Девојките со точаците порачуваат: Најдобро превозно средство со кое трошите калории, а не пари!

24 јуни 2015

Многумина ќе кажат дека возењето велосипед е најубавата работа на светот, тоа е нешто во што лудо се вљубуваш, нешто без што не можеш, нешто со што се чувствуваш најслободно на свет. Во пресрет на два прекрасни настани поврзани со промовирањето на културата на возење велосипед и подобрувањето на условите за велосипедистите, ние имавме можност да се сретнеме со седум девојки кои се зависни од возењето велосипед. Секоја тотално различна, но подеднакво вљубена во овој начин на живот, тие ни ги раскажаа нивните приказни поврзани со овој спорт и рекреација. За сите обожаватели на велосипедите, токму денеска, во 19 часот ќе се случи Критична маса #38 „Саглам паркинг, раат кафе“, со старт во Паркот на франкофонијата, од каде бројни велосипедисти ќе побараат соодветни паркинзи и безбедни локации за нивните велосипеди. Веќе во недела, со почеток во 09 часот пред „Порта Македонија“ ќе се одржи завршниот настан на проектот „Со велосипед на пат низ целиот град“, што АМСМ го иницираше во соработка со ФИА за поголема безбедност на велосипедистите во сообраќајот. Во продолжение во нашата сторија со која сакаме уште повеќе да ја подигнеме културата на возење велосипед и да побараме подобри услови, погледнете ги овие инспиративни девојки кои не можат ниту еден ден без нивниот најдобар „пријател“ – велосипедот!

Фаниа Гиачо

-Велосипед возам од најрана возраст. Првиот велосипед го добив на четири ипол години, се сеќавам беше лето, но веќе беше стемнето. Од возбуда не можев да дочекам да дојде утрешниот ден. Ги замолив моите родители да ги извадат помошните тркала и да слеземе долу пред зградата за да научам да возам. Црвена во образите од возбуда и насмеана, се сеќавам многу добро како правев крукчиња. Веднаш се ослободив и научив да возам истата вечер.

fania (1)

На прашањето дали во Скопје има доволно патеки за велосипеди и услови за велосипедистите, Фаниа вели дека сега нема многу патеки, но и се надева дека ќе има со оглед на тоа што сѐ повеќе луѓе возат велосипед во последниве години.

Ја прашавме и дали би тргнала со велосипед на подолг пат, на што таа, сосема очекувано, ни одговори потврдно.

„Секако дека да. Со добра опрема и добро друштво. Едвај чекам тоа да се оствари“, вели Фаниа.

fania (2)

За крај, таа ги советува сите читатели на Fashionel дека ако се супер временските услови, нема подобро превозно средство од велосипед, за на работа, за прошетка, за на кафе со пријателите, за на факултет...

Во моментов, таа вози супер lady bike, бидејќи, како што вели, за девојки е попрактичен за во град.

fania (4)

„Собирам средства за mountain bike. Во август ќе може да ме сликате со него на некоја планина (се смее)“.

fania (3)

Катерина Попева

- Возам велосипед од кога знам за себе. Тоа ми беше првата спортска активност кога имав пет години. Дедо ми работеше во Белград и ми го донесе од таму. Велосипедот беше црвен BMX и првите крукчиња што ги возев со него беа во околината на Тафталиџе и Карпош, по прекрасните улички на овие две населби. Тоа беше вистинско задоволство, сѐ уште добро се сеќавам на моето искуство со мојот црвен велосипед.

kate (1)

Слично како и Фаниа, и Катерина апелира на тоа дека треба што е можно побрзо да се направат велосипедски патеки и да се подобрат условите за велосипедистите.

kate (3)

„Нема никакви велосипедски патеки, освен на Кеј и мислам дека градот Скопје треба да се погрижи за тоа и самите луѓе да имаат повеќе свест за велосипедската култура и почитувањето на велосипедистите. Велосипедот е најдоброто превозно средство што треба да се почитува повеќе од моторно возило“, посочува Кате.

kate (2)

На прашањето дали би тргнала со велосипед на некоја далечна дестинација, Катерина вели:

„Секако дека би тргнала на пат со велосипед и на подалечна дестинација. Јас сум спортист и ова ми е следниот спортски предизвик, да си купам road bike и да тргнам на пат со велосипед. Досега сум возела низ цело Скопје и еднаш на одмор од едно градче до друго. Никогаш не е доцна за нов предизвик. Препорачувам велосипед бидејќи е најдоброто превозно средство. Одличен е за сите оние кои сакаат да ја намалат телесната тежина и да спортуваат во природа. Воопшто не сакам автомобили и било какви моторни возила, едноставно, велосипедот е најдоброто нешто што може да му се случи на еден човек (се смее). Најдоброто чувство на светот е она кога возиш велосипед и ти дува ветер во лицето“.

kate (4)

