Exclusive editorial by Elena Luka

FEEL Like A Woman: Жени, бидете и кралици и лавици!

8 март 2021
Во овој дух, модната куќа Елена Лука подготви ексклузивен едиторијал посветен токму на жената и нејзиното право да биде и изгледа како сака. Да се чувствува убаво - и одвнатре и однадвор. Да продолжи да биде своја и силна. И кога љуби и кога тагува и кога се радува и кога се бори!

Лила, како заштитно лице на брендот ја раскажува оваа приказна за жените кои можат да бидат и дами и темперамтнени и диви и домаќинки и спортиски и успешни.

„Би им посакала на сите жени да уживаат во својата кожа, да бидат и кралици и лавици. И на крајот, секоја жена заслужува да биде и Елена Лука жена. Среќна сум што сум една од нив!“, вели водителката.
 
Драги Жени,
 
вие што сега го читате ова. Денеска е денот кога треба да ги славиме сите економски, политички и општествени достигнувања. Кога треба да славиме што имаме право на глас и на избор. Што имаме право да кажеме што мислиме и да (на)правиме промени.
 
Се чувствате ли гордо? Успешно? Достојно? Убаво?
 
Застанете и размислете што сè сте поминале до овој момент. Колку подеми и падови, колку вложувања во себе и своето знаење? Колку одрекувања за да се најдете во овој момент каде што сте сега? Колку чекори се вративте наназад, но колку бевте истрајни да направите нанапред? Сетете се што проживеавте и преживеавте.
 
Ти со кратка коса и ти со бујна долга коса, ти што сакаш да спортуваш и ти што сакаш да бидеш секогаш елегантна, ти што не се шминкаш воопшто и ти што без кармин не излегуваш од дома. Ти што обожаваш да готвиш и ти што никогаш ништо не си зготвила. Ти што си мајка и ти што не сакаш тоа да бидеш. Ти што имаш свој бизнис и ти што бараш работа... Сите сме различни, посебни, свои, но се соочуваме со исти нешта.
 
Стереотипи, предрасуди, лоши погледи, потценување - за нашите емоции, за нашите избори, нашата способност и подготвеност... Да, тоа знае и да фрустрира и да предизвика лутина, болка...
 
Исти сме и во срцето на кое му треба љубов, исти сме во окото кое заплакало, исти сме во усните што сакаат насмевка, тело што треба да го сакаме и да го сакаат...
 
Честопати и не сме свесни што сме постигнале. Уште почесто бидејќи се очекува од нас да се вкалапиме, а ако не сме тамам во калапот, тогаш како да не сме доволно добри. Или ако се вкалапиме, тогаш сме просечни. 
 
 
Сакам да се омажам - Зарем тоа е единственото нешто кон кое целиш во животот.
Нема да се мажам - Огорчена феминистка која не сака семејство.
Сакам деца - Како само децата да се цел во животот.
Не сакам деца - Себична, нешто не е во ред со неа, има тука нешто.
Сакам да останам дома со семејството - не ја пуштаат, само семејството ѝ е и ништо друго.
Сакам да излезам - лоша мајка, се излегува ли со деца по дома. 
Сакам да се дотерам - сигурно има некој. Пробува да го добие шефот.
Не ми се дотерува - Види ја каква е несредена, кој ќе ја земе ваква не знам.
Сакам тетоважа - Види кај ставила тетоважа, мора да се дрогира.
Не сакам тетоважа - Оваа е старомодна.
Гласна сум - види ја се дере.
Тивка сум - Глас не можеш да ѝ слушнеш...
Возам автомобил - Мора да е катастрофален шофер, не седнувам со неа.
Не возам автомобил - Не знам што чека, 21 век е, веќе секоја жена вози.
 
 
Да продолжиме?
 
 
Списокот за жал е долг и многу често и во иднина ќе наидуваме на некој што ќе го спори нашиот избор и одлука.  Но, имаме право да ја донесеме. 
 
Да им заблагодариме на генерации жени пред нас и да бидеме истрајни во добивањето и остварувањето на нашите права.
 
И ако мислите дека тоа денеска е нормално (што и би требало секако да биде), додека ова го читате, некоја жена не може да добие пасош без согласност на својот сопруг, некоја мора јавно да се извини за селфи фотографија, некоја девојка не смее да го држи своето момче за рака во јавност, некои не смеат  да носат фармерки или да ја бојадисуваат косата. Некои не смеат сами да го изберат човекот со кој што сакаат да го поминат животот. Некои не знаат ни како изгледа гласачка кутија. А некои не знаат ни што се тоа тампони, ниту смеат да ги користат. Модно списание, што е тоа? Кариера?
 
Така што, ако мислевте дека борбата е готова, не е.
Но, за да успееме, првин мораме самите да веруваме дека вредиме. Да се сакаме и прегрнеме самите. А потоа и една со друга.
 
Дајте да си бидеме една на друга повеќе поддршка отколку критика.
За нас се работи.
 
Да си го чуваме грбот една на друга. Да завладее почитта - кон самите себе и кон другите жени.
Жени сме и секоја од нас има моќ, дајте да ја обединиме.
 
И во овој дух, модната куќа Елена Лука подготви едиторијал посветен токму на жената и нејзиното право да биде и изгледа како сака. Да не заборавиме да го негуваме тоа што го носиме во себе. 
 
Лила, како заштитно лице на модната куќа ја раскажува оваа приказна за жените кои можат да бидат и дами и темперамтнени и диви и домаќинки и спортиски и да се негуваат и да бидат тажни и да бидат среќни и да бидат секси, да бидат сакани.
 
 
Да бидат жени - кралици. Да бидат жени - лавици!

„Би им посакала на сите жени да уживаат во својата кожа, да бидат и кралици и лавици. И на крајот, секоја жена заслужува да биде и Елена Лука жена. Среќна сум што сум една од нив!", вели водителката.
 
„Веќе е познато дека жената е во центарот на креативноста и инспиративноста на модната куќа Елена Лука. Без разлика на професијата, обликот на телото, возраста, емоцијата, на сите нас ни е заедничко нели тоа што сме Жени и со самото тоа имаме една посебна моќ.
Овој пат се одлучивме да направиме еден едиторијал, каде потенцирајќи ги неутралните тонови при изборот на облека, дадовме акцент на експресијата, на емоцијата... Едиторијал со кој само сакаме да потсетиме дека жената навистина ја има таа способност да биде и нежна и секси и борбена и дива и кротка и професионална и елегнатна и гламурозна. Секоја жена е убава на свој начин и секоја носи своја сила и моќ, а кога жените ќе се обединат тогаш навистина можеме да направиме чуда. Ова е само еден ден кога се потсетуваме на нешто што би требало да биде секојдневие – взаемна поддршка, поттик и борба! Секаде и за секоја жена", вели г-ѓа Елена Пандева, сопственик, генерален менаџер и водечки дизајнер на Елена Лука.

 
 
 
 








Едиторијал: Feel Like A Woman

Комбинации: Елена Лука
Фотографии: Елена Лука
Шминка: Лидија Перчинкова
Организација и реализација: Елена Лука, март 21

 

Објавено:
8 март 2021
Категорија: 
Стории
Прочитано:
464 пати