Приказна за материјалите

22 јули 2013

Se-sto-otsekogas-sakavte-da-znaete

Речиси секоја жена макар еднаш во животот сакала да сошие нешто и „заглавила“ при изборот на материјали. Па дури и да не е така, купувајќи облека, сигурно сте си го поставиле прашањето дали ткаенината е квалитетна, ќе се искине ли, ќе избледи ли бојата и слично.

Но, што е всушност ткаенината?

Според зборовите на технологот Станка Петкова, текстил, односно ткаенина е еластичен материјал составен од повеќе ситни влакна, што се впредени меѓусебно.

-Во зависност од видот на влакната дали се природни или вештачки, така се делат и материјали. Но, има и материјали што се добиваат со мешавина на истите. Секое влакно дава свој сопствен идентитет во секој текстилен производ, повеке отколку варијациите на прегата, конструкциите на ткаенините и плетенините – вели Петкова.

На прашањето, од што зависи квалитетот на еден материјал, и како да препознаеме квалитетен од неквалитетен материјал, Станка одговара:

-Во зависност од обликот на напречниот пресек, структурата, финоста, порозноста и уште некои други параметри, зависи и квалитетот на материјалите, а не само од нивното потекло. Меѓутоа, најголема можност за дефекти на влакната постојат кај синтетички добиените матријали, кои во зависност од постапката на добивање, може да се случи да се добијат влакна со присуство на нечистотии, ситна прашина која прави проблеми при понатамошниот процес, помалку или повеќе шуплини во влакната...За да се препознае квалитетен од неквалитетен материјал, а и од тоа дали е природен или вештачки, секој купувач не би можел да знае, освен ако не е многу искусен познавач на материјали, затоа што со усовршување на постапките за добивање на хемиските влакна нивните својства и изглед имаат сè поубав и попријатен допир кој може да се испита само со хемиски анализи, микроскоп. Или пак наједноставно, секој може да го направи со горење на текстилното влакно од кое е произведен матријалот и во зависност од бојата имирисот да се познае за каков матријал станува збор – објаснува Петкова.

Таа додава дека природните влакна како памукот и ленот горат брзо и притоа мириса на изгорена хартија. Волната и свилата горат бавно, а мириса на изгорен рог, додека пак вискозата која е хемиско регенерирано влакно се однесува исто како памукот и има слични својства. Хемиските влакна пак, брзо горат, се топат и мирисат слаткасто.

-Но најчесто материјалите се од мешавина, со што не би знаеле дали е квалитетен или не. Квалитетот исто така зависи и од збитоста на ткаенината и вткајувањето на квалитетот на влакната – раскажува Станка.

Материјалот и неговата текстура
Секој материјал има текстура, а токму од неа зависат и повеќе својства на материјалот.

-На пример кај волнените влакна од рапавата стуктура на крлушките зависи убавото впредување на преѓата кои придонесуваат за убав допир на волната, додека пак мазната и стаклеста површина како најлонот на производите им дава убав блескав изглед на мазната површина, не се прилепува прашина, потешко се валкаат, но од друга страна телото многу малку дише и неговата порозност е многу слаба- објаснува технологот.
За разлика од некои минати времиња, во Македонија речиси и да не се произведуваат матријали. Убавите материјали најчесто доаѓаат од Италија, Париз, Дубаи и Кина. Сепак, Петкова потенцира дека не сите материјали што доаѓаат од тие места, се со добар квалитет, затоа и треба да се внимава при изборот на истите.

Сè што не сте знаеле за свилата

Како се изработува еден материјал? Унифициран одговор не може да постои, затоа што секоја ткаенина бара посебен третман.

Кога е добивањето на хемиските влакна во прашање, постапката е следна:

1.Добивање на полимер наменет за влакна
2.
Претворање на полимерот во вискозна течна состојба со топење или растворање, мешање и филтрирање на добиената маса за формирање
3.Формирање влакно, деформирање на течната нишка и нејзино втврднување во вид на влакно
4.Орентациско истегнување на влакното
5.Термичка обработка на готовото влакно, со цел да се ел
иминираат заостанатите напрегања во влакното и да се стабилизираат неговите димензии
6.Разли
чни текстилни операции на преработка на текстилен матријал

Памукот,волната, ленот, јутата и свилата се природни ткаенини. Секоја специфична за себе. Но, за разлика од другите кои се добиваат од растенија, свилата е уште поспецифична поради тоа што се добива од свилена буба.

Постојат два вида на свилени буби: диви и култивирани. Влакната на дивата свилена буба имаат груба тврда структура и кафеава боја, за разлика од жолтите до сиви влакна кај култивираната буба.

Дивата свилена буба живее и се храни на дабово дрво, а нејзините природни животни средини се наоѓаат во Индија, Кина и Јапонија. Оттаму, нејзините влакна понекогаш ги нарекуваат и дабова свила, а во Јапонија ги викаат дива свила. Култивираната свилