Од француската морнарица до родова флуидност: Еволуцијата на иконските морнарски пруги

9 ноември 2022

Двеста години откако првпат се појавија, морнарските пруги повторно се враќаат во тренд и се очекува да бидат огромен хит во претстојната пролет/лето сезона.

Дрис Ван Нотен, Жан Пол Готје, Викторија Бекам и ред други дизајнери веќе ги претставија пругите како дел од нивните колекции, а особено беа популарни во машките.

Ова не е изненадувачки бидејќи мажите, поточно морнарите од Бретања, биле првите кои почнале да носат кошули со пруги во првата половина на 19 век, како слој облека под нивните бели униформи пред да станат дел од официјалната униформа на француската морнарица во 1858 година.

Причината за воведувањето на пругите како дел од нивната униформа било верувањето дека сино-белите ленти ќе го олеснат пронаоѓањето на оние што паднале во морето, а кошулите морале да бидат направени според многу специфични барања за да ги задоволат стандардите на морнарицата. Секоја кошула морала да има 21 бела лента, широка 20 милиметри и 21 сина лента широка 10 милиметри на торзото.

Фото: super1

Овие правила останаа исти со текот на времето, особено бројот на пругите. Иако никогаш не било официјално потврдено, се верува дека бројот 21 бил избран како симбол за броката на победи на Наполеон против Британците.

Но, овие пруги добиваат сосема ново лице откако Коко Шанел ги присвои во своите дизајни, со што маичките со пруги станаа дел од секојдневната облека на обичните луѓе, филмските ѕвезди и познатите уметници. Тие влегоа во популарната култура засекогаш и се чини дека никогаш нема да ги напуштат нашите гардероби.

Фото: super1

Во 1913 година, француската дизајнерка отвори бутик во крајбрежниот град Довил во Нормандија. Шанел честопати одела таму на летување и како лежерно парче облека редовно избирала морнарска кошула со пруги во која го поминува одморот.

Во масовното производство на кошули со пруги ѝ претходеше брендот Сент Џејмс, но само таа знаеше да ги воведе во високата мода. Во една од нејзините колекции во 1917 година, таа претстави голем број парчиња инспирирани од морнарската униформа, а меѓу нив, секако, имаше и кошули со пруги. Станува збор за доста смел потег, бидејќи женските тела во тоа време полека се ослободуваа од корсети и останатата тешка облека, кои беа комплетна спортивност на новите летни и тенки маички.

Фото: super1

По таа колекција, пругите влегоа во секојдневната летна облека и станаа незаменливо парче за на плажа. Во тоа време исто така популарни станаа костимите за капење со пруги за мажи и жени. Со крајот на Првата светска војна и растот на меѓународните патувања, влијанието на тој летен француски стил само се зголеми.

Како и кај повеќето парчиња облека што се појавија пред повеќе од 100 години и се носат денес, како што се фармерките или малите црни фустани, статусот на кошулите со пруги беше зацементиран благодарение на телевизијата.

Џон Вејн ги носеше во „Adventure's End" во 1937 година, Кетрин Хепберн во „Woman of the Year" во 1942 година, Кирк Даглас ги носеше во „20.000 Leagues Under the Sea " во 1954 година, Брижит Бардо во „La Mariée est trop belle" во 1956 година и „Le Mépris" од 1956 година и „Viva Maria!" од 1965 година, а Одри Хепберн во „Two For The Road" од 1967 година.

Фото: britannica.com

Кошулите со пруги ги сакаа и Џејмс Дин, Пабло Пикасо и Енди Ворхол, а некои од нивните најпрепознатливи портрети се направени токму додека носат кошули со пруги.

Со текот на годините, голем број дизајнери ги вклучија пругите во своите колекции, а за некои истите станаа и синоними. Жан Пол Готје е толку познат по морнарските пруги што во 2011 година креираше дресови со пруги за француската фудбалска репрезентација.

Фото: oracleoftime.com

Кариерата на Соња Рикиел почна да расте откако Франсоа Харди се појави на насловната страница на француски Elle во 1963 година со нејзините сега многу препознатливи шарени пруги. Во САД, лидер беше Томи Хилфигер, кој се потпираше не толку на бретонските ленти колку на американското знаме, додека пак Адидас ги направи пругите свој заштитен знак уште во 1928 година.

Објавено:
9 ноември 2022
Категорија: 
Стории
Прочитано:
406 пати