„Мислеа ќе траам година или две, а потоа ќе исчезнам... Јас им покажав дека грешат. После 35 години, сè уште сум тука“. Ова го изјави дизајнерката Каролина Ерера на прославата на 35-тиот роденден на истоимениот бренд пред две години.
Несомнено е дека е една од најуспешните во модната индустрија и постојат две прашања во врска со тој успех – како го изгради брендот и како го одржа успехот?
Добри деловни одлуки, визија, доследност, стабилност, испитување на пазарот, следење на времето во кое се живее, наметнување трендови, се само дел од одговорот.
Брендот почна да го развива како зрела жена во своите 40 години, кога точно знае што сака и каде сака да го насочува. Денес, после 37 години таа има глобален бизнис, кој во 2016 година ѝ донесе 1.2 милијарди долари од продажба, што е за шест проценти повеќе од 2015 година.
Клучот на успехот е моќните и добри односи (што траат 28 години) со приватната шпанска семејна компанија „Пуџ“ (Puig), како и одличните бизнис зделки кога се парфермите во прашање. Инаку, „Пуџ“ поседува неколку лиценци за парфеми, вклучувајќи ги оние на „Прада“, „Валентино„ и „Comme des Garcons“. Исто така, поседува и модни брендотви – „Пако Рабан“, „Нина Ричи“ и „Жан Пол Готје“ (покрај „Каролина Харера).
Во 2015 година, групацијата заработи 1.6 милијарди евра од продажба. Иако компанијата не сака да коментира колку брендот на Ерера им носи поединечно, имајќи ја предвид заработувачката и на оваа модна куќа, процентот е прилично висок.
„Една од работите карактеристични за универзумот на Каролина Херера е што е постојан и лојален на она што таа го презентира. Не е маркетиншки трик или вежба, туку е уникатност во денешниот моден свет. Каролина со своите таленти никогаш не следела, туку создавала на нејзин посебен начин. Не мора да се биде „Диор“ за да се успее – вели директорот на „Пуџ“, Хосе Мануел Албеса.
Дизајнерката го потпишува договорот со оваа групација во 1988 година, и оттогаш соработката ниту еднаш не била прекината.
-Семејните бизниси ми даваат доверба. Постојани се, како што и треба да биде. Имаме многу разговори и работи што треба да си ги кажеме. Некогаш не се толку добри, некогаш многу добри. Бизнисот функционира на тој начин – вели Ерера.
Инаку, „Пуџ“ поседува 100 проценти од ready-to-wear бизнисот и бизнисот со парфеми. Каков е договорото помеѓу компанијата и дизајнерката, како и колкава плата има Ерера, тоа никој не го знае.
Во 1995 година, на чело на компанијата на местото на Мариано Пуџ, доаѓа неговиот син Марк, кого го испраќа во Њујорк да го учи бизнисот. Тоа довело до големи тензии.
-Реков, „Мал Маркос, што знаеш ти за модата. Не зборувавме еден со друг шест месеци – се присетува дизајнерката.
Но, она што не може да се оспори е успехот кој таа го постигнува со парфемот „Good Girl“. Лансиран само во избрани региони (Среден Исток, Русија и Латинска Америка), само пет месеци потоа станува еден од најпродаваните парфеми во Шпанија со 85 проценти остварен таргет. Со кампањата за која беа ангажирани Марио Тестино и Карли Клос, парфемот помина одлично и во Полска и Израел, со што името Каролина Ерера стануваше сè попознато и распространето.
Потоа почнуваат да се создаваат нови парфеми, нова облека, чанти, чевли, кожени модни додатоци,... Во 2015 година, модните додатоци од овој бренд се присутни во 146 продавници, 215 „шопови“ во 38 земји, а од продажбата се остварува заработувачка од 359 милиони долари. Според логичниот редослед на нештата, започнува и дизајнирањето на „брајдл“ колекцијата, што е нова можност за купувачите на ready-to-wear парчињата.
Иако е препознатлива по црно-белите комбинации и особено белите кошули, сепак дизајнерката вели дека речиси никогаш не дизајнира за себе, според нејзиниот личен моден вкус.
-Ако сакате да носите сè, тогаш тоа не е успех. Мора да размислувате на илјадниците жени што сакаат да носат „Ерера“.
А меѓу тие илјадници жени се и поранешната прва дама на САД, Мишел Обама, како и сегашната – Меланија Трамп.
-Мишел беше беспрекорна како прва дама, особено кога е модата во прашање. А што се однесува до Меланија Трамп, мислам дека за два-три месеца, таа ќе стане вистински моден пример. Ќе видите како сите ќе сакаат и ќе се облекуваат како Меланија. На крајот, таа ги претставува САД – изјави дизајнерката пред неполна година, а нејзините проценки се покажаа како точни.
Успехот го должи и на образованието, како и на способноста да се адаптира на побарувачката на модната индустрија без премногу да го менува своето гледиште.
-Ние од модниот свет сега мора да бидеме многу свесни и разумни, повеќе од било кога до сега, затоа што сè е многу климаво. Сè се менува – смета Каролина.
Во 2017 година продолжува да ја развива мрежата на застапеност. Се очекуваат и две нови едиции на парфеми, како и колекции. Она за што најмалку сака да зборува е тоа каков траг ќе остави во индустријата.
-Ако размислувате за вашето наследство, многу бргу ќе ве снема. Јас го гледам само моментот во кој се наоѓам и тоа е сè – вели дизајнерката.