Зухаир Мурад за женската величественост во новата колекција

23 март 2023

Зухаир Мурад е познат како дизајнер кој преку својата уметност ја воздигнува женската убавина на ниво на величественост.

Женската смелост, атрибути и раскош, се тема во фокусот и на неговата нова есен-зима 23/24 колекција, во која е создадена симбиоза меѓу колоритот и уметничката комплицираност на циркусот и грациозноста на жената, како нејзина природна состојба.

Женската силуета и потенцираните форми на женското тело и нивниот артистичен приказ во склуптурите „Nanas" на француско-американската уметница Ники де Сент Фал, даваат една дополнителна слоевитост во инспирацијата на Мурад како да долови една нова и досега неоткриена димензија на женскоста.

Така дизајнерот ја остварува својата визија преку креации кои се истовремено моќни, впечатливи, „паѓаат во око", а истовремено елегантни и сензуални, како продолжување и нагласување на сензибилитетот што ја каракјтеризира секоја жена.

Интересен е и контрастот меѓу концептот на боите, еден дел од колекцијата е мистична, темна и црна, а другиот во вибрантен и интензивен колорит, што одлично функционира како целина. За доловување на таа слика на величественост, дизајнерот користи и комплицирани техники на кроеви, надополнети со скапоцени камења, богата тантела и глитер детали.

 

 

Објавено:
23 март 2023
Категорија: 
Колекции
Прочитано:
534 пати