Дора Калмус - жената што фотографираше за легендарните дизајнери и уметници

20 ноември 2023

Дора Калмус или како што самата се нарекуваше Мадам Д'Ора ја имаше ретката привилегија да ги фотографира големите уметници, луѓето од елитата и да биде главен фотограф на модните дизајнери.

Таа успеа со својот објектив да го долови животот во два големи града Париз и Виена, местата каде се случуваа најголемите настани во светот на модата и уметноста.

Дора преку своите фотографии ни ја прикажа Виена кон крајот на 19 век и Париз во 20-те и 30-те години на минатиот век.

Помеѓу многуте познати ликови кои се најдоа пред нејзиниот објектив беа Густав Климт, Жосефин Бајкер, Коко Шанел, Ана Павлова, Елса Скијапарели и Пабло Пикасо.

Калмус се родила во богато еврејско семејство 1881-ва. Нејзината желба да стане глумица/моден дизајнер не наишла на одобрение од нејзиниот строг татко адвокат.

На еден семеен летен одмор, за прв пат почнала да експериментира со Kodak фотоапарат и за кратко се заљубила во фотографирањето.


Сакав да се изгубам во свет за којшто мислев дека ќе биде и мој.

Младата Дора наишла на уште една пречка кога не и дозволиле во целост да ја помине обуката за фотограф, само затоа што била жена.

Но, и тоа не ја спречило па во 1907 го отвора своето ателје под името Atelier D'Ora. Таму ќе работи заедно со својот долгогодишен асистент Артур Бенда.

Дора ќе биде одговорна за сè што спаѓа во креативниот дел, додека на Артур му ги препушта само техничките детали.

Прв за неа, во ателјето ќе позира познатиот предвоен сликар од Виена Климт. Заедничкото за сите портрети на Дора била нивната енергија, имагинација и сензуалност.

Секој лик зрачи со автентичност и реалистични, природни пози, за кои Дора имала специјална техника -таа пред да ги фотографира им помагала да се релаксираат преку неформален опуштен разговор.

Нејзиниот голем талент се прочул надалеку, па за кратко станува омилена соработничка на големите модни магазини, како францускиот Vogue, Tatler и Vanity Fair. Таа ќе стане и главниот партнер на L'Officiel.

Секоја haute couture колекција мораше да помине низ нејзиниот објектив.

Големиот Кристобал Баленсијага, кој бил нејзин добар пријател, ги праќал неговите модели од ателје директно кај Дора во студио за фотографирање.

 
 
 
View this post on Instagram

A post shared by Summer Rain (lsummer_rainl)

 
 
 
View this post on Instagram

A post shared by c_ameera

Но, Војната ги менува работите - нејзиниот поствоен фотофокус веќе не се дизајнерите и елитата, туку лицата од концентрационите логори, иселениците и последиците од пустошот.

Во текот на најзината кариера која траела 50-на години, Дора направила повеќе од 20.000 фотографии што ја прави една од најплодните фотографи.

Со своите црни шапки на глава, беспрокорен стајлинг со потпис на Шанел и скапоцен накит Дора никогаш не престана да работи, сè до 1959-та кога доживела сообраќајна несреќа.

Последниот портрет е тој со Пабло Пикасо направен кратко пред несреќата.

Дора починала во 1963, а сите нејзини фотографии биле оставени во сопственост на еден Германец кој што се погрижил долго време да не бидат видени.

Сепак неправдата била исправена, па така денес ремек делата на Дора можат да се видат изложени во повеќе галерии.

Објавено:
20 ноември 2023
Категорија: 
Стории