Жена што ќе облече „машко" одело, е максимално убедена во својата женственост...
А Ив Сен Лоран беше еден од револуционерните дизајнери, што ја охрабри модерната и бунтовна жена да облече смокинг.
По завршувањето на неговата кариера како водечки дизајнер во Диор, во 1961 година ја започнува својата приказна и на светот му го сервира својот моден бренд што го носи неговото име. По пет години, во 1966 година, со неговата „Pop Art" колекција ќе направи радикален пресврт во модната индустрија. Легендарниот „Le Smoking" – женски смокинг, за прв пат бил промовиран токму со оваа колекција. Од машкиот смокинг се разликувал по својата поелегантна линија, потесен струк и потесна средна линија, што дополнително ја изразува женската заводливост.
Како и за сѐ што носи некаква радикална промена, публиката била скептична. Не само што не била воодушевена од смокингот за жени, туку во Франција тогаш им било забрането на жените да носат панталони како вечерна свечена облека.
Дури жените што го прифатиле новиот моден револуционерен подвиг на Сен Лоран, биле дискриминирани.
Пејачката и авторка Françoise Hardy била нападната затоа што во Париската Опера се појавила во смокинг, а на модната икона и филантроп Нан Кемпер во 1968 ѝ бил забранет влез во ресторан на Менхетн затоа што носела смокинг – како мини фустан, без панталони.
Но, Сен Лоран не се обесхрабрил, напротив, направил и подостапни верзии на луксузниот смокинг, со цел да го инфилтира и меѓу средната класа вработени жени.
А тие биле воодушевени од можноста, истовремено да се чувствуваат моќно, стилски, а удобно во костум. Така смокингот станува ултимативен симбол на модерната жена.
Се разбира, големо влијание за популаризирање на „Le smoking" на Сен Лоран, имаат и неговите музи.
Бјанка Џегер наместо класична венчаница на свадбата со Мик Џегер, носеше варијанта на бел смокинг со здолниште наместо панталони.
Популарната фотографија на познатиот фотограф Хелмут Њутон во францускиот Вог во 1975 година, на која е прикажана жена облечена во смокинг со цигара во едната рака, е една од оние култни содржини која му помогна на Сен Лоран да ја наметне глобално својата визија за современата, храбра и самоуверена жена.
„Бев многу импресиониран од една фотографија на Марлен Дитрих на која носи одело. Жена облечена во машка облека, мора да има голема самодоверба и силно да верува во својата женственост", ќе рече во една прилика дизајнерот. Па оттука се повелкуваат и неколку верзии за корените на инспирацијата за создавањето на женскиот смокинг, а една од нив е токму Марлен Дитрих, иако како мотив се споменува и неговата долгогодишна муза, моделот Danielle Luquet de Saint Germain.
Оттогаш женскиот смокинг не изгуби ниту малку од својата вредност и сексапил и до денеска остана едно од најпосакуваните парчиња во модниот свет. Со најразлични модификации низ годините, смокингот доживеа вистинска револуција.