Предвремен преглед од новите колекции на македонските дизајнери –I дел

1 октомври 2013

kolaz

Преку своите содржини Fashionel постојано ви ги промовира најсвежите моменти од  модата, како од светот така и од кај нас. Веќе неколку пати предвремено ви  најавуваме дел од сегментите на новите колекции од светските дизајнери, а водени токму по тоа, сега ви нудиме и ран преглед и од новите колекции есен-зима 2013/14 на македонските дизајнери. Овој период, во нивните ателјеа и салони се работи со полна пареа и се подготвуваат креациите што наскоро ќе бидат прикажани пред македонските љубители на модата.

Нашиот тим ги посети токму на работните места  каде  дизајнерката Олгица Ѓеоргиева, Ирина Тошева, Ненад Секирарски и Мила Кадриу, ни раскажаа од што се инспирираа  при создавање на новите модели, какви материјали користат, кои бои ќе доминираат за есен-зима, а притоа ни дадоа можност да го визуелизираме процесот на изработката.

Дизајнерката Ѓеоргиева за својата најнова колекција која и е во изработка вели дека се навраќа на футуристичкиот стил, но споен со елеганцијата, за кои смета дека се нејзино обележје.

Олгица Ѓеоргиева

-Во новата колекција главен момент ќе бидат крилјата, има приказна зад тоа која пошироко ќе биде прикажана на модниот викенд. Ќе биде модифицирана форма каде што дискретно ќе бидат провлечени низ колекцијата. Оние кои ја следат  мојата работа знаат дека сум љубител на футуристичкиот стил, така и започнав со мојата модна кариера. Потоа малку го сменив стилот, сега повторно се навраќам на тој момент, но овој пат ќе спојам елеганција со футуризам.

Иако светските дизајнери се чекор понапред со сезонските колекции, нашите дизајнери континуирано презентираат и изработуваат колекции за тековната сезона, Олгица не е еден од случаите што одат по македонско темпо и таа наместо за есен-зима ја изработува колекцијата пролет-лето 2014 година.

Олгица Ѓеоргиева

-Јас од пред неколку сезони отидов сезона напред. Овој пат  ќе се претставам со колекција пролет- лето 2014. Од материјалите ќе бидат застапени свилата жоржетот, памучни материјали, а од боите ќе бидат достапни бела, беж, црна и црвена. Ќе има некои специфични детали на кои акцентот од бојата ќе биде ставен, па тогаш до израз ќе дојде целокупниот ефект. Планирам 20 до 25 модели максимум,  во принцип со толку одам секоја година. Јас сум од почетокот на Скопскиот  моден викенд, не сум направила пауза до сега, па така и сега, објаснува Олгица.

Ирина Тошева

Дизајнерката Ирина Тошева  на публиката најмногу и е позната по романтичните и весели креации, но овој пат таа ќе промовира нешто сосема поинакво од досегашното,  сепак со момент што го отсликува нејзиниот дизајнерски сензибилитет.

Ирина Тошева

-Оваа колекција за разлика од минатата има помалку бои, но сепак ги задржувам малдешките елементи, урбана мода што може да се носи на улица. Главна инспирација ми беа костурските глави кои се голем тренд последните неколку сезони. По истражувањето на симболиката на костурските глави, дека животот е краток, еднаш се живее и слично, сакав да ги преведам на повесел начин, прикажувајќи ја радоста на живеењето. Затоа тие се насмеани, во весели бои и дополнети со интересни материјали иако колекцијата има „пострашни“ елементи, сепак си го задржувам мојот препознатлив весел и младешки дизајн, вели Тошева. Ќе преовладуваат сивата, црната, белата и розевата боја. И овој пат ќе промовирам дванаесет модели, 10 женски и два машки модела, можеби ќе бидат и повеќе, но дефинитивно женските парчиња ќе преовладуваат, изјавува Тошева.

Мила Кадриу

Секојдневната работа со клиенти е појдовна инспиративна точка за новата есен-зима колекција на дизајнерката Мила Кадриу. Таа за fashionel објаснува дека на новите креации се уште се работи, а низ нив ќе преовладува духот на Индија.

-За новата колекција се инспирирав од еден музички концерт и од Индија, но не во однос на шари и дезени, туку во однос на везот,свилите и златните нијанси. Изминатото лето моите клиенти бараа токму такви модели на фустани, па можеби оттука влегов во штосот да создадам колекција чија приказна започнува токму од мојот работен салон. Од материјалите ќе доминира свилата,шљокиците, детали од плиш и тантела. Главен збор од боите ќе имаат винова црвена, виолетова и црвена, планирам околу 26 модели, а ако ми дозволи времето сигурно ќе сработам уште, вели Кадриу.

Мила Кадриу

И во ателјето на дизајенрот Ненад Секирарски се изработуваат свечени тоалети што се препознатливи од неговата дизајнерска работа. Тој вели дека за најновите креации инспирацијата ја барал низ повеќе општествени сегменти и глобалните случувања.

Ненад Секирарски

-Во принцип никогаш немам наслов на колекцијата, некако не ја доживувам потребата да седнам и да и дадам име бидејќи кај мене раскажувањето претежно е застапено во формата, а не во зборот. Секако мислам дека за ова влијае и тоа што кај мене секогаш инспирацијата е испреплетување на повеќе елементи па само неколку зборови не би го опишале тоа. На неколку наврати досега во својот живот чувстувам потреба да го истражувам Fado-то како филозофија, емоција и поглед кон животот. Тагата со пиетет, која често се сретнува кај медитеранските народи кои и кога копнеат кон изгубеното тоа го ставаат во контекст на животот и вистинските вредности. Тоа секако се должи и на она што го восприемам околу себе и глобалните случувања кои секако оставаат белег на мојата работа. Така што, мојата жена во новата колекција е Жена чие срце пее фадо.

Експерементирањето на Секирарски ќе премине од луксузното кон едноставното, но сепак со препознатливост и лесна адаптибилност кон модните потреби на една жена.

Ненад Секирарски

-Колекцијата ја сочинуваат 15-тина парчиња свечени и коктел тоалети. Во најголем дел се работи за фустани, но има и поединечни делови како здолништа и блузи. Уживам во вечерните фустани и чувствувам дека тука најдобро ја изразувам својата креативност и енергија која секако ја препознаваат и моите клиенти.

Користам вистинска мешавина на материјали изработени од свила, памук, вискоза но и синтетични материјали. Сакам да експериментирам и да ги менувам квалитетите на материјалите, некогаш спојувајќи го и неспоивото или луксузното со едноставното, но тоа сум јас, така сакам да работам и така ја согледувам облеката која е дел од нас а не само трендовски или колективен елемент на препознавање. Во однос на боите би рекол- црна и пак црна со примеси на златна, убава, сочна црвена во името на страста, темна, полна сина како мастилото на старите љубовни писма, темно зелена од сеќавањата, вели Ненад Секирарски.

Ова беше само првиот дел од предвремениот преглед на новите есен-зима колекции од македонските дезајнери. Наскоро ќе читате продолжение на истата тема, само со различни дизајнери кои како наши соговорници ќе ви откријат што да очекувате најново од нивните  дизајнерски ателјеа.

Објавено:
1 октомври 2013
Категорија: 
Стории