Ако треба да одвоиме еден впечаток што го добиваме, следејќи ја кариерата на Викторија Бекам како дизајнер, тоа е постојатана еволуција.
Во секоја нова колекција не можете, а да не забележите прогрес, доколку ја анализирате етапно.
А прогресот секогаш е проследен со охрабрувањето да се излезе од границите на комфорот.
Така во последната колекција што Викторија ја прикажа вчера, во рамките на Париската модна недела, забележуваме како дизајнерката експериментира со за неа веќе препознатливата елегантна естетика и како резултат на тоа ја добива ноншалантната, односно релаксираната, а истовремено и сексапилната страна на елеганцијата.
Релаксирана елеганција исто како што и Викторија е релаксирана или поточно до толку самоуверена, во она што го нуди како вредност пред публиката.
Се чувствуваат и вибрациите на 30-те години на минатиот век, преку модернизирана верзија на силуетите препознатливи за оваа декада, акцентирани со пердуви како референца која остава суптилен впечаток.
Викторија на своите клиенти оптимално им го нуди и предимензионираниот блејзер што може да го носат и како мини фустан, како уште еден впечатлив акцент по кој ќе ја паметика оваа колекција.
Семејството Бекам како и секогаш, ја бодреше од првите редови.