„Долче и Габана ги заменија кристалите со плетенини", вака гласи еден од насловите на Харперс Базар посветен на последната Алта Мода колекција на италијанскиот двоец промовирана неодамна во егзотичното Арбелобело.

И кога од Долче и Габана неминовно ги очекувате за нив препознатливите луксузни скапоцени камења нашиени на ексклузивни ткаенини, тие направија пресврт и очекувањата ги заменија со изненадување, позитивно во секој случај. Понудија една друга форма на луксуз – рачно изработени плетенини, во различни техники и со различни материјали, од памучен и свилен конец до здолништа од плетени корпи.
Традиционалните техники на плетење кои биле секојдневие за нивните баби кои живееле на Сицилија, се појдовната точка на приказната со која Долче и Габана прикажаа една своја поинаква страна во која традиционалните занаети беа ставени во фокусот на вниманието.

Се покажа како одличен потег! Во време кога модната индустрија е презаситена од брза мода, задача на Високата Мода е да едуцира, да ги негува вредностите, уметноста и занаетчиството, кои впрочем се и нејзината суштина – врвот на модниот дизајн.

„Најсоодветниот термин кој може да „залепи" за оваа колекција е автентичност", претходно посочија од брендот на една од прес конфекенциите со која ја најавија колекцијата.
И не можеме повеќе да се согласиме. Автентичност по мерка постигната само преку прецизноста на мајсторите на занаетчиството.







