Која е цената на славата: Колку плаќаат брендовите за ѕвездите во прв ред?

23 мај 2014

Следниот пат кога ќе видите славна ѕвезда во првиот ред на ревија од познат бренд, не помислувајте дека седат таму од голема љубов кон модата. Некои од нив секако дека се дојдени поради тоа, но поголемиот број славни личности седат во првите редови токму затоа што им платиле вртоглава сума пари. Ова не е нешто ново, токму по оваа тема во 2012 година британската  дизајнерка Никол Ферхи за странски моден медиум го изјави следното:

-Никогаш не сум платила за славна личност да дојде на моја ревија и никогаш  нема да го направам тоа. Многу е глупаво, другите дизајнери знам дека ќе ме мразат за ова што го изјавувам, но воопшто не ми е гајле бидејќи мислам дека  е непрофесионално, изјавува дизајнерката.

Но, новите сознанија на медиумите откриваат дека повеќето популарни брендови не ни помислуваат да го заокружат плаќањето на славните. Според информации на магазинот „The Sun“ 60 илјади фунти е цената што треба да ја плати еден бренд  или дизајнер за во првиот ред да седи Бијонсе или Ријана. Сепак, исплаќањето не е секогаш во пари туку и во гардероба и аксесоари. Во 2007 година пејачката Лили Ален призна дека во замена на нејзиното присуство на ревија на Сен Лоран во Париз добила облека и аксесоари од брендот во вредност од 5 илјади фунти.

Дури неодамна изјави и дека за време на својата пауза од музиката, пропуштила многу ангажмани од брендови, односно ја пропуштила гардеробата што ќе и ја дадат. Освен плаќањето за присуство на ревија, маркетиншките стратегии во модната индустрија се бројни. Па така, Кара Делевињ и Кејт Мос важат за најдобрите движечки реклами на брендовски производи. Тие се првите две славни манекенки  од списоците  на лицата за односи со јавност и маркетинг. Сите нови креации на одредени брендови, а најчесто чантите им се подаруваат на познати профили , а маркетиншкиот потег се смета за успешен само ако папараците ги фотографираат како се движат на улица. Секако, таа фотографија ќе се рашири ширум светот, а оттука веќе е јасно зошто конкретната чанта и била подарена на некоја манекенка, актерка и сл.

Кара со Mulberry чанта Кара со Mulberry чанта

Во однос на тоа дека постојат различни маркетиншки стратегии, најдобар филтер за брза промоција се социјалните мрежи како Фејсбук, Твитер, Инстаграм. Неодамна на венчавката на Попи Делевињ јасно беше дека таа на својот  профил дури го рекламираше шампањот што го пиеја, се разбира подарен за реклама од конкретната компанија. На популарниот музички фестивал Коачела, на актерката Леа Мишел брендот Лакосата и исплати 12 илјади фунти за да присуствува сите денови во нивни парчиња.

Појавувањето на славните во улога на промотори не е ништо ново - всушност, многу од рекламите постигнуваат слава на тој начин. Но, да не се отиде предалеку со новите начини на рекламирање? И, дали навистина можеме да ги обвиниме славните што учествуваат во ваквите високо платени зделки кои не ги чинат никаков напор? Оставаме на вас да одлучите.

Објавено:
23 мај 2014
Категорија: 
Стории