Актерот Бојан Велевски е моментално актуелен со неговата стенд-ап турнејата „Све ли ја да мислам?!"
Ќе го започнеме интервјуто со една негова изјава што ќе не понесе низ една нова приказна од градот.
Бојан, стенд-ап турнејата е во тек и според тоа што можеме да го видиме посетеноста е одлична, а и атмосферата исто така. Сакаме да го започнеме интервјуто со една твоја интересна изјава Стенд-ап сцената треба да е коректив во реално време на општеството. Што значи тоа?
Тоа значи активно учество на комичарите во тековните општествени и политички проблеми кои влијаат врз нацијата. За жал, од нашата стенд-ап сцена изминативе години можеби сум единствениот кој е присутен во јавноста со свој став за најчувствителните прашања или аномалии кои ги живееме.
Кој е човекот зад стендапот? Колку се разликува Бојан на сцената од оној Бојан во домашно издание?
Дома сум повлечен, мирен, во свој свет и со своите мисли. Сакам мир и тишина. Сакам да бидам со себе... Да не звучам клише, но навистина, добар филм, серија, а најчесто добра книга ми се пријателите со кои се дружам во домашна атмосфера. Прилично сум "досаден" дома.
Нашата генерација те памети од твоите улоги во низа детски серии. Ако можеш да се вратиш назад во времето каков совет ќе му дадеш на Бојан од Наше Маало?
Уффф... тешко прашање. Многу тежок период следува за тоа дете, па потоа и момче, во годините кои доаѓаат. Многу неправди на кариерен план... единствено што би му кажал е да верува во Бога бидејќи неговите решенија често се мистериозни, но на крајот сѐ си доаѓа на свое место. Колку повеќе лузни, толку посладок е успехот.
Ти си дипломиран актер и покрај стенд-ап настапите имаш искуство во повеќе телевизиски проекти, а сме те гледале и на филм. Каде најмногу се пронаоѓаш?
Филмот е нешто што многу сакам да го работам. Низ годините успеав да развијам посебен сенс за игра пред камера и едноставно уживам во тоа. Театарот ми носи една поинаква магија и тоа е нешто што сериозно ми недостига периодов. Веќе имаме неколку разговори за театарски ангажман, се надевам ќе ја одбереме најдобрата опција.
Кога и каде беше твојот прв стенд-ап настап и како помина?
Првиот настап за публика, го имав ноември 2011-та во Every Day ресторан во Аеродром. Денес тоа место не постои, но на тој настан имаше околу 200 луѓе. Некои од присутните и ден денес се на моите настапи. Тоа е неверојатно чувство. Не се сеќавам на ништо од настапот, само паметам дека имаше голем аплауз на крајот и голема поддршка.
Сопруг си и татко на синче? Со оглед на тоа дека си често во движење, како претпочиташ да го поминеш времето со најблиските?
Со Каролина и двајцата сме со сериозни активности на професионален план. Јас често патувам низ Македонија, таа често патува низ светот и околните држави. Викендите најчесто сме излезени на ручек по рестораните во околина на Скопје, а почнавме да практикуваме сѐ почесто и викенд патување низ Македонија со Војдан. Така поминуваме повеќе време заедно. Модерното време си го зема данокот.
Во твојата професија најважно е тоа што ќе го кажеш и емоцијата што ќе ја донесеш. Но тоа не значи дека не треба да се грижиш за својот изглед. Каков е стилот на Бојан? Дали имаш некои омилени парчиња?
Имав и чест и привилегија, за оваа фотосесија, да бидам стилизиран во една урбана и трендовска комбинација од ЕЛЕНА ЛУКА, карирана кошула и беж фармерки, коишто одлично се вклопија во убавиот есенски ден и навистина се пронајдов во овој аутфит.
Овие три години сериозно се посветив на себе. Внесов коренити промени. Ослабев 20 килограми, вежбам редовно, внимавам повеќе и на храната... Околу гардеробата не сум преоптоварен, но имам три Balmain блузи кои ги обожавам и со посебно внимание ги чувам. Имам два пара патики кои исто така многу ги сакам.
Стајлинг: ЕЛЕНА ЛУКА - карирана кошула во беж и сина нијанса и беж фармерки коишто можете да ги најдете на онлајн продавницата на ЕЛЕНА ЛУКА.
Поддршката од партнерот е исклучително важна во кариерата. Како балансирате дома на оваа тема?
Па, со оглед на тоа дека јас работам со план однапред полесно ни оди кога се договараме за поголемите проекти. Пример, јас точно знаев минатиот октомври дека ќе правам турнеја овој септември. И договорот со Каролина беше овие три месеци да биде овде со Војдан. Не сме секогаш усогласени, но имаме разбирање еден за друг.
Стенд-ап турнејата продолжува со големо финале во Скопје на 18 ноември. Дали ќе ни откриеш што потоа или останува да видиме?
Веќе од пред две недели 18-ти ноември е распродаден. Имаме втор и последен датум за финалето во Станица 26, а тоа е 19-ти ноември. Билетите се на bileti.mk. Што да ви откријам... Самиот збор ФИНАЛЕ кажува дека ова ќе биде посебен настан. Скопје го заслужува тоа од мене.