Со ревијата на Зухаир Мурад и Ралф и Русо заврши презентацијата на колекциите од Висока мода за есен 2014 година. За денеска е најавена презентација Métiers d'Arts, а во продолжение погледнете што покажа главниот конкурент на Ели Сааб.
Зухаир Мурад - Висока мода за млади по години и дух
Либанскиот креатор Зухаир Мурад инспирацијата за есенската колекција за Висока мода ја најде во геометриските форми, особено оние што ги применува архитектот Заха Хадид. За повеќето оваа интерпретација на дизајнерот може да изгледа слаба. Главно доминираат класични коктел фустани и гала силуети, со повремени креации со изразени агли и волуменозни здолништа. Ако одблиску ги погледнете деталите, ќе забележите дека се во форма на бранови.
Низ колекцијата доминираат белата и црната боја, а една од тоалетите го прикажува и јинг и јанг ефектот. Сепак, монохроматските креации се придружение со неколку во морнарско сина и црвена боја.
Во низата тоалети, Зухаир претставува и неколку комбинации на тесни панталони и струкирани сакоа, кои оставија силен впечаток. Сепак, она што можеби предизвика најмногу внимание е венчалниот фустан што имаше вел долг дури 5 метра.
Мурад нагласува дека оваа колекција е посветена на помладите, бидејќи во последно време неговите купувачи на Висока мода од година во година се се' помлади и по години и по дух, па токму затоа и пристапил на овој, според него, помодернистички начин.
Ралф и Русо: Игра со светлината
Фотографот Масимо Листри, поточно деталите и светлото во неговите фотографии се инспирацијата за оваа колекција на Ралф и Русо. Речсиси сите парчиња светат и се „прелеваат“ од украсите од кристал и бисери.
Оваа раскошна линија вклучува и комбинезони и тоалети украсени со драматични карнери, во впечатливи бои како темновиолетова, црна, сина, розова.
Оние помалку волуменозните изгледи вклучуваа фустани во магента, како и црна органза, со акрилно цвеќе, детали од плиш, а впечатливи беа и црните свилени фустани со ракави како лалиња.