Втор ден од осумнаесеттиот Моден викенд Скопје – млади дизајнери, неконвенционални модели и обележување јубилеи

3 ноември 2018

Вториот ден од Моден викенд Скопје започна со модната инсталација и перформанс од финалниот дел на проектот #sustainablestorymk , вчеравечер во „Скопје Мериот Хотел".

На капсулните колекции изработени од текстилен отпад работеа Емануела Трајческа, Сара Реџиќ, Ева Зарезанкова, Натали Наумова ,Радица Лазова, Катерина Димитровска, Мирјана Јосифоска и Дана Ќосева под менторство на дизајнерката Ирина Тошева и гостинките од Велика Британија односно талентираната дизајнерка Ана Скодбо и една од водечките британски стилистки Ребека Рој. Гостинките кои долго време работат на одржлива мода, на младите дизајнери им предаваа за техниките за бавно производство, одржливи ткаенини, сертифициран органски памук, производство на нула отпад, вегански материјали и етички услови за производство.

Со нетипичен моден перфроманс дизајнерката Ирина Тошева ја презентираше колекцијата за есен-зима 2018/2019 . „Гепардот својата енергија ја согорува од срцето. Повремено зрачи како страсна супернова. Го чека вистинскиот момент и никогаш не се откажува. Колку сила и енергија им даваш на другите? Веруваш ли во својата истрајност да го заштитиш она што е твое, тогаш кога е најважно?" праша Тошева низ новите креации.

Тошева автентично ја пренесе својата идеја преку кастингот на неколку неконвенционални модели, секој од нив донесувајќи своја посебна енергија на писта, славејќи ја различноста и индивидуалноста.

За прв пат на Моден викенд Скопје ги видовме моделите на дизајнерката Теодора Митровска од колекцијата "We Are Not Machines" со која беше дел од неодамнешното отворање на модната недела во Рига. Колекцијата е инспирирана од текстилни работници и е критика на брзата мода и условите во кои истата се произведува. Преку креациите се преиспитува тенката линија помеѓу човек и машина по која, за жал, многу од овие работници се движат. За оваа цел во колекцијата се среќаваат парчиња од неконвенционални материјали како ПВЦ, индустриска гума и цврста пластика кои го трансформираат телото во надчовечко.

Пред македонската публика за прв пат беа презентирани и модните парчиња на Кренаре Ругова кои се „изработени користејќи бавна мода за да претстават нови форми на размислување однапред". Во оваа колекција забележавме комбинација на елегантни и женствени со спортски и урбани парчиња, тенденција која е особено актуелна и во уличната мода.

Вечерта заврши со колекцијата „Full of Grace" на дизајнерката Силвија Михајловска поддржана од „Amstel". Станува збор за дневни и вечерни креации инспирирани од познатата актерка, модел и пејачка Грејс Џоунс. Михајловска оваа 2018 година заокружува два нејзини јубилеи, 20 години од првата самостојна ревија на ФЛУ, како и 10 години од постоењето на нејзиното модно ателје "Алшар".

 

 

Моден викенд Скопје продолжува и вечерва со модна ревија на студентите од Академијата за моден дизајн „Џолев и уметностите" и „Сивус едукативен и развоен центар", италијанскиот накит „SIGMA jewelry", „Matrons dresses" и Олгица Ѓоргиева поддржана од „БИСИ",„Soul Kitchen Bar" и „Bella Vista".


.

Објавено:
3 ноември 2018
Категорија: 
Колекции
Прочитано:
548 пати