Кога станува збор за модата, не може а да не се спомене Ана Винтур. Уредничката на престижното модно списание Vogue се наоѓа на врвот на индустријата повеќе од 30 години, а денес е една од најпознатите и најмоќните жени во светот на модата.
Нејзиниот авторитет претставува долгогодишна инспирација за промени во модната сфера и медиумите, а таа самата честопати е тема на восхит за која се пишуваат бројни написи, книги, па дури и се снимаат филмови.
Сепак, како и за многумина други, успехот на Ана Винтур не дошол преку ноќ, ниту пак низ нејзината кариера отсекогаш течеле „мед и млеко". Честопати била мета на критики и негативни коментари, но нејзината силна визија и истрајност не дозволиле тие да ѝ се испречат на патот кон успехот.
Како жена која докажано знае како да дојде до врвот и да остане таму, Ана несомнено претставува извор на бројни корисни совети. Во прилог одвојуваме нејзини пет најмоќни деловни совети.
„Застанете зад вашата визија"
Изградете ја вашата визија на начин што другите ќе можат да ја разберат и поддржат. Според Винтур, дипломатијата е добра алатка, но таа сепак промовира јасно изразување на ставовите и решителност. „Неодлучноста може да биде полоша од погрешната одлука", објаснува Ана Винтур на својот мастерклас. Брендот треба да биде во фокусот на сите одлуки и потребно е да се одлучи во која насока ќе се развива. Откако ќе се посветите на вашата визија, ќе бидете подобар менаџер.
„Бидете лидери на промени"
Понекогаш ќе биде неопходно да се донесат некои смели одлуки, кои не мора да бидат популарни, но Ана вели дека не треба да се плашите да направите навидум „погрешни" избори кои поттикнуваат дискусија и водат до промени: „Податоците не можат да ви кажат сè. Не можете да изградите публика преку податоци – тоа доаѓа преку креативниот талент", тврди Винтур и истакнува дека вистинските лидери не ги следат податоците, туку ги предвидуваат трендовите.
„Изградете идни лидери во индустријата"
Како личност на врвот на модната индустрија, Ана Винтур се обиде преку својата работа да подигне нова генерација млади дизајнери и на тој начин да помогне во обликувањето на иднината на индустријата.
„Изградете разновиден тим"
Кога бара соработници, спротивно на очекувањата, не ја интересира што носат, туку што прават во слободно време - кои се нивните хобија, кои книги ги читаат. Идејата на Ана е да формира разновиден тим со чија помош ќе се опфатат различни теми и перспективи, а кога ќе најде луѓе на кои им верува, им дава голема автономија и избегнува микроменаџирање.
„Останете во тек"
Без разлика каква работа работите, Ана Винтур советува да ги држите ушите и очите отворени и да следите што се случува во светот. Таа, исто така, ја нагласува важноста на љубопитноста и отвореноста: „Поминете што е можно повеќе време добивајќи креативна поддршка како што се читање книги, одење во театар, прошетка..."