Македонската книжевна понуда од неодамна е побогата за уште едно дело насловено „Музеј на детството“, од авторката Алма Растодер.
Тоа што можеби ви доаѓа како асоцијација од насловот, веруваме сосема ќе се смени откако ќе ја прочитате книгата, која патем е наменета за тинејџерската публика, но би рекле и нивните родители.
Храбро и специфично одбрани теми кои се сеприсутни, но не толку често и отворено зборуваани, се во фокусот на ова второ дело на Растодер. И токму тој нејзин несекојдневен пристап, не само кога се темите во прашање, туку и авторскиот потпис, ни разбуди желба да поразговараме со неа. „Музеј на детството“ е напишано со лесно перо, го држи вниманието, прилагодено на современието, но создавачкиот процес е нешто што не е нималку лесна задача, па оттаму и успехот за постигнатото.
Како дел од авторите чии дела се во издаваштво на куќата „Арс Ламина“, на неодамна одржаниот Саем на книги имаше средба со читателите, што беше повод повеќе да поразговараме околу впечатоците - нејзини, а и на читателите.
Алма, неодамна имавте промоција на втората книга „Музеј на детството“, како и средба со читателите на неодамна завршениот Саем на книгата. Какви впечатоци добивате досега од читателската публика?
- Кон крајот на февруари се случи промоцијата на втората книга „Музеј на детството“, а на Саемот на книга имав и средба со читателите. Се помина убаво, со искрени емоции... Искрено сакам да слушнам што мислат читателите, особено оние за кои им е наменета, за тинејџерите. Засега реакциите се позитивни, има и добронамерни критики, кои едноставно ги разбирам како подлога над која ќе го надоградам своето пишување. Секако, и јас кога ѝ се навраќам на книгата, особено во разговорите со читателите, сфаќам дека од оваа дистанца нешто можеби би сменила. Во секој случај, вложив две години во нејзино пишување и искрено ме радува кога е читана и коментирана.
Се одлучивте да творите за специфична „публика“ - тинејџери. Тенденциозно или спонтано? Каде го гледавте најголемиот предизвик при пласирањето на текст насочен кон таа читателска публика?
- Сосема спонтано. Искрено првичниот текст беше наменет на друга читателска публика, за најмалите. Приказната е за деца кои се соочуваат со трауматични периоди во својот живот и кои поради тоа остануваат заробени во стаклени садови – песочни часовници, тегли, шишиња... Кога таа приказна ја завршив, некако спонтано почнав да размислувам што ќе се случи со тие деца од приказната, као тие ќе се снајдат во животот. Дали успеваат да ги надминат траумите од детството и какви луѓе стануваат. Размислувајќи, почнав да ги создавам нивните приказни и сфатив дека поради стилот, но и темите кои се обработуваат расказите повеќе не се наменети за најмалите.
Навистина е предизвик да се пишува за оваа читателска публика, оти треба приказната да се пренесе, така што да не биде премногу детска, ниту пак напишана така што нема да биде разбирлива за нив. Сепак, најголемиот предизивик е тие да се заинтересираат и да читаат. Мислам дека треба да се поработи на актуaлизација и поголема понуда на книги наменети за нив. Некако, полесно е со малите деца, можеме ние како родители да влијаеме и да им прочитаме некоја приказна, но за оваа читателска пубилка е поинаку...
Третирате теми кои не само што често не се обработуваат за книги за деца, туку и тешко се зборува за нив - од здравствени проблеми, депресија, однос родител-дете и дете-родител, мобинг итн... и тоа ги претставувате на игрив и лесно приемчив начин. Како се одвиваше творечкиот процес на овие “незгодни“, но многу важни прашања за кои треба да се дискутира?
- Литературата, т.е книгите можат да бидат од голема помош кога станува збор за отворање на голем број општествено значајни теми кои на друг начин потешко се обработуваат. Доколку на правилен начин се обработат и стилски соодветно се раскажат приказните и случувањата на ликовите, тогаш читателите за кои е наменета книгата, многу лесно може да се препознаат. Прво, да сфатат дека не се сами, а потоа и да поразговараат со некој на таа тема. Точно е дека одбрав многу теми за кои тешко се зборува, но кои се реално присутни сега, а биле присутни и во минатото, додека и јас сум растела. Многу ми беше тешко да се фатам во костец со нив, од едноставна причина што ми беше страв дали ќе ја пренесам вистинската порака, дали тоа што им се случува на ликовите нема да биде разбрано како уште една веќе позната приказна во низата, или ќе биде ветерот кој ќе го поттурне читателот да размисли и да направи нешто добро за себе си. Токму затоа и процесот на пишување ми беше бавен, долго време ги пишував, препишував. Ги доработував местата кои сметав дека се на еден начин напишани, а требало на друг. Се обидов да бидат доволно лесни за читање, но никако да не се банализираат главните проблеми и пораки што сакав да ги пренесам. Некои работи дури само се насетуваат, не се зборува можеби директно за нив, но се потрудив да бидам доволно јасна кога беа во прашање последиците од проблемите што се решаваат или не се решаваат. Токму поради сите овие работи што ги набројав, бев многу несигурна дали сум на вистинскиот пат.
