Пако Рабан – футурист кој постави револуционерни модни постулати

28 јуни 2014

Во светот на модата тој стана препознатлив по тоа што беше првиот дизајнер кој во создавањето на своите ремек дела искористи материјали како што се пластиката и металот, а кои до тогаш не беа вообичаени за модниот дизајн. На тој начин создаде футуристичка слика за жената која беше главна хероина во филмовите кои ги одбележаа 60-тите и 70-тите години.

Неговата револуционерност во поглед на креирање мода според констатацијата на Коко Шанел се гледа во фотографијата на светскиот фотограф Ричард Аведон кој ја сликаше манекенката Дониале Луна, во 1966 година која позира во костум направен од метални плочки „зашиен“ со куки, дизајниран од Пако Рабан со цел да промовира нов правец во модната индустрија наречен „металуршка мода“.

Франциско Куерво и Рабанеда е роден во Сан Себастијан, Шпанија во февруари 1934 година. Уште многу млад се преселил во Париз, поточно во 1951 година за да студира архитектура на  школата за применети уметности, завршувајќи ги студиите со брилијантни резултати. Преку неговата мајка која во тоа време била на чело на едно од продавниците на познатата модна куќа Баленсијага почнува да остварува контакт со светот на модата и на тој начин преку истражувања длабоко навлегува во мајсторските техники и тајни на занаетот.

Неговите првични креации се модели на модни додатоци кои ги изработува за брендот за кожа Роџер Модел, а потоа и за Чарлс Џордан. Тие предизвикуваат толку големо внимание, што големите модни куќи во тоа време како Диор, Кардин и Живанши, го бараат Рабан за свој соработник. Жерар Пипар, кој од неодамна е дел од модното семејство на куќата Нина Ричи прочепка низ архивите на модната ризница на куќата што го инспирираше да се редизајнираат моделите со везови.  Овој „експеримент“ на Пипар всушност го оживува ДНК-то на Рабан кој во почетокот на 60-тите години за да создаде специфичен дизајн, на своите креации им вметнува копчиња дизајнирани од кожа, камен и пластика. Својата уникатност во дизајнот и начинот на работа како и техниките и материјали кои ги користи во процесот на изработката ќе кулминира со создавањето на накит и модни додатоци како обетки, телескопски очила за сонце наменети исклучиво за дамите кои се храбри, неконвенционални и урбани. Љубовта кон архитектурата, особено употребата на пластика и метални елементи е слеана во неговите модели кои без сомнение важат за едни од најдобрите. Идеален хармоничен склоп на уметности кои резултираат со вистински моден луксуз.

Голем дел од моделите се изработени од таканаречен материјал родоид. Станува збор за збир од специјални пластични дискови кои ја градат композицијата и структурата наликува на заштитните железни мрежести блузи што витезите ги носеле во борби за да го заштитат телото од убоди.

Меѓутоа да се биде единствен и поинаков не беше лесно за Пако Рабан. Најголемиот дел од париските продавници почнаа да ги осудуваат креациите на дизајнерот, најмногу поради неговата неконвенционалност и специфичност. Ваквите„критики“ беа позитивен стимул за Рабан кои кулминираа со отворање на неговото прво ателје  на Rue Du Caire. Во 1962 година тој ја претстави својата прва колекција „12 тотално неносливи фустани изработени од иновативни материјали“, како што се пластика, метал и мрежа. Храбра колекција инспирирана од авангардните музички акорди од тоа време и колоритни материјали врз кои успешно ја имплементира техниката на користење метал, пластика и мрежа. Неговите модни начела и принципи извршиле големо влијание врз уметниците од тоа време како што е случајот со Ирис Клерт која во рамките на својата изложба прикажа и модел на бел мантил изработен од пердуви од ној со вградени транспарентни самолепливи ленти.

Дури и кабаре клубот „Crazy Horse“ не остана имун на иновативниот бран Пако Рабан. Зимата 1966 година танчарките парадираа облечени во исклучителни модели за костими за капење направени од пластика. Неговата смелост и космополитскиот дух создадоа револуционерен поглед кон иднината и во светот на модата отворија нови хоризонти кои ги поставија темелите на новите правци кои никогаш порано не биле искусени. Промоција на една нова мода, каде иглата и конецот се заменуваат со клешти и рачна машина за заварување метал. Со голема доза на мотивираност дизајнерот во доцните 70-ти години почнува да експериментира и со облека изработена од хартија. Според Рабан, за создавање на фустан од хартија потребни се само три минути.

Неговите модни визии за футуристичкиот изглед на жените, најде свое место и простор и на филмското платно. Пако Рабан ги потпиша сите костими кои се изработени за филмот „Barbarella“ од Роџер Вадим во 1968 година, со Џејн Фонда во главната улога која е облечена во убава блуза изработена од метални додатоци со висок степен на сјајност, испреплетени во форма на мрежа. Во 1967 година целосно ги дизајнира и реализира костимите за филмот „Two For The Road“ на режисерот Стенли Донен, каде магичната Одри Хепберн носи фустан во А-крој украсен со пластични сјајни дискови и метални синџири. Истата година во Лондон ја облече сензуалната Хепберн во костим изработен од сребрени крлушки кој тежи неверојатни седум килограми.

Наредната година пак, 1969 година дизајнерот се посветува на создавањето и лансирањето на својот прв парфем наречен „Calandre“. Дизајнот на шишето ги следи контурите и омилените материјали на дизајнерот, пластиката и металот.

Од 1999 година стилистот дефинитивно го напушта концептот за креирање Alta Moda, но неговото ателје продолжува со експерименти особено во рамките на prêt à porter дизајните и останатото производство креирани секогаш со неговите омилени алатки: клешти, сламки и куки.

Големиот Салвадор Дали за овој дизајнер во една прилика  изјави:

„Тој е вториот гениј во Шпанија после мене!“

Објавено:
28 јуни 2014
Категорија: 
Стории