Последното издание на магазинот „Hollywood Reporter“ е резервирано за семејството Кардашијан.
Поводот е една декада од емитувањето на реалното шоу Keeping Up With Kardashians. За таа цел, женските членови на семејството – Кајли Џенер, Кортни Кардашијан, Клои, Ким, Кендал Џенер и секако Крис Џенер, се облечени во беж комбинации.
Зад фотографијата се потпишува Милер Мобли, а снимена е во април годинава.
Приказната на магазинот, што во целост можете да ја прочитате ТУКА, говори за тоа како од едно секс-видео се создаде бренд вреден милијарда долари.
Инаку, за потсетување, во 2011 година, истиот магазин имаше исто така насловна со Кардашијанови, а поводот тогаш беше славење на успехот, односно заработка од 65 милиони долари.
Текстот е пропратен со десетина, а внатре можете да прочитате како изгледал почетокот на шоуто. Инспирацијата за продуцентите било шоуто на семејството „Озборн“. А секс-снимката дошла како „порачана“.
Во тоа време Ким има 27 години, а Крис иако знае дека е голем проект е подготвена да ризикува, бидејќи како вели, зад себе го носи искуството од водењето на кариерата на Брус.
Покрај почетоците, жените Кардашијан-Џенер, зборуваат и за нивните идни желби. Ким открива дека би сакала да има и трето дете. Минатиот месец „Ју-Ес Викли“ пренесе дека ријалити ѕвездата е бремена веќе три месеци.
-Навистина се надевам. Имаше многу работи што се појавија во медиумите, но Канје и јас не сме потврдиле ништо. Она што можам да кажам е дека ние се обидуваме и се надеваме дека наскоро ќе имаме уште едно бебе – вели Ким.
Она што не го открива е дали ќе биде вклучена и сурогат мајка или не, иако пред два месеца извор за магазинот „Пипл“ изјави дека тие одбрале сурогат мајка.
Инаку, во шоуто, Ким зборуваше за тоа дека докторите ѝ препорачале да не забременува веќе, бидејќи има медицински последици од претходната бременост и следната нема да е сигурна.
„Дојдов до заклучок дека не можам да носам уште едно дете. Затоа сакам да ја истражам можноста за сурогат. Ништо повеќе не сакам од тоа да го проширам семејството и знам дека светот што го имам дома е сигурен. И ако од некоја причина си заминам од земјава порано одошто треба, знам дека моите деца ќе имаат сигурна поддршка и дом и дека ќе бидат добро иако јас не сум тука“ ѝ рече Ким на мајка си Крис во шоуто.
Исто така, во интервјуто Ким признава дека за малку немала да се омажи за Крис Хамфирс. Инаку, свадбата се случи во 2011 година, а беше вредна 6 милиони долари.
Телевизијата „Е!“ ја снимаше и се емитуваше во рамки на шоуто, што донесе нови 10 милиони долари во реклами. Финансиски, таа свадба беше вистински успех, но не и во реалниот живот. Ким вели дека и претходно знаела дека работите нема да функционираат.
-Целото внимание беше на венчавката и си помислив дека веројатно притисокот околу шоуто ме прави анксиозна. Пријателите ми кажаа дека не изгледам добро, дури и продуцентите ми рекоа: „Не изгледаш среќно. Не мораш да поминуваш низ ова“. Ноќта пред тоа, мајка ми ме тргна на страна, без камери и ми рече: „Ова не е за тебе, зошто не се тргнеш или јас да го средам ова?“. Чувствував дека ако се повлечам, луѓето ќе мислат дека сум го направила само поради шоу. А потоа ми зборуваа дека морам да останам во брак макар година. Но, не го можев тоа. Кога ја донесов одлуката да се разведам, сите мислеа повторно дека е заради шоуто – раскажува Ким.
Што се однесува до Канје, тој никогаш не се согласил или потпишал за да се појави во шоуто, но го имаше и тогаш, а и сега.
-Канје велеше, „Не сум јас дел од ова шоу. Јас не снимам. А потоа повремено ќе се појавеше. Знаеше дека сакам свршувачката да ја направиме пред камера и се согласи. Но, никогаш нема да зборувам за нешто што го поминувам со Канје. Ќе зборувам само за она што го чувствувам. Тој знае колку многу сум заштитнички настроена кон него – објаснува ријалити ѕвездата.
А на прашањето кој дел бил најтежок за снимање, Ким ќе каже:
-Веројатно трансформацијата на Кејтлин и тоа што гледав колку мајка ми и Клое се соочуваат со тежок период. Никогаш претходно не сме влијаеле на ниту една содржина. Но, тогаш да, бидејќи реакциите на Клои беа остри, таа беше навистина многу вознемирена.
И покрај тоа што многумина коментираат негативно во однос на шоуто, статистиките покажуваат дека неговата популарност не се намалува.
Кон крајот на септември ќе биде емитувана специјална епизода која ќе трае 90 минути, а по повод десетгодишнината од почетокот на снимањето.
Исто така, „Е!“ потпиша уште еден договор со семејството вреден 80 милиони долари, за снимање на сезона број 14. Но, на почетокот никој не претпоставувал дека ќе доживеат таква популарност.
-Како поминува времето, гледате и некои емотивни, ранливи моменти. Ги собрав сите и им реков, ако го правиме ова, тогаш ќе го правиме сите заедно. Мора да бидеме тоа што сме. Мора да има искреност и емоција – објаснува Крис.
Кендал признава дека бргу се навикнала, но не и Кортни.
-Во првата сезона се заклучував во тоалет и плачев, бидејќи не сакав никој пред камера да ме види таква. Бев многу скептична – вели таа.
Клое пак, признава дека Ким и Крис се тие што ја истуркале целата работа, водејќи ги низ целиот процес.
Без разлика дали ги сакате или не, нивната приказна ќе остане впишана во историјата. Тие сосема го редефинираа начинот на кој се станува познат и на кој се води бизнис. Со уште една сезона пред нив и уште 80 милиони на сметка, тие ја продолжуваат својата приказна пред камерите. Уште колку ќе трае, останува отворено прашање, но од одговорите на дел од сестрите, потребата за приватност сè повеќе се зголемува. Дали ќе биде посилна од славата и парите, останува да видиме.