Од инстаграм профилот на Ивана Темелкоска лесно е да се забележи дека оваа девојка знае како креативно да ја искористи секоја минута од своето време.
Покрај нејзините професионални ангажмани како графички дизајнер, дури и во деновите со најгусти распореди, Ивана успева да најде време за да ја проткае својата креативност и имагинативност низ лични проекти. Од колажи, фотографии на природа и концептуални фотографии, па сè до фотографии од храната што таа самата ја подготвува...
Иако нема свое студио, туку ги користи условите што ги нуди кујната во нејзиниот дом, преку своите фотографии Ивана успева да направи да ви кркорат цревата (затоа што храната изгледа неодоливо вкусно, а од проверени извори, ве уверуваме и дека е), а преку раскажаните приказни за потеклото и историјата на рецептите што ги споделува на својот профил, таа успева да ја долови магијата на различни делови од светот, но главниот фокус ѝ е на медитеранската кујна (најмногу на италијанската).
Food blogging е тренд почнат одамна, а денес постојат безброј инстаграм профили посветени токму на тоа. Сепак, твојата содржина отскокнува преку начинот на кој што фотографираш, но и преку приказните што ги раскажуваш заедно со секој објавен рецепт.
Ивана: Моментално има неколку трендови што доминираат во фуд-блогингот. Доминантните два се: професионално кулинарство, со совршен стајлинг на храната и професионална студиска фотографија, а другиот е баш инстаграм тренд на храна, луѓе што аматерски го фотографираат она што го јадат секојдневно и се огромен извор на инспирација кај сите за секојдневните оброци. Јас се обидувам да се најдам некаде помеѓу овие два тренда. Се трудам храната што ја јадам секојдневно да ја претставам во своето најдобро светло, со професионална фотографија, но аматерско кулинарство и стилизирање. Храната на моите фотографии е секогаш баш таква каква што сум си ја сервирала за јадење. Кога приготвувам некаков рецeпт, целта секогаш ми е било секој од моите следачи да може да го реплицира истиот, без некакви поголеми проблеми, што значи: достапни намирници, едноставни подготовка и сервирање.
Во кој момент се одлучи да се втурнеш во креирање на ваков тип на содржина? Би можело ли да се каже дека ова е твојата нова пасија?
Ивана: Готвењето ми е пасија од поодамна, гурман сум и сакам да готвам, и уште од тинејџерка доста експериментирав со храната. Од друга страна фотографирањето на храна ми е неодамнешна пасија (нешто повеќе од 3 години). Прв пат фотографирав храна за потребите на еден фото-конкурс, и ми беше огромен предизвик, кој потоа премина во хоби.
Твоите рецепти најчесто се базирани на здрави состојки, што е одличен показател дека здравата храна не само што може да изгледа добро, туку и да биде неверојатно вкусна. Како одлучуваш што следно ќе се најде на твоето „мени"?
Ивана: Повеќе би рекла дека се трудам да подготвувам балансирани, отколку сосем здрави оброци. За мене живот без тестенини со некој добар сос или парче чоколадна торта, не би бил ист, но се трудам храната да ја модифицирам така што ќе биде и вкусна и нутритивно богата. Оброците што се наоѓаат на мојот профил најчесто си се наметнуваат сами. Бргу ми здодеваат исти оброци, па секој нов што успешно ќе го направам, го фотографирам и го споделувам на инстаграм. Доста често се инспирирам и од огромната заедница на фуд блогери на инстаграм, па комбинирам рецепти, реплицирам или слично.
Како изгледа твојот процес на работа? На што најмногу посветуваш внимание кога ја подготвуваш и ја фотографираш храната?
Ивана: Подготовката секогаш започнува со истото: инспирација и идеја. Некогаш тоа се намирниците што ги имам по дома, некогаш тефтерите со рецепти на мајка ми, некогаш кулинарско шоу, некогаш инстаграм. Самата подготовка на храната најчесто ми одзема најмногу време и енергија. Секогаш сакам рецептот да е баш успешен, и некогаш се случува некои рецепти да ги подготувам и по 2-3 пати додека не го добијам посакуваниот резултат. Потоа сетингот и стилизацијата, кои иако се секојдневни, со секојдневни предмети, сепак одземаат доста време и подготовка. Самото фотографирање (во зависност од комплексноста на фотографиите што сум ги замислила) најчесто не ми одзема премногу време, но затоа надополнуваат селектирањето и пост-продукцијата на фотографиите.
Кој рецепт од твоите досега објавени ти е омилен, а кој би го препорачала за освежување во престојниот жежок летен период?
Ивана: Омилен рецепт немам, ги повторувам речиси сите кои ми се приготвени по барем неколку пати, иако морам да признаам сите видови на паста ми лежат на срце. А за освежување ова лето, и додека трае уште сезоната на јагоди ги препорачувам Сорбетот од јагоди и путер од 'фстак или британскиот класик Eton Mess.
Во прилог го споделуваме освежителниот Eton Mess рецепт на Ивана:
Ова е малку модифицирана верзија на познатиот Eton Mess, куп од меринге, крем и јагоди.
Три белки матете ги со 3 лажици шеќер и една мала лажичка лимонов сок на највисока брзина на миксерот 5 - 10 минути, додека не добиете густа и стабилна смеса (превртете го садот, ако не паѓа, не тече, не мрда буквално, готова е).
Смесата распоредете ја на хартија за печење да биде во еден потенок слој, отприлика 1 цм дебелина и ставете ја во загреана рерна на 100°С час и половина, потоа подотворете ја рерната (вклучена). Ако нема механизам да се закочи на многу мал отвор можете да ја потпрете со лажица.
Мерингете сушете го така уште еден час, и на крај исклучете ја сосем рерната и отворете ја додека мерингето не се излади. Во меѓувреме исечкајте 500 гр јагоди на ситни коцкички, првите неколку можете да ги изгмечете малку со вилушка, турете три лажици агаве сируп (може и шеќер, мед или јаворов сируп би го измениле малку вкусот), една лажичка балсамико оцет (ја потенцира аромата на јагодите, а нема да го чувствувате) и неколку ливчиња исечкан свеж босилек.
Измешајте го сето заедно и ставете го во фрижидер. По 1 час ќе имате јагоди со фантастичен сируп околу нив. На крај, кога мерингето ќе е ладно, а јагодите ќе имаат пуштено сок, изматете 200 мл слатка павлака.
Кога ќе имате шлаг, мешајќи нежно и полека (за да не вии падне целата смеса) додајте 200 гр грчки јогурт. Сервирајте во чаши или длабоки чинивчиња, и воопшто не се замарајте со редоследот, нередот и слично.
Јадете го најдоцна 15 мин после предењето ва чашите, зашто мерингето ќе се стопи од влажните состојки.