Приказни од градот

Бајките ме натераа да научам да читам

23 јуни 2022

Месецов, на Меѓународниот ден на детето 1 јуни, беше промовирана едицијата „Нови бајки од Македонија", во издание на Движењето за поддршка на креативноста Иво Лауренчиќ – „Браво Сине!" и издавачката куќа „Арс Ламина".

Тенденцијата за креирање и интересот за читање детска литература на македонски, годиниве наназад забрзано искачува вертикали, што секако е за поздрав, а токму ваквите иницијативи придонесуваат за овој позитивен тренд.

Како што посочија и самите иницијатори, на отворениот конкурс се пријавиле фантастичен број на автори и илустратори, како позитивно изненадување. Конкуренцијата се однесувала на 316 автори и 61 илустратор, од кои четири од едната и од другата категорија имаа можност (поголем дел од нив за прв пат) преку авторско дело да ѝ се обратат на македонската публика.

Меѓу нив и младата уметница и илустраторка Јована В. Трајанова, која е наша соговорничка во овие наши Приказни од градот.

Јована ја оживеа „Перуника" на авторот Силбо. Ова е нејзина втора илустрирана книга за деца, покрај „Игра со придавки".

Ве покануваме во нејзиниот колоритен свет на игри, боја, карактери, креативна слобода, но и огромна одговорност особено кога најмладата публика е во прашање.

Неодамна преку едицијата „Нови бајки од Македонија" ја запознавме Перуника. Приказната е на Сибо, визуелизацијата е твоја. Каква беше твојата прва средба со Перуника, со оглед на тоа дека прво се запозна со приказната, а дури отпосле со авторот?

-Првата средба со Перуника беше љубов на прво читање, како што јас милувам да го наречам тоа што се случи. Таа беше првата бајка што ја прочитав од конкурсот, и во тоа време единствена, бидејќи бев решена по првото читање да аплицирам за неа. Уште од почеток имав оформено цел свет во мислите, карактерите добиваа лик и моливот лесно ги направи првите скици што ми потврдија дека треба да продолжам. Авторот Сибо ја има напишано Перуника толку вешто и убаво што невозможно е да се остане рамнодушен. Иако не го познавав неговата порака и цел веднаш ми беа јасни. Прв пат разговаравме дури од кога официјално беше објавено кои илустратори се одбрани и коментарите од авторот само уште толку помогнаа да се чувствувам сигурна во себе при цртањето, иако ова ми беше прв проект од ваков карактер. Сега на крајот на проектот кога ги гледам финалните дела се чувствувам како бајките да не одбрале нас, а не ние нив.

Што имаше најголемо влијание при илустрирањето на приказната? Каде беше почетокот на инспирацијата и каков беше нејзиниот развој?

-Уште од кога ја прочитав сакав едно нешто да доловам - изглед на бајка. Нешто магично, волшебно и необично. Растејќи се сеќавам колку значајни беа за мене сликовниците и бајките, како ме натераа да научам да читам за да можам да ги разбирам сама и претпоставувам помогнаа да бидам креативната личност што сум денес. Во секоја идеја која ја ставав на лист хартија го барав токму тоа чувство кое сѐ уште го негувам и ми помага. Ликовите ги направив човечки исто колку што се и цветови. Некоја мешавина што држи баланс помеѓу поистоветување со ликовите, но во исто време гледање на нив како нешто надвор од овој свет. Прво го нацртав малиот Крал Златен Крин онака како што го визуелизирав на прво читање. Сѐ уште мал, повлечен во себе, со златна наметка од кринови ливчиња, со круна и златеста коса облечен во виолетово за да ја преставува бојата на земјата во која живеат. Перуника сакав да биде нежна, но со навистина истакнат карактер кој ја отсликува. Облечена во виолетово, кое симболизира дека иако не е од таму припаѓа меѓу нив, и со светло руса коса налик на внатрешноста на вистинските цветови. Втората фаза беа скици за композицијата на секоја страница според текстот и последната беше детално цртање на истите. Иако беше предизвик сето ова во ниту еден момент не беше тешко, токму напротив.

Какви се тенденциите во домашната илустрација? Колку е отстапен простор за „илустрација на македонски"?

-Иако од скоро работам со илустрација одамна следам македонски илустратори и можам да кажам дека кај нас од секогаш имало простор за креативно изразување, иако знае да изгледа како еден релативно затворен круг. Она што навистина ме радува е постоење на конкурси како овој, што го отворија Арс Ламина и Браво Сине, со цел да дадат шанса на секој од нас да покажеме што можеме. За мене илустрирањето на Перуника беше прво вакво дело и можност, исполнување на сон од детството. Тоа се случи благодарение на шансата да аплицираат нови автори кои ќе бидат оценети во однос на нивните можности без да биде пресудна возраста или портфолиото кое токму вака и најлесно се гради.

