Хуманата страна на модата

5 декември 2014

Декември - последниот месец во годината е период кога магијата и љубовта царуваат, кога се сумираат последните впечатоци и се прават крајните подготовки за да ја испратиме старата година и да ја дочекаме новата. И покрај фактот што Дедо Мраз не постои сепак, чуда се случуваат. Модните дизајнери кои со неверојатна брзина ја движат машината на модната индустрија покрај тоа што имаат брилијантни идеи за креирање на секогаш инвентивни и невообичаени модни приказни наоѓаат време својата енергија да ја насочат и кон хуманитарни проекти. Во продолжение еве неколку аргументи за тоа како модата му помага на светот.

Викторија Бекам лансираше маици за борба против сида

Први декември е меѓународниот ден за борба против СИДА. До сега се одржани многу предавања, семинари и покренати се голем број иницијативи со цел да им се помогне на сите оние кои се директно засегнати од оваа болест, но и за сите оние кои не се доволно едуцирани за последиците и причините од оваа болест. Модната дизајнерка Викторија Бекам како амбасадор на Обединетите Нации, креираше маици на кои е аплициран препознатливиот симбол – црвената панделка. Сите приходи од продажбата ќе бидат донирани во ОН кој им помага на сите оние кои се веќе инфицирани и има цел да стави крај на епидемијата ХИВ во 2030 – та година. Сите заинтересирани маиците можат да ги купат онлајн или во продавницата на Викторија Бекам во Лондон.

Добротворна аукција Grande Braderie de la Mode

 

Добротворната аукција Grande Braderie de la Mode, се одржува два пати годишно со цел да се соберат финансиски средства за борба против СИДА – та. На последните две продажби кои ќе се случат денес – 5 – ти и утре 6 – ти декември во Париз, а подоцна на 11 – ти и 13 – ти декември во Марсеј ќе бидат вклучени облека и модни додатоци потпишани од Баленсијага, Сен Лоран, Жан Пол Готје и на уште 150 други модни куќи.

Карл Лагерфелд им помага на постарите лица

На првиот ден од месецот декември, Карл Лагерфелд ја промовираше маицата што тој ја создаде специјално за коњички турнир American Grand Prix. Маицата ќе биде пуштена во продажба онлајн но и на касата во Париз каде што всушност и се одржува настанот од 25 јануари, па се до 28 февруари. Доколку се прашувате зошто треба да ја купите маичка на која има аплицирано бел коњ и потпис од легендарниот Карл Лагерфелд, тогаш одговорот е многу едноставен. Средствата од продажбата на маичките ќе бидат наменети за добротворни цели, за центарот кој е отворен пред 45 години Бернадет Ширак. Капацитетот на просторот е искористен за вдомување на постари лица. Иако,Лагерфелд во едно од своите интервјуа вели дека ги мрази старите луѓе, сепак оваа негова хумана иницијатива го докажува токму спротивното.

16 дизајнери со поддршка за AIDS Eastpak

Eastpak -  уметничкото студио покани 16 дизајнери да ги презентираат своите визии за изработка на класичен ранец. Резултатите од нивниот творечки импулс беа презентирани на први декември – Светскиот ден за борба против СИДА – та. Маноло Бланик и Жан Пол Готје се најдоа на листата дизајнери кои ги презентираа своите модни дизајни. Три недели подоцна моделите ранци ќе се продаваат на онлајн аукција на сајтот artiststudio.eastpak.com. Сите приходи од аукцијата ќе бидат префрлени на организацијата Designers Against Aids (Дизајнерите против СИДА – та).

Демиен Хирст и Марк Џејкобс, заедно им помагаат на децата

Двајцата виртуози во светот на уметноста и модата Демиен Хирст и Марк Џејкобс, ги здружија силите за да соберат пари за добротворната детска компанија. Хирст ја создаде сликата со Мики пред пет години за Дизни. Порано оваа година малото славно глувче отиде на аукција во Christie, а дел од добиените средства беа префрлени на сметката за заштита на децата. Сега на крајот од 2014 година, Мики Маус се појави на маиците дизајнирани од Џејкобс,а насликани од Хирст кои веќе се на продажба. Маиците за возрасни чинат 98 долари, а за деца 58 долари.

Марни ќе лансира колекција со детски цртежи

Проектот на модната куќа Марни „Children's Imaginary World“, повторно ги покани децата да соработуваат со нив. Дечињата од Богота, Најроби и Токио, цртаа цртежи на тема „Мојот свет“, кои дизајнерите на брендот  ги претворија во стилски апликации. Со цртежите не се декорирани само парчињата облека, туку и модните додатоци како брошеви и стикери со кои ќе можете да ја украсите вашата соба, шкафче или облека. Дел од средствата ќе бидат наменети за унапредување на училиштата во сиромашните земји.

Топшоп во борба против ракот на дојка

Модниот бренд Топшоп даде на аукција пет модели фустани кои Кендал Џенер, Тони Гарнер, Џордан Дан, Шанел Иман и Зое Кравиц ги носеа на годинешната Met Ball Gala, што се одржа во мај. Овие фустани се дизајнирани во модната работилница на куќата и не беа наменети за само едно појавување на црвениот килим, туку за една повисока цел. На 27 – ми ноември започна аукцијата на eBay, која би требало да трае десет дена. Се претпоставува дека оваа временска рамка е доволна за да се распродадат фустаните, а средствата ќе бидат наменети за организацијата Fashion Targets Breast Cancer, за истражувања во борбата против ракот на дојка. Организаторите се надеваат дека фактот што овие модели фустани претходни ги носеле славни личности ќе биде доволен стимул веднаш да се распродадат и на тој начин да им се помогне на сите оние луѓе кои имаат потреба од тоа.

Новогодишни елки со дизајнерски потпис за борба против ракот

 

Оваа година по 19 – ти пат во Париз ќе се одржи манифестацијата на која познатите дизајнери ги презентираат своите новогодишни елки. 33 – елки ќе бидат промовирани од страна на Жан Пол Готје, Кристијан Диор, Стела Мекартни, Џими Чу и многу други кои подоцна на 15 – ти декември ќе бидат продадени на добротворна аукција. Приходите од продажбата ќе бидат наменети за истражувања кои ќе бидат полезни во борбата против ракот.

Објавено:
5 декември 2014
Категорија: 
Стории