Доколку барем еднаш деновиве имавте можност да ги разгледате светските интернет портали, голема е веројатноста дека налетавте на новиот тотално луд предизвик под хаштагот #kyliejennerchallenge.
Имено, станува збор за тинејџерско лудило предизвикано од уште полудата тинејџерка од кланот Кардашијан, Кајли Џенер.
Откако неодамна изјави дека е сериозен фан на полните усни и веќе месеци наназад на социјалните мрежи објавува фотографии со неприродно полни усни, повеќе од очекувано беше дека тинејџерките ќе почнат да го следат својот идол. Иако таа тврди дека ефектот на полни усни го постигнува само со моливче за усни и кармин, и повеќе од тешко е да и се поверува.
Десетици девојки од различни краеви на светот пред неколку дена почнаа да објавуваат фотографии на Инстаграм кои повеќе нѐ заплашија, отколку што се воодушевивме. Следејќи го патот на својот идол, некои од тинејџерките стигнаа и до фаза на самоповредување со т.к.н “зголемувач на усни“ што им нанесе сериозни повреди!
И додека сите очекувавме некаков вид на промена на мислењето кај младата Кајли и макар посочување дека тоа што девојките го прават не е добро, таа на Твитер излезе со коментар од следниот калибар:
„Јас не сум тука за да ги охрабрам младите девојки да изгледаат како мене или да мислат дека тоа е правилно. Сакам да ги охрабрам сите да бидат свои и да не се плашат да експериментираат со својот изглед“, напиша Кајли на Твитер.
Со оваа порака, таа апсолутно не задоволи никој! Со истата, само им посочи на девојчињата дека треба да продолжат да експериментираат со својот изглед и да не се плашат од последиците! Бидејќи нели, експериментите речиси секогаш носат некакви последици.
Оние последици што оваа 17 – годишна девојка ги предизвика се исклучително сериозни. Голем број девојчиња поминаа со страшни здраствени проблеми меѓу кои и опасна болка во пределот на устата, но и страшни модринки што е многу тешко да се излечат.
Токму за овие сериозни последици деновиве апелираат и светските доктори посочувајќи дека ова е тренд на кој задолжително и итно треба да му се стави крај!
Ова не е прв пат некој од семејството Кардашијан да промовира погрешна слика и начин за постигнување на одредени резултати. Неодамна, сестрата на Кајли, Ким на својот Инстаграм профил почна да објавува фотографии на кои промовира користење на тесни корсети за намалување на обемот на половината што исто така може да доведе до сосема погрешни резултати.
Како и во случајот кај нејзината 17 годишна сестра Кајли, затегнувањето на половината со вакви ултра тесни корсети може сериозно да влијае на здравјето, особено во однос на стегањето на органите, може да предизвика потешкотии при дишењето, но може особено да му наштети на вашиот желудник.
Без разлика за кој „тренд“ и да зборуваме, она што се случува со младите девојчиња ширум светот е за сериозен апел. На само 16 години тие веќе ги имаат испробано сите нови козметички производи, трендови кај фарбањето коса, носењето потпетици, стегањето со корсети, па дури и некои минимални пластични операции.
И додека ние на 16 години носевме широки панталони, Диадора јакни и маички на кратки ракави, новите генерации се неколку чекори напред. Сето тоа не би било воопшто страшно да нема последици, а верувајте ќе има, покрај здравствени, ќе има и психички кои се уште полоши. Веќе на 20 години ама буквално сѐ ќе ви биде здодевно, бидејќи до тогаш, вие веќе ги пробавте сите шминки, сите козметички третмани и се „изнаносевте“ штикли.
Доколку се пронајдовте во овие неколку примери, со време, престанете да ги практикувате овие работи, затоа што еден ден ќе ви биде мака. Ќе ви биде мака затоа што не ги слушавте вашите кога ви велеа: Сѐ во свое време!