Пако Рабан - футуристичкиот дизајнер кој себе си се сметаше за класичар

3 јули 2023

Откако модната куќа Пако Рабан го смени името и стартуваше со линија на декоративна козметика, многумина се прашуваа дали токму основачот, кој почина пред пет месеци, бил против промените.

Која и да е приказната за сето ова, ништо немаше да постои да не беше големиот дизајнер, кој е роден како Франциско Рабанеда Куерво.

Пако Рабан е роден на 18 февруари 1934 година во Пасаја, Баскија.
Неговиот татко бил републикански полковник, кој ќе биде трагично погубен за време на Шпанската граѓанска војна.

Мајка му во тоа време работела како кројачка за легендарниот шпански дизајнер Кристобал Баленсијага, па може да се каже дека таа е заслужна за љубовта на младиот Франциско кон високата мода.

По смртта на татко му, семејството се сели во Париз, а мајка му продолжува да работи за Баленсијага кој во 1937 го отвора своето ново ателје токму таму.

Рабан во Париз започнува да студира архитектура на Академијата за ликовни уметности, со желба да стане архитект. По студиите веднаш наоѓа работа кај најголемиот производител на армиран бетон во Франција.

На таа позиција останува 10 години, но за да заработи повеќе, дополнително изработува скици за Диор, Живанши и останати модни куќи кои имале потреба од тоа.

По некое време се одлучува и самиот да се испроба со моден дизајн па во 1966-та ја претставува својата прва колекција која што ја изработил од пластика.

Сепак, спојот на мода и архитектура, на почетокот, нема многу да ги воодушеви француските медиуми.

Покрај Рабан, и Пјер Карден креираше дизајни со атипични форми, но Рабан се истакнуваше по тоа што користеше секакви материјали за своите колекции.

Метал, хартија, сè можеше да се вклопи во замислите на дизајнерот, и притоа да излезе модно ремек дело за паметење.

Тој користеше материјали што дотогаш беа неспоиви со облеката и им даваше нова смисла.

Токму тоа му ја донесе титулата футуристички дизајнер, иако себе си се сметаше за класичар, додека за неговите современици Сан Лоран, Живанши и Карден велеше дека се барокни дизајнери.

Пако беше успешен и како костимограф, а едно од најзапамтените остварувања во ова поле беа креациите за Барбарела во 1968 година.

Рабан својата последна колекција ја прикажа на 17 јули 1999 година, на Париската недела на висока мода. Истата година се пензионираше, ретко се појавуваше во јавност и се држеше подалеку од медиумите.

Дванаесет години подоцна или во 2011, шпанската групација Пуиг повторно до оживеа брендот. Антонио и Мариано Пуиг, за прв пат го посетиле неговото ателје во Париз уште во 1968 година и потпишале договор за соработка.

Првиот парфем со потпис на Рабан во 1969 година е претставен под нивна капа.

Од 2013 па наваму, креативен директор на брендот Пако Рабан, од пред некоја ден само Рабан, е Џулиен Досен кој претходно работеше за Баленсијага.

Големиот футуристички дизајнер почина на 88 годишна возраст во својот дом во Франција, на трети февруари годинава.

Фото: Pinterest, Instagram

Објавено:
3 јули 2023
Категорија: 
Стории
Прочитано:
291 пати