Колку во оживувањето на ликовите има рефлексија од твојот карактер?

-Верувам дека доста има улога сопствениот карактер, но според мене вистинската уметност е во тоа да се долови различноста кај секој од ликовите. Некој е авантуристичен, друг мрзелив, некој е љубезен или пак е груб. Посебно кога се работи на книги за деца секогаш најважното е да се истакнат карактеристиките и да се направи лик кој лесно се препознава и памети. Не е секогаш лесна задача, но исклучително важна. Во две вакви книги кои ги илустрирав досега има тројца главни ликови со сосема различни карактери што ставени на хартија зрачат различно и така секој од нас ги восприема и памети.

Поголема е слободата или одговорноста при илустрирањето бајки и литература за деца?

-Двете се огромни кога се илустрира литература за деца. Дел од одговорноста лежи во тоа внимателно да се одбере темата, ликовниот израз, боите и секако да се нацртаат ликовите правилно за да бидат сфатени од страна на децата. Она што веќе го споменав со отсликување на нивните карактери што воедно е и лекција за најмалите за тоа како треба да се однесуваат, што се добри навики и карактеристики и да препознаваат одредени добри и лоши работи. Од друга странат слободата не само што е огромна туку и ваквите илустрации те тераат да забележуваш и црташ работи што како возрасен инаку не би ги гледал. Некое мало поточе со риба во него, верверичка на дрвото, птици во далечината и многу такви ситници кои и вдахнуваат живот на илустрацијата а ние како возрасни веќе немаме тенденција да ги забележуваме во секјдневието, за разлика од децата.

Учествуваше на фестивалот за јапонска култура Нихон-Џи каде што директно илустрираше на „позадина" на хаику поезија. Какво е искуството од таму и колку јапонската култура има улога во твојот авторски израз?

-Јапонската култура е многу богата и е ризница на инспирации, од минатото па до денес. Не можам да им одолеам на анимациите кои произлегле од вештите раце на јапонски мајстори за правење филмови, колку пати и да ги гледам. Огромен фан сум на филмовите на Studio Ghibli и тие ми се секогаш инспирација, посебно кога треба да цртам за деца. Две мои дела на тема "Draw this in your style" кои беа изложени на фестивалот Нихон-Џи беа кадри од филмови на Studio Ghibli кои јас ги исцртав во мој стил. Цртањето во живо беше само уште еден предизвик да се работи пред луѓе кои се истомисленици на таа тема и сакаат добар цртеж а она што го нацртав во половина час беше мешавина од илустрација за деца со елементи од познатото дело „големиот бран кај Канагава".

Кој е печатот на твојата уметност, што ја прави карактеристична?

-Како што минува времето учам нови работи кои знаат да го променат стилот, дури и драстично понекогаш. Обожавам повеќе видови на уметност и изразување. Во факултетските денови, со оглед на тоа што завршив ликовна академија, поточно класично сликарство бев претежно фокусирана на слики изработени со масло, портрети, пејзажи и се што може да се нарече реализам. Покрај тоа, како љубител на стрипови, во слободно време често знам да нацртам кратки стрипови и да ги пратам на конкурс или да ги споделам онлајн за читање. По пандемијата се посветив на илустрации кои се весели, шарени и волшебни со цел да избегам од реалноста која тогаш на сите ни беше претешка и така дојдов до моментот денес да илустрирам за деца. Процес на непрекинато учење, експериментирање и желба да се постигнат нови цели. Ако морам да одберам нешто што е карактеристично во се ова, можеби преференцата да цртам женски ликови за кои секогаш се трудам да покажат карактер, убавина, нежност и да пленат со нацртаната харизма.

Во што препознаваш најголем предизвик, а воедно што лично е најголемата сатисфакција за тебе во универзумот на визуелната уметност?

-Моментално нема поголема сатисфакција од тоа да видам дечиња што ја читаат „Перуника“ или „Игра со Придавки“. Тоа е најголемата награда и причината поради која цртам. Насмевка на детските лица, прашања и љубопитност за ликовите, приказната и цртежите. Како илустратор сакам секое мое дело да може да допре до некој и да поттикне чувства, да ја разбуди имагинацијата и од еден обичен цртеж да истолкуваат цела приказна позади него. Сакам да направам дела што ќе останат и ќе бидат запаметени.

Што ти го окупира професионалното време периодов?

-Работам полно работно време како графички и UX/UI дизајнер а во слободно време продолжувам да цртам со секоја можна минута во денот за да се релаксирам. Како креативец овие моменти ми се многу важни бидејќи ме орасположуваат и ме држат во допир со мојата природа и карактер. Сакам продуктивни денови на работа, но и после неа. Во моментот не работам на поголеми проекти, но кога можам го посветувам времето на цртање илустрации на различни теми кои ме инспирирале во текот на денот или неделата.

Објавено:
23 јуни 2022
Категорија: 
Стории
Прочитано:
407 пати