10 капки парфем, 50 кристални топки, хеликоптер, се само дел од нештата што го сочинуваат денот на италијанскиот дизајнер Роберто Кавали.
Во продолжение читајте како изгледа едно негово секојдневие:
09:00 – Се будам во 9 часот. Никогаш, ама баш никогаш во својот живот не сум носел пижами, и тоа сè уште е така. Имам чувство дека не можам да спијам кога сум облечен. Морам да бидам гол. Јас сум како Мерилин Монро: Таа ставаше пет капки од Chanel No.5, јас ставам 10 капки од Roberto Cavalli fragrance. Ќе ви кажам и нешто друго. Неколку пати во животов кога сум бил во болница, од некоја причина, најчесто глупава и безопасна, ми беше многу комплицирано да останам, бидејќи бараа од мене да носам пижами.
Кога ќе се разбудам, мојот германски овчар Лупо, ми скока на креветот и почнува да ме бакнува. Тој е фантастичен син. Имам и мачка. Таа е слаба, но јаде сè што ќе ѝ дадете. Имам и папагал, голем жолто-син папагал, кој го чувам во дневната соба. Понекогаш ми вели „здраво“. Ѝ се приближувам со мала тортичка и таа ја јаде. Имам многу домашни миленичиња – две кучиња, мачка, игусана, мали папагали, кос и два аквариума преполни со риби. Посебно ги сакам егзотичните риби. Тие често ми се инспирација при создавањето на колекциите. Порано имав и мал тигар и мајмун, но немам повеќе. Мајмунот беше зол.
09:15 – Првата работа што ја правам откако ќе се разбудам е туширањето. Не користам многу производи кога се бањам. Кога ќе се симнам долу, правам некои скици. Потоа си правам доручен и чај. Потоа, седнувам на компјутер и ги читам сите магазини и Herald Tribune.
09:30 - Не одам гол на работа. Фармерките се мојата работна „униформа“. Имам минимум 50 чифта фармерки – сите Кавали! Имам три или четири што ми се омилени. Тенок црн џемпер е исто така задолжителен. Кавали панталони, со нешто во зебра и леопард принт. Многу тесни. Облекувам Кавали чорапи. Имам 40 чифта Кавали каубојки и тоа црни. Сите исти. Тоа сум јас. Тоа е мојата личност. Имам една многу стара Кавали чанта од џинс и крокодилска кожа – темносина. Речиси е уништена, но јас ја сакам и не можам да ја сменам со друга. Таа е дел од мене. За големи и важни пригоди, имам прекрасна свилена сива кошула и црна вратоврска. Сакам да патувам. Пред неколку години бев во Нова Гвинеја и ги запознав едни од последните племиња кои постојат на планетата. Многу возбудливо!
10:00 – Уживам во различни форми на транспорт. Го сакам мојот брод. Обоен е со светкава боја, па кога е сонцето силно, бродот има златно-пурпурна боја, а кога сонцето заоѓа, станува темносин. Порано сакав и многу да јавам, но сега сакам да пешачам. Исто така имам и неколку големи коли. Кога се возам до канцеларијата во Фиренца, го возам и Лупо. Сакам да слушам музика во кола. Ги сакам Лени Кравиз, „Ролигн Стоунс“, „Дјуран Дјуран“ и многу други... Сите се одлични изведувачи, но и мои пријатели, па слушањето на нивната музика за мене е многу посебно нешто. Кога не слушам музика, тогаш имам телефонски разговори. Им велам добро утро на сите луѓе што ги сакам.
10:30 – Веќе сум во канцеларија, каде најчесто прво треба да потпишам некакви документи. Имам 10 девојки што работат за мене. Тие доаѓаат кај мене во канцеларија да ми покажат што сработиле. Исто така, јас креирам. Тоа е голема работа, затоа што треба да креирам и за „Роберто Кавали“ и за „Just Cavali“. Сè што е дизајн, сè што е дел од моите колекции, доаѓа од моето срце, ум, стомак. Откако ќе завршам со тоа, одам на горниот кат, со студијата да поразговарам со моите дизајнери. Почнувам да ги мешам облиците со принтовите и ги проучувам кај мене во канцеларија. Тоа е дел од моето ДНК. Во канцеларијата во Фиренца, да бидам искрен, немам состаноци. Не сакам да зборувам со луѓе, затоа што тоа ми ја прекинува креативноста. Најчесто, кога треба да имам состаноци, одам во Милано, каде имам уште една канцеларија.
13:30 – Имам мал ручек, во смисла дека не е обемен. Не одам во теретана, но се трудам да јадам здраво. Сакам да седам на ручек со луѓе што ги сакам. Сакам моцарела, здрава салата, за да не се чувствувам многу тешко во попладневните часови.
19:00 – Со работа завршувам околу 19 часот. Застанувам во центарот на Фиренца, во близина на мојот дуќан, каде се наоѓа едно мало но многу пријатно место, Caffe Giacosa. Многу е кул и многу луѓе што јадат помеѓу 19 и 20 часот доаѓаат тука на оброк.
21:00 – Не сакам да излегувам навечер. Преку работата, сум одел и одам на толку многу случувања, што кога можам, сакам да останам дома. Постојат две места на кои навистина сакам да одам кога „не сум на должност“, а тоа се моите два клуб-ресторана во Милано и Дубаи. Пијам само црвено вино, најчесто Cavalli Tenuta degi Dei. Ако вечерам дома, сакам да готвам. Но, најголем дел од времето го трошам на дизајнирање и гледање низ камера, односно објекитв. Имам многу апарати. Ги имам сите видови што постојат. Понекогаш ми ги даваат уште пред да пристигнат во продавниците. Луд сум по фотографија. Имам многу кристални топки во домот. Мојата сопруга е колекционер, а и јас ги сакам затоа што се мистериозни, и токму поради тоа одлучив да дизајнирам и неколку за мојата колекција посветена на домот. И ги сакам сите жени. Женственоста е мојот најголем извор на инспирација.
00:00 – Многу доцна си легнувам. Делумно и поради мојот блог. Секоја ноќ пишувам таму. Потоа се префрлам на ТВитер. Имам два твитер порфила. Едниот е Roberto Cavalli, дизајнер, каде зборувам со моите обожаватели и им давам совети. А вториот е Roberto Cavalli: Uniti per un sogno (Заедно за еден сон). Е, овој е на италијански и најчесто политички, затоа што ситуацијата во Италија е катастрофа. На Твитер го пишувам она што го мислам, што го чувствувам. Постирам многу твитови, 20 до 35.
01:30 – Мојата спална соба е прекрасна, многу модерна. Покрај креветот имам голем прозорец. Од десната страна имам портрети кои се насликани од мојот дедо. Легнувањето - тоа е за мене приватен чин. А приватен е, затоа што таму има многу фантазии.