Мини модни верзии на родителите

12 септември 2013

Во 1956 година во салонот на 57-та улица, во Њујорк, еминентниот американски дизајнер Чарлс Џејмс ја претставил првата детска колекција пред група уредници меѓу кои и Дијана Вриланд. После 50 години динамиката на детската мода се движи паралелно со онаа за возрасните.

 

 

Сигурно изборот на моден дизајнер за деца не бил никогаш толку возбудлив и воодушевувачки. Речиси сите имиња кои значат нешто во модната индустрија, ги презентираа чудесните колекции наменети за деца во кои главен акцент е ставен на детските силуети, употреба на најквалитетните парчиња материјали и совршено изработени модни детали кои малите момчиња и девојчиња ги претвораат во слатки принцези и принцови.

И не е тајна дека детската мода во суштина е одраз на трендовите кои ги промовира модната сцена, а се наменети за возрасни. Малите девојчиња и момчиња отсекогаш сакаат да ги копираат своите родители. Модните трендови за претстојната сезона се одликуваат со голема разновидност и мешање на различни стилови во еден модел.

 

 

Еве каков идентитет одлучија да им препишат на своите мини модни колекции, модните конгломерати: Армани, Клое, Долче и Габана и Мисони.

 

Giorgio Armani’s Juniors

Симпатични изгледи, елеганција, ексклузивен дизајн и модерен дух се главните карактеристики на детската колекција на кралот на модната сцена Џорџо Армани, насловена Giorgio Armani’s Juniors. Неговата линија наменета за деца е мошне популарна и посакувана. Неутрални нијанси како кремова, боја на цимет, сива, црна во комбинација со златни елементи изгледаат многу софистицирано и елегантно кај креациите кои се наменети за девојчињата, додека момчињата пак, носат макси џемпери, молив панталони, елеци и кошули. Армани креира и колекции за новороденчиња и за бебиња, со што изборот на вкусови, желби и потреби е целосно задоволен.

 

Армани есен-зима 2013/14 Армани есен-зима 2013/14

 

Chloe children’s fashion

Модниот бренд Клое е познат по своите „слатки“ детски колекции. Па, така и за претстојната студена сезона го оправда својот епитет. Колекцијата за најмладите се одликува со меки бои и едноставни линии, со посебен акцент на црвената боја. Бледо розовите тонови се заштитен белег скоро кај секој модел, но овој пат комбинирани со бледо сива и вишно црвена боја.

Формите на дизајните потсетуваат многу на 60-тите години и навистина дечињата кои позираат изгледаат токму како да се наоѓаат во тој амбиент, време и простор.

 

Клое есен-зима 2013/14 Клое есен-зима 2013/14

 

Dolce & Gabbana Bambino for babies and kids.

Доменико Долче и Стефано Габана се познати по тоа што креираат крајно луксузна облека со посебен акцент на италијанската традиција и култура, детаљ кој на нивните линии им дава еден посебен шарм и убавина. Покрај редовните колекции за возрасни, ова славно дуо креира и облека за деца и бебиња.

 

Долче и Габана есен-зима 2013/14 Долче и Габана есен-зима 2013/14

 

Се работи за трендовска, софистицирана и шик колекција за деца која многу наликува на дизајните кои се наменети за „големите“. Сепак во основа е адаптирана за деца, изработена во крајно комфорен стил, со употреба на меки и природни материјали. Како за возрасните така и за децата, многу тантела, принтови со црквени ликови, употреба на елегантен твид, животински дезен, точки и флорални мотиви. Богато, колоритно, стокмено, модерно и пред се во италијански стил.

 

Долче и Габана есен-зима 2013/14 Долче и Габана есен-зима 2013/14

Missoni Winter Collection

Колоритна, разиграна и весела, тоа се симболите кои се заштитен знак на новата есенско-зимска колекција за деца од модниот бренд Мисони. Оваа модна куќа преку својата нова линија има за цел да го долови најслаткиот и истовремено најчудниот аспект во детскиот свет. И неверојатен е фактот како секогаш успева во тоа.  Девојчињата носат фустанчиња кои се пресечени или собрани на половината и мини здолништа кои ги комбинираат со шик хеланки и ребрести џемпери. Некои модели имаат вметнати качулки, а посебно убави се капутчињата кои се изработени од зовриена волна.

 

Мисони есен-зима 2013/14 Мисони есен-зима 2013/14

 

Креациите се светли, шарени и се одликуваат со богата палета на технички изработки во поглед на детали, микс на материјали, дезени и принтови. Ова е единствениот моден бренд кој засекогаш го смени идентитетот на плетената облека, вметнувајќи ноти на боемски луксуз, брановидни цик-цак  отпечатоци во романтичен винтиџ дух.

Ова сезона во линијата за најмалите Мисони ги издвоија и плетените беретки, марами, кафтани и интересни парчиња аксесоари, за малите госпоѓици да сјаат како дијаманти што и се.

 

Мисони есен-зима 2013/14 Мисони есен-зима 2013/14

 

Од приложеното можеме да констатираме дека детскиот моден склоп е помоќен од оној за возрасни. Ова се само дел од модните куќи кои дизајнираат облека за деца кои по случаен избор се земени како примери во текстот. Фактот е дека сите модни брендови лансираат колекции кои се наменети за најмалите. Детската мода прерасна во глобален пазар во рамките на кој големите модни имиња остваруваат огромен профит.

 

Мисони есен-зима 2013/14 Мисони есен-зима 2013/14

 

„Оваа година претставуваше вистинска пресвртница за детската мода, светот полуде по детски парчиња облека, почнувајќи од кампањата на Ромео Бекам за Бурбери, па завршувајќи со колекциите кои беа специјално дизајнирани за кралското бебе на Кејт и Вилијам“, изјави Алек Теофанус, дизајнер за деца.

Секоја мајка сака нејзините деца да бидат најубаво облечени и да претставуваат мини олицетворение на модата или пак на стилот кој го негува таа. Сепак децата не се кукли, туку и тие се човечки суштества кои треба да го живеат својот безгрижен среќен детски живот. Не треба да правите модни икони и шопинг зависници од вашите најмили. Дотерувајте го вашето дете во согласност со неговата возраст и годините, тоа треба само да го изгради својот сопствен стил и моден идентитет, сигурно не сакате да создадете „Мини Ми“ верзија на вас и она што сте вие, како родител кој веќе се пронашол во трендовите и тенденциите. Без наметнувања и реализација на вашите неостварени желби од младоста. Секое дете е убаво на свој начин.

 

 

Објавено:
12 септември 2013
Категорија: 
Стории