Едноставност и парадокс беа двата мотива за колекцијата есен-зима 2023/2024 што Валентино ја прикажа на модното шоу во Париз.
Шарената фуксија, пердувите и естетиката на операта како во сите колекции на модната куќа, ги имаше и во најновата, со тоа што овојпат Пјер Паоло Пиколи ја донесе високата мода до секојдневието.
Честа да ја отвори ревијата имаше ќерката на Синди Крафорд, Каја Гербер, носејќи фармерки, раскопчана, бела кошула и балетанки со голема панделка.
Балетанките со панделката како мотив, беа составен дел од речиси сите дизајни, а облеката потоа стануваше сè поспектакуларна и пограндиозна.
Боите исто така беа насекаде, црвени нијанси, кобалтно сини, лаванда тонови, и нијанси на зелена декорирани со златни детали, скапоцени камења и светки.
Внимание привлекоа и огромните обетки што моделите ги носеа, како и балските, пуфкасти фустани, флоралните дезени, тантелата и металик решенијата.
Крајот беше спектакуларен. Пјер Паоло го направи она што ретко кој дизајнер го сторил – излезе заедно со шивачките кои несебично работеа на колекцијата, оддавајќи им благодарност за сета нивна заложба.
Фото: Vogue