Зухаир Мурад продолжува да краде воздишки

17 јануари 2015

Миленикот на дамите ширум светот, либанскиот дизајнер Зухаир Мурад,  ги објави фотографиите од неговата пред - есенска колекција за 2015 година. Мурад, важи за еден од најталентираните дизајнери во светот на модата кој одлично ги познава и најскриените желби на секоја жена, па затоа и оваа гламурозна колекција која сигурно сите ја очекувате со нетрпение,  нема да ве разочара, напротив пријатно ќе ве разгали.

Како што се очекуваше и овие креации се мошне внимателно изработени и во нив  доминираат принтаните материјали, тантелните додатоци, монистрата, лесните и лелеави ткаенини, како и неверојатните рачно поставени колоритни апликации. Низ целата колекција на брендот се провлекува софистицирана, елегантна и женствена нота, преточена во грациозни модели на тоалети во симирени и чисти линии, но и во сирена крој, коктел фустани, комбинезони, дводелни комбинации на панталони со сакоа и соодветни горни делови, капути, миди фустани и раскошни плисирани  здолништа.

Во секоја креација дизајнерот направил совршен баланс вметнувајќи доволно, сексапил, ретро елементи и префинет избор на детали кои ја прават целата колекција да изгледа грациозно, отмено и блескаво.

Во однос на палетата бои, овој пат тие  градираат од бели, црни, црвени, беж, тиркиз и розови тонови. Станува збор за меки нијанси кои одлично се вклопуваат во волшебната модна приказна.

Погледнете го уметничкото модно ремек дело на Зухаир Мурад и не задржувајте ги воздишките, само уживајте:

Објавено:
17 јануари 2015
Категорија: 
Колекции