. Несекојдневни творби кои совршено би се вклопиле во некој научно фантастичен филм или во ексцентричните приказни на Салвадор Дали. Погледнете до каде оди креативното “лудило” на дизајнерите.
THIERRY MUGLER, 1997
Францускиот дизајнер секогаш наоѓа начин да остави театрален печат со своите колекции. Во својата котур едиција наменета за пролетната сезона во 1997 година, неговата фасцинираност од инсектите беше трансформирана во креации кој нивниот минијатурен свет го пренесуваат во една нова димензија.
ALEXANDER MCQUEEN, 1997
Неговото пролетно модно шоу во 1997 година, "La Poupée" беше посветено на надреалистичниот фотограф Ханс Белмер. Меквин ги истражуваше идеите за манипулирање со телото на писта и еве како тоа од прилика изгледаше.
JEAN PAUL GAULTIER, 2006
Еве ја верзијата на Готје на фустанот-скелет на големата ексцентрична дама Скјапарели. Дел од неговата зимска колекција за 2006 година насловена "Les Surréalistes".
MARC JACOBS, 2008
“Ја обожавам идејата за надреалното бидејќи на некој начин се е реално и тоа е еден вид губење на контекстот, што работите ги прави чудни, интересни, но и различни”, изјави Марк Џејкобс во име на својата пролетна колекција во 2008 година која презентираше мода ама во “обратна насока”.
DOLCE & GABBANA, 2009
Во својата надреалистична авантура, Доменико Долче и Стефано Габана се фокусираа на релацијата помеѓу поп-арт правецот и Холивуд. И резултатот е следниов: црно-бел портрет на Мерлин Монро во стилот на Енди Ворхол и со многу нападна розова боја на Скјапарели.