27 години од смртта: Збогувањето со Џани Версаче не беше збогување само со дизајнер...

15 јули 2021

15 јули 1997 година во модниот свет ќе биде запаметен како датум кога светот остана без еден од најдобрите и најкреативните дизајнери што било кога постоеле.

Години подоцна, кога гледаме како се движи модната индустрија, модното тркало, сфаќаме дека збогувањето со него беше и збогување со моден гениј, но уште повеќе со една ера.

Неговиот начин на работа и креативност не можеа да ја постигнат ниту неговата сестра и брат иако го наследија работењето на модната куќа, ниту пак некој од новата генерација дизајнери.

Да се биде легенда во модниот свет подразбира ризик кој би требало да се преземе и на тој начин да создадеш империја вредна милиони долари како што тоа го има направено Џани Версаче.

Еден од најконтроверзните ликови што некогаш се појавиле на модната сцена беше токму тој. Џани бил страствен љубител на уметноста особено на кубизмот и арт деко од каде и потекнува неговиот симбол Медуза на брендот Версаче.

Версаче дефинитивно беше креаторот на елагантната женственост, на најубавите пеплум фустани, на колоритните принтови и на сета онаа хармонија од бои и неверојатни материјали пресликани во совршени креации. Токму поради тоа, тој многупати од магазините ширум светот беше нарекуван „Императорот на соништа".

Неговата дизајнерска кариера започнува во 1978 година кога го отвора својот прв бутик, а неговата најголема инспирација бил уметникот Енди Ворхол. Тоа влијание е видливо речиси низ целата негова работа.

Со непогрешлив „сенс“ за тоа како да ја истакне елеганцијата, но и сексапилот на жената, Џани беше многу пред другите.

За жал и си замина многу пред другите, многу порано одошто требаше да се случи.

Во каков ли правец ќе се движеше модната куќа да беше се' уште во можност да твори?

На него денеска се присети и Донатела Версаче, споделувајќи фотографии од нивниот семеен албум посочувајќи дека ѝ недостасува секој ден.

Би рекле дека ѝ недостасува и на модната индустрија, да  ѝ внесе малку боја, малку предизвик, малку лудило, малку уметност...

Во продолжение се присетуваме на некои од неговите култни креации:

 

 

Објавено:
15 јули 2021
Категорија: 
Стории
Прочитано:
1.209 пати