Колекцијата за актуелната сезона е првенче на Алесандра Факинети за Tod's, но судејќи според реакциите на публиката, одлично го погодила вкусот и на брендот и на неговите обожаватели.
Дел од модните уреденици ова шоу го окарактеризираа како едно од најдобрите на Миланската модна недела. На пистата први се појавија креации од кожа во лежерен стил. Самата дизајнерка пред почетокот на шоуто изјави дека се потрудила кожата да ја истретира на ист начин како памукот, барем кога е кројот во прашање. Всушност, целата колекција е во лежерен, слободен дух, карактеристичен за летниот период.
Впечатливи се и мрежестите широки здолништа, како и широките панталони во комбинација со куси топови. Колор -блок комбинациите се особено посакувани оваа сезона, а Алесандра успеа да ги вметне во својата естетика.
Кошули, широки и тенки јакни, широки фустани како и туники придонесоа за создавање на една летна приказна, која ги спојува удобното, модерното, лежерното со доза на елеганција. Дизајнерката ги користела светлите пастелни бои, во комбинација со интензивната темноцрвена, која истовремено дава свежина и динамичност.
Како моден додаток доминираат широките ремени за поистакната половина, а кога се обувките во прашање, забележлива е доминацијата на рамните сандали, балетанките и еспадрилите со реси.
Во продолжение ви ја презентираме целата колекција на познатиот бренд: