Во модната индустрија постои непишано правило дека трендовите смеат повторно да се вратат тек кога ќе поминат 20 години од времето кога биле актуелни. Сега е 2013 година и тенденциите кои преовладуваат од претходниот век се и официјално легални, и спремни повторно да завладеат на модната сцена.
Карактеристично за модата од тој период се парчиња и модни додатоци во силни, пастелни и неонски бои, впечатлив накит и драматични фризури. За разлика од модата во 1970-те, кога актуелни беа трапез панталоните со широки ногавици, во 1980-те контурите и линиите на силуетата се менуваат. Тесните хеланки станаа најпопуларното парче облека, рамениците добиваат посебен акцент, особено ако им се аплицирани и „потпонки“во нивното модно креирање. Сличен ефект е постигнат и со тесни избледени фармерки и панталони, кои одат во комбинација со кошули чии рамења паѓаат без да имаат соодветен крој, лежерно и опуштено. Целиот изглед е надополнет со дебел ремен околу половината за да се потенцира струкот, со цел да се истакне малку женското тело и фигура. Доста популарни тој период беа и ракавиците без прсти и тркалезните обетки.
Косата има свој момент под рефлекторите на 1980-те. Натапирана со волумен, со локни како неизоставен дел од стајлингот, барем кога е фризурата во прашање. Кај мажите, пак, трендот кој беше доста популарен е таканаречената „фудбалерка“. Фризура која е кратка однапред и долга позади. 1980-те години се период во кој неконтролирано се трошело лак за коса, со цел да се постигне „WOW“ ефектот.
Најважната улога во модната револуција на 1980-те години го има популарноста и развојот на МТВ - музичките видео спотови. Музичките ѕвезди од калибарот на Мадона, Синди Лопер ги поставуваат темелите на модните трендови. Големо влијание извршиле и филмовите како Flashdance и Dirty Dancing, во чија приказна одлично е отсликана модата од тој период. Американската серија Династија која ја следеа многу жени во светот, претставува значајна модна инспирација, а го наметна и трендот на носење екстравагантен стил кој во тоа време прерасна во статус симбол.
Во 1980-те години во светот се случувале доста политички и социјални немири, од рушењето на Берлинскиот ѕид до Револуциите во Чехословачка, младите се обидуваа да го напуштат дотогашниот начин на живот и сето тоа го покажуваа преку облеката која требаше да биде „гласна“ и нападна, од парчиња со силни бои до бунтовнички испрани и искинати фармерки. Феминистичкиот бран зазеде уште поголем замав, па така жените одлучија да ја позајмат „машката“ облека и почнаа да носат одела на работа, тренд познат како „power dressing“.
Француските дизајнери Тиери Маглер и Азедин Алаја извршија големо влијание на женската силуета во 1980-те години. Маглер под влијание на својата кариера во театарот, комбинирал футуристички елементи со ретро Холивуд , додека Алаја експериментира со дотогаш ретко користени материјали, како спендекс и вискоза. Во американската мода во тој период, доаѓаа до израз заводнички со секси стил со кој се претставува Дона Каран, опуштениот стил на Ралф Лорен, кој беше омилен меѓу американската аристократија. Дона Каран внесе доза феминистичка софистираност и ги оживеа тогашните монотони ready-to-wear колекции кои преовладува во американската мода. Легендарниот дизајнер на чевли Маноло Бланик ги допре ѕвездите токму во периодот на 1980-те, а спортската куќа Адидас уживаше огромна популарност и го формираше уличниот стил во тој период. Се носеле шпиц чевли со високи потпетици во различни бои. Некои продавници дури имале и понуди за фарбање на чевлите, во боја по желба на купувачот. Тоа доведе до појава на проѕирни и пластични чевли во луди бои кои ги нарекуваа „Jellies“. Важно е да се спомене и д-р Мартен со неговите чизми, кај нас добро познати како „мартинки“. Овие чизми станаа симбол на панкерската и skinhead субкултурата, и останаа актуелни се до денес, заземајќи свое место во маинстрим модата.
Во оваа последна декада се истакнаа модели кои беа предводени од Линда Евангелиста, Кристи Тарлингтон, Наоми Кепмбел, Кејт Мос и Синди Крафорд - девојки кои ги красеа насловните на многу модни списанија ширум светот и не можеше никој да ги ангажира без претходно да им понуди хонорар помал од 10.000 долари. Така почнаа револуционерните промени во светот на модната индустрија. Општо познато е дека периодот на 1980-те е доста плоден и значаен за модната индустрија. Тогаш почнало освестувањето. Облеката служела како забава, а модните ревии станаа позастапени во медиумите и претставуваа доста важен сегмент во сите друштвени случувања. Изгледот се поврзува и со успехот, а младите момци и девојки од урбаните средини и општества, сакаа преку својот изглед да ја покажат својата амбиција, моќ, отпор, власт и фантазија.