Правите необичен микс на имиња, елементи, слики... Иако од насловот некој може да помисли дека се работи за некаква ретроспекција на нечие детство, книгата е едно сосема ново, модерно, да го наречеме, доживување. Дури и формата во која е пишувана е хибридна, несекојдневна, што може да се толкува и како храбро за еден млад автор....
- Како читател повеќе сакам да читам книги кои се така напишани, кога авторот ме носи од едно место на друго, сосема лесно, за на крајот и да почувствувам дека сум побогата за многу искуства, знаења... Можеби и тоа влијаело да се обидам да напишам нешто поинаку, да не биде класична структура на роман. Всушност, „Музеј на детството“ е исполент со емоции, со различни приказни, доживувања, теми... Човек може да се изгуби на почеток, како што и при влез во некој Музеј може да се изгубиме ако нема некој водич или патека по која ќе се движиме. На крајот од книгата, дознаваме за каков музеј станува збор, дека тоа се книжевни експонати во замислениот Музај, а не е ретроспекција на нечии детство. Некои раскази може да функционираат самостојно, но низ романот се провлекува временска нишка, лесно се провлекуваат ликови од еден расказ во друг и создаваат целина, што може да ја наречеме фрагментиран роман.
Освен слики, за детството не' врзуваат и емоции, како што и самите рековте, а кои се прилично застапени и во „Музејот на детството“. Какви емоции кај Вас буди вашето детство, а со оглед дека имате деца, колку се разликуваат? И воопшто, треба ли детството без оглед на времето и местото, да се разликува?
- Различни емоции ме поврзуваат со детството, и убави и лоши. Сепак, мислам дека сум многу среќна и богата, што сè уште се дружам со другарки со кои сум седела во иста училишна клупа. Не можам да го опишам чувството кога покрај себе имате луѓе кои го познаваат вашиот глас и знаат што ви е, кај кои нема глумење и со кои многу лесно се отвораат лесни и помалку лесни теми за зборување. Нивните деца си играат со моите деца, како да се продолжува тоа што ние некаде го имаме оставено, откако станавме возрасни... има и такви, кои знаеш едноставно дека се тука за тебе, не мора да се слушаме секој ден, ама за значјаните моменти од животот се тука за прегретка, за утеха или за радост.
Моето детство се разликува од нивното, иако често сакам да им „протнам“ игри кои јас сум ги играла со другарките. Некогаш тоа ми успеа, но некогаш не. Се разликува многу и моето детство од т.н детство на мајка ми. Така и треба да биде, треба да се менуваат игрите, треба да се менуваат работите кои ги интересираат децата (порано ние собиравме салфетки, мирисливи ливчиња, детска пошта, а денес децата собираат попити, симпл димпл и сл). Тоа што мислам дека не треба никогаш да се смени е искреното другарство кое ќе остане. Тоа што секое дете треба да го има е играта, преку која учи да се натпреварува, да победи и да губи, да следи правила, но и некои да ги прекрши. Жал ми е што таа игра сега го има сменето местото, од игрите во двор и од улица, се преместени во онлајн-светот. И ова во голема мера го обработувам како тема – иднината во која се создава Музејот на детството е многу поинаков од она што денес го живееме, таму се е достапно со еден клик, изгубени се емоциите, чувствата, размислувањата „со своја глава“, сеќавањата. И причината зошто ликот Си го создава Музејот, е да ги зачува токму овие нешта, кои во времето кога таа живее веќе не се присутни. Сметам, дека не треба да дозволиме да се смени детството во толкава мера, и да се изгубат нештата што се битни за развојот на личноста.
Литературата за деца последниве години посебно се актуализираше и стана интересна за авторите, како и за читателската публика. Од каде поривот кај Вас да пишувате литература за деца?
- И тој порив сосема случајно се појави. Додека студирав никогаш не ни помислував дека некогаш ќе пишувам книги за деца. Но, како некој што сè уште го чува детето во себе, и некој што повеќе сака да си игра со децата... мислам дека си го најдов местото и засега ми е убаво во тој свет. Секако, и моите деца придонесоа да создавам нешто што и ним ќе им се допадне.
Што читате во моментов?
- Само што го завршив „Алеф" од Борхес.
Работите ли веќе на нови приказни?
- Имам две нови идеи за нешто што би можеле да испадне интересно, но сè уште не сум почнала со нивна реализација.
За крај, што сакате да порачате преку книгата?
- Да се разговара за чувствата и случувањата, колку и тие да се тешки, а разговорот да биде и меѓу родител-дете, но и меѓу врсниците; да се чува вистинското другарство; да се внимава во која мера се користат социјалните мрежи и колку од животот на децата е вистински, а колку е „специјално“ наместен за оние кои се на овие мрежи...
Книгата е достапна во книжарниците на Литература.мк.