За само неколку минути, а можеби и помалку, на црвениот килим, ѕвездите трошат цело мало богатство.
Неодамна пишувавме за тоа колку чинеа дел од креациите на минатогодишните Оскари. Сега пак, посветуваме внимание на тоа колку во просек чини севкупната подготовка, која започнува неколку месеци пред настанот.
Ѕвездите првин најмуваат стилист. Целодневната услуга на личност со таков профил изнесува околу 7.000 долари од ден. Но, тоа е неспоредливо со цените што одат со другите сегменти.
Кога е негата на лицето и телото во прашање, сите ѕвезди одат на разни третмани, посебно за таа намена, а цената е од 500 до 7.000 долари (а некогаш и повеќе). На денот на големиот настан, се троши најмалку по 1.000 долари на фризура, а исто толку и на шминка, маникир и педикир.
Најевтините креации се околу 15.000 долари, а просекот изнесува околу 70.000 долари. Повеќето ѕвезди се одлучуваат на изнајмување, отколку на купување, а постојат гласини дека таа што ќе освои Оскар може да ја задржи креацијата. Рекламата која притоа модните куќи или дизајнерите ја добиваат, некогаш е непроценлива.
На пример, во 2013 година, кога Џенифер Лоренс го освои Оскарот за најдобра актерка, носеше креација на „Диор“ и при примањето на наградата се сопна – момент што на брендот му донесе дополнително телевизиско време и реклама. Фустанот многу бргу стана еден од најзборуваните на настанот, а и во историјата на Оскарите. Сопнувањето и говорот, на Џенифер Лоренс, а со тоа и на „Диор“ им донесоа 75 секунди фокус на камерата. Да требаше да плати, модната куќа ќе требаше да одвои 4 милиони долари за посоченото време.
Во 2001 кога Џулија Робертс стана номинирана за Оскар за најдобра женска улога во „Ерин Брокович“, преку 50 дизајнери ја контактирале да носи нивна креација. Сепак, таа на крајот се одлучи за црниот, култен фустан од „Валентино“, во кој ѝ го прими освоениот Оскар. Инаку, креацијата беше од 1982 година, од колекцијата посветена на филмските ѕвезди.
Но, ако се погледне статистиката, од 2001 до 2016 година, модната куќа „Версаче“ е таа со најмногу креации и појавувања на црвениот килим – 34.
Од друга страна, накитот често знае да биде најскапиот дел од изгледот.
-Најчесто познатите не сакаат да носат парчиња што чинат помалку од 300.000 долари, затоа што на вакви гламурозни настани имаат можност да се пофалат со својот успех и да покажат софистицираност. Ексклузивните парчиња накит можат да бидат проценети и во милиони. Една година, Бијонсе носеше прстен вреден 10 милиони долари. И тоа беше само едно парчињата – вели експертот за дијаманти, Ваши Домингез.
Во продолжение ќе ги видите колку трошат мажите и жените на оваа гламурозна манифестација по секој сегмент одделно. Пресметани се просечните вредности.