Модната недела за Висока мода во Париз, каде се претстауваа колекциите за есен 2015, заврши вчера и тоа со две гламурозни шоу-а - она на Валентино во Рим и на Зухаир Мурад во Париз.
Во продолжение погледнете го краткиот преглед на двете ревии.
Валентино - Сите патишта водат кон Рим
Модната куќа Валентино, повторно се врати кон корените. Ревијата се одржа во Рим, градот каде што и започна приказната на оваа модна куќа во 1960-тата година. Но, и не само тоа. Дизајнерите Марија Кјури и Пјерпаоло Пиколи создадоа креации во кои ќе го препознаете Рим.
-Ова е нова ренесанса. Во време кога сè станува глобално, , треба да се вратиме кон локалното, за да се потсетиме на својот идентитет – вели Пиколи.
Токму затоа и местото на одржување на ревијата беше плоштадот Мигнанел, каде се наоѓа седиштето на модната куќа Валентино и новиот бутик, а потоа се продолжи во вилата Аурелија.
Влијанието на античката римска култура можеше да се насети преку гладијаторските детали и имерпијалната естетика, но сето тоа со роматична нота. Така, естетиката на ѕидовите на Колосеумот, орелот како симбол на стариот Рим беа имплементирани во креациите, кои истовремено беа женствени и раскошни.
Нежната тантела беше најчестиот избор за изработка на креациите, а иако црната боја доминира, таа не донесе тежина, туку напротив – сосема ја надополни сликата за вечната убавина, класичната елеганција и доминантната естетика на Валентино.
Зухаир Мурад - Само небото е граница
Само небото е граница, сакаше да порача Зухаир Мурад вчера. Инспириран токму од небото, тој претстави креации, во негов препознатлив стил, збогатени со бројни кристали, како ѕвезди на небото, како космичка прашина.
-Во мојот дом имам голем телескоп и гледам многу нешта. Ја сакам мистеријата – изјави дизајнерот пред почетокот на шоуто.
Од кратки балетски фустани, преку комбинезони што малку потсетуваат на Диско-ерата, до препознатливите долги, лелеави фустани и оние со широки здолништа, Зухаир уште еднаш ги задоволи очекувањата на оние што ја обожаваат неговата естетика и посакуваат макар еднаш да го почувствуваат гламурот носејќи негова креација.
Ревијата заврши со бела, волуменозна и грандизона венчаница, на која, како вели дизајнерот, работеле 20 луѓе 350 часа.