Летото вообичаено ни дозволува комбинирање на лежерни и комфорни изгледи, но затоа од друга страна есента како годишно време ни овозможува мешање на различни стилови и слоевитост во поглед на креирањето на нашите модни визии. Цел на секоја девојка и жена е да ја презентира својата модна фантазија, создавајќи модерен изглед кој секогаш изгледа шик и оригинално.
Благодарение на новата колекција есен – зима 2014/15 потпишана од брендот Топшоп „градењето“ на модните изгледи оваа студена сезона ќе биде мошне лесно и едноставно. Линијата на британскиот моден бренд вклучува модерни парчиња со чие комбинирање секогаш ќе изгледате спектакуларно, без разлика дали станува збор за деловен или секојдневен изглед.
Разновидноста и функционалноста се клучни детали во новата Топшоп колекција. Покрај неверојатно модерните парчиња, линијата вклучува и облека во различни стилови и форми за да се задоволат потребите и желбите на жените и девојките. Она што особено плени е фактот што моделите се изработени за да соодветствуваат не само со актуелните трендови и тенденции, туку и со силуетите на дамите. И покрај темните облаци и скржавото сонце, со инвентивните модели на Топшоп и нивно креативно комбинирање можете да изгледате спектакуларно во зимските месеци. Неминовен дел се кожените парчиња кои се апсолутен хит оваа сезона и одлично се вклопуваат во создавање на стрит комбинации.
Оваа линија се одликува со минимализам во однос на кројот, а фокусот е ставен на чистите линии, структурните облици и едноставниот дизајн кои прават овие парчиња да изгледаат кул и префинето во исто време. Мошне впечатлива е сината бунда, но и плетените џемпери, бајкер јакните, здолништата и панталоните. Доколку сакате да изгледате максимално блескаво на вашето работно место, тогаш одберете го андрогениот стил и комбинирајте модел на класични панталони со блејзер. За да ги нагласите идеалните пропорции и женственоста, тогаш комбинирајте бело здолниште со впечатлив шлиц во предниот дел, морнарско сина блуза и блејзер кој ќе биде во истиот тон како и блузата.
Модните додатоци ја надополнуват приказната за шик изглед. Популарните „оксфорд чевли“ со платформа се одлично решение со кое ќе ги комплетирате и онака трендовските изгледи.