Маја Топчар

-Првиот пат кога отидов во Амстердам 2008 година беше одлучувачкиот момент кога решив дека велосипедот ќе биде мојот секоjдневен придружник. Ако цел град може да вози велосипед на толку ладна зима со замрзнати канали, можам и јас во Скопје. И токму тоа и го направив. Првиот велосипед го добив кога имав пет години. Црвен BMX. На него научив да возам, ми текнува дека и покрај тоа што имаше исправни кочници, јас сакав да кочам со патики по асфалтот. Првите крукчиња... Во моето старо маало, помеѓу Универзална и Буњаковец, ги раскажува Маја првите искуства со велосипед.

maja (1)

„За жал Скопје нема велосипедски патеки. Ако сакаш да возиш велосипед низ Скопје, само силната желба може да те води, а не инфаструктурата која е непостоечка. Ќе инвестираш во убав велосипед и за многу кратко време ќе го искршиш. Тротоарите високи, улиците со дупки, возачите не те ни приметуваат дека постоиш, па дури и "велосипедските патеки" се со сѐ што не треба: билборди, контејнери, автобуски станици, паркирани коли...“, посочува Маја.

maja (2)

Како и другите две девојки, и Маја без проблем би тргнала на долг пат со велосипед, но ќе каже дека за тоа секогаш е потребно вистинско друштво.

„Не сум тргнала со велосипед надвор од Скопје. Така да, освен низ цел град и Водно, тука можам да ги вбројам и примерите кога ги ставаме велосипедите на кола па возиме низ Македонија. Поголема слобода од возење велосипед не постои. Не зависиш од семафори и сообраќај и што е најважно, не загадуваш, а како плус може да биде и тоа што си одржуваш фит форма“, вели Маја.

maja (3)

Со неа поразговаравме и за тоа каков е нејзиниот моден стил кога вози велосипед, на што таа ќе каже дека не чувствува дека велосипедот го диктира нејзиниот стил.

„ Мојот стил на велосипед е разновиден. Не се чувствувам дека велосипедот го диктира мојот стил. Носам сѐ на велосипед, од чизми до сандали па и потпетици, меѓутоа , стилот секако е претежно лежерен и casual. Мојот city bike не ме ограничува ни за возење до работа, ни за одење на кафе, ниту пак за излегување навечер. Спортската облека му ја препуштам на мојот Mountain bike“.

maja (4)

Ана Андоновска

-Велосипед возам од мала, веројатно од 5-6 години. Првиот велосипед го добив на истата возраст и првите крукчиња ги направив во маало.

„За тоа дали Скопје има велосипедски патеки, ќе кажам делумно. Скопје сѐ уште нема изградено добра велосипедска мрежа, постоечката е во лоша ситуација (со мали исклучоци). Новите патеки кои се прават треба постојано да се надгледуваат, како што тоа го прават луѓето од „НаТочак“, и да им се даваат сугестии на надлежните каде грешат, и како треба да изгледаат велосипедските патеки“, вели Ана.

Како и другите девојки, и Ана би тргнала на подолг пат со велосипед, но со задолжителна претходна подготовка. За нејзиниот стил на велосипед ќе каже дека не се разликува од оној кога е пеш, или со било кое друго транспортно средство.

ana (3)

„Велосипедот воопшто не ме ограничува да облечам што сакам. Секогаш зависи од поводот и дестинацијата каде сакам да стигнам, а не од превозното средство“, вели Ана.

За крај, таа посочува неколку супер причини зошто е кул да се вози велосипед:

-Поради ослободувачкото чувство кое го имаш кога си на велосипед

-Поради слободата што ја имаш да тргнеш по кој пат сакаш, кога сакаш (читај - не чекаш превоз)

-Поради тоа што можеш да видиш многу повеќе од градот

-Штедиш на пари и време

-Штедиш на нервоза и утрински гужви

-Велосипедот те релаксира и ти ги ослободува мислите

-Претставува дневна доза фитнес

-Во Македонија има супер клима за велосипед

-Зошто да не!?

Сашка Мишевска

-Научив да возам велосипед уште од мала. По детството и пубертетските денови, искрено некако го запоставив поради ролерите, но кога го добив овој велосипед на подарок пред некоја година, повторно ми се врати љубовта кон возењето и сега настојувам во секоја прилика кога можам, да го заменам авотмобилот со велосипедот. Првите крукчиња ги „свртев“ со моето црвено-жолто „точаче“ со помошни тркала, кое сѐ уште го чувам како спомен од еден од најважните моменти во детството. Како и сите деца, едвај чекав да ми ги тргнат помошните тркала, па и јас да возам како „големите“ . Потоа следеа предизвиците да возам „стоечки“, па потоа „со една рака“, па „без раце“.... тие што возеле велосипед како дете разбираат на што мислам.

saska1 (1)

На темата дали на Скопје му се потребни велосипедски патеки и за тоа какви се постоечките, Сашка вели:

