Дали навистина зад сите идилични семејни фотографии на социјалните мрежи се крие онаа среќа што се прикажува? Дали навистина тие мајки се супер мајки и постигнуваат сè, или тоа е само една извртена слика за нивните следбеници?
Зошто никогаш не може да пронајдеме профил на Инстаграм што реално ги прикажува ситуациите во домот, кога децата се раздразливи, кога целата куќа е превртена наопаку, кога децата за вечера јадат бисквити и млеко наместо сите оние „фенси“ оброци што ги правиме кога имаме време.
За сите овие работи, брутално искрено писмо напиша Кејт Дајсон, мајка на три деца. По непреспиена ноќ, таа сподели фотографија од неа под која на кратко ја опиша реалната слика на мајчинството, а целиот текст го читате во продолжение. Многу често, слични текстови таа објавува на нејзиниот блог The Motherload кој го отворила откако почувствувала потреба да ги сподели чувствата со други мајки.
-Ова е мајчинството. Вака изгледа будењето четири пати во ноќта. Вака изгледа излегувањето на првите заби. Ова е тело кое боли. Ова е психичко заситување од семејството. Ова е расправија со петгодишната ќерка за тоа кои чорапи ќе ги носи денеска на излет. Ова е вежбање на текст за училишна претстава на најстарото дете одново и одново. Ова е грижа дали опремата за физичко е подготвена, униформата испеглана, чевлите таму каде што треба да бидат, а не во дворот како вчера.
Ова се мачките кои ми се „мотаат“ околу нозете барајќи храна, уште пред да ги измијам забите. Ова е потреба да одам до тоалет без публика. Ова е очајничка потреба за кафе. Ова е организација на појадок и барање за лажичка што ја нема, исто така и за намаз што го нема. Ова е бебе што се покакало по цел кревет. Ова е потреба да се легне за да се намали чувството на паника, а не можеш тоа да го направиш бидејќи креветот се суши.
Ова е лежење будна во текот на ноќта за да добиеш неколку мигови само за себе и своите мисли. Ова е трчање на пат кон училиштето да се стигне навреме за да го видиш лицето на учителот кој секогаш вели: Повторно последни!
Ова е бакнеж во лицата на моите девојчиња велејќи им: Многу ми е жал, многу ве сакам, имајте убав ден.
Ова е доаѓањето дома откако ги оставив на училиште за да го досредам креветот. Ова е монотонијата на мајката која останува дома со своите деца. Ова е праќање порака на мажот да дојде дома веднаш после работа, бидејќи сте на работ на нервите.
Ова е средување на сите домашни работи откако ќе сфатите дека вие сте единствените што тоа ќе го прават. Ова е гледање во лице на бебето што плаче бидејќи не сфаќа зошто мајка му е толку тажна. Ова е тежината која расте во вашето грло сè додека не помине нападот на паника. Ова е потреба за одмор, долг одмор кој знаете дека никогаш нема да го имате. Ова е мислата дали да легнете бидејќи кога ќе станете ќе имате двојно повеќе работа. Ова е седење во другата соба за да побегнете од самите себе и сфаќање дека не можете да им побегнете на мислите.
Ова е сознавање дека денот ќе трае барем уште десет часа. Ова е постојан страв дека постпородилната депресија повторно ќе се врати. Ова е длабок здив. Ова е смирување на нападот на паника. Ова е пуштање музика додека бебето спие и додека се надеваш дека утре ќе биде подобро. Ова е кога повторно ќе се кренеш и ќе продолжиш понатаму со сè.
Ова е мајчинство.
Инфо: Elle.rs