Новиот Ели Сааб ја слави жената – војник во есенската колекција
Омилениот либански дизајнер Ели Сааб конечно ја прикажа неговата долгоочекувана есен/зима колекција овој викенд во рамки на Модната недела во Париз. Сосема очекувано, тој ги маѓепса срцата на сите жени во светот, прикажувајќи парчиња што по којзнае кој пат ја славеа вистинската убавина.
Дизајнерот овојпат презентираше малку поинаква, но подеднакво женствена колекција со која се чини ги придоби и оние малкумина кои не беа воодушевени од неговите дизајни, ако воопшто имаше такви во светот.
Особен акцент овојпат Сааб стави на кожените ремени поставени на половината на девојките што одлично се вклопија со женствените ракавици направени од истиот материјал комбинирани со фасцинантните дизајни на парчињата.
На пистата во Париз тој прикажа шармантни комбинезони што дополнително ја изразија моќта на жената како прекрасно суштество, потоа понуди фамозни палта од твид и крзно како комбинација, куси фустанчиња за пријатните есенски вечери и совршено скроени елегантни панталони и кошули.
Следната сезона, Ели Сааб ја замислува жената како исклучително одлучна дама, силен војник што ќе успее да се справи со сѐ што ќе и застане на патот, муза која секогаш зрачи со посебна убавина.
Либанскиот дизајнер не ги заборави ниту верните обожавателки кои се заљубени во неговите романтични и лелеави, но и тантелни и раскошни дизајни, па и овојпат создаде долги цветни фустани и луксузни светкави тоалети од тантела во кои лудо се вљубивме!
Живанши ги соочи различните култури
Рикардо Тиши својата Живанши жена ја редефинираше преку судир на различни култури. Темниот и поетски дух на викторијанската ера го соочи со агресивната естетика на жените од јужна Америка, кои се препознатливи по украсите и присовите на лицето. Тиши и во својата кутур колекција за пролет-лето 2012 година го направи истиот естетски подвиг, меѓутоа овој пат беше далеку поизразен.
Сензуални силуети проткаени со доза на оној дрзок и ексцентричен став каде во прв план е впечатливиот накит кој само ја истакнуваше интензивната убавина на колекцијата. „Племето“ на модерни хероини на моменти ја покажуваше и својата нежна страна, примарно преку корсетираните фустани со принтови, како и лелеавите тоалети кои потсетуваат на боемскиот дух на 70-тите.
Целата колекција е во фазон на готик романтика со доза на рокенрол. Иако Тиши во последните неколку години како да го ублажи интензитетеот на сексапилот поради тоа што се посвети на уличната мода, сепак оваа колекција е најава за негово гласно враќање.