„Скопје има само обид да има велосипедски патеки. Искрено, таму каде што ги има низ градов, попусто се означени, кога не се направени како што треба, а и никој не ги почитува. Не е само да се облежат , патеката не ја прави црвената или белата линија, туку и подлогата која треба да е без ниту една дупка. Треба да се израмнат и да се постават граничници за автомобилите и пешаците да не се движат по нив, за да може ние велосипедистите да возиме без да правиме милиони компромиси во сообраќајот за да стигнеме на дестинацијата на која сме тргнале, а и да не им пречиме на автомобилите возејќи по улиците“.

saska1 (2)

За далечните дестинации како супер опција со велосипед, Сашка вели:

-Мојот велосипед не е за долги дестинации, бидејќи е наменет за градско возење. Но, предизвик ми е да си купам велосипед за возење по планински патики, бидејќи велат дека чувството на спојот на природата и двете тркала било прекрасно. Најдалечната дестинација на која досега сум била со велосипед е многу скромна, до Марков Манастир.

saska1 (3)

„На сите им препорачувам велосипед, затоа што е „фраерски“ да возиш, бидејќи со него не го загадуваш воздухот, не се замараш со паркинг, а притоа трошиш калории, а не пари за превоз“.

За стилот на велосипед, Сашка вели дека секогаш ги бира парчињата во зависност од тоа дали вози рекреативно, кога носи спортска облека, а доколку го користи како превозно средство, тогаш секогаш настојува да биде лежерно облечена за да може да вози подолго.

Цена Плавевска

- Првиот велосипед го добив за мојот шести роденден (BMX – бел, со сини тркала ) кој ден денес стои во мојот подрум како убав спомен и се "чува" за идните генерации. Првите крукчиња ги свртев во моето маало каде што мојот татко трчаше по мене и ме држеше за задниот дел од седиштето и викаше: држи право,држи право...неее.... (се смее). По многу обиди,грешки и 26 модрици, се охрабрив да продолжам и да возам до ден денес.

cena (1)

Цена ќе каже дека Скопје е град каде што треба да се работи прво на свесноста на луѓето за возење на велосипед, градење на културата на пешаците кои поминуваат на велосипедските патеки и возилата кои постојано се паркирани на недозволени места.

„Велосипедските патеки не се доволни, почнати се и недовршени, со високи тротоари, билборди на сред патеки и мноогу дупки. Мојот велосипед е city bike и не е спремен за ваквиот "урбанистички план", вели Цена.

cena (3)

Слично како и Ана, и Цена има многу причини зошто е добро да се вози велосипед:

-Витка линија и согорување на калории

- Возењето делува релаксирачки и го ослободува стресот

-Економичност

-Најважно: Фенси и фраерски е да се вози велосипед!!!! Go Girls!

cena (2)

За Цена, стилот на велосипед секогаш е во зависност од расположението и приликата на возењето: спортски кога е рекреативно, лежерно како за на работа и поелегантно за на кафе.

„Секој стил е дозволен за на велосипед доколку се чувствуваш убаво и комотно во тоа што го носиш“, вели таа.

Сања Николовска

- Уште како многу мала почнав да ги сакам агресивните спортови...виновник за тоа е мојот постар брат вљубен во екстремно возење ролери и велосипед, па некогаш успевав крадејки, да се повозам некое крукче. Првиот велосипед го добив за мојот шестти роденден, и тоа беше едно од најубавите изненадувања за мене. Првите крукчиња ми беа некаде низ битолските улици со помош на брат ми кој како постар и поискусен ми се смееше на моите крвави коленици (се смее).

sanja (1)

„Скопје има патеки, но само колку да се каже дека има. Премногу се оштетени, тотално нефункционални и неупотребливи. Ги има таму кај што се најмалку потребни“, вели Сања.

Таа посочува дека на долг пат не би тргнала со нејзиниот велосипед, бидејќи сака градско возење и не се чувствува многу спремна за mountain bike или off – road.

sanja (5)

„За такви долги релации треба одлична опрема а и добра кондиција пред сѐ. Сега за сега сѐ возам секаде низ градот. Од едниот крај на Скопје до другиот“, вели Сања.

sanja (3)

„Велосипедот пред сѐ друго, јас го гледам како најзабавно превозно средство што ме прави среќна. Временските услови и не се толку важни за оваа забавна активност... Може да се практикува и во друштво и самостојно...Покрај тоа, без многу физички напор, се согоруваат доста калории, што на нас девојчињата посебно ни одговара (се смее). Не го загадуваме воздухот, избегнуваме голема гужва низ градот, немаме проблем со паркирање, а дефинитивно после секое возење, имам загарантиран квалитетен сон. Спијам како бебе“, завршува Сања со предностите на возење велосипед.

sanja (4)

Објавено:
24 јуни 2015
Категорија: 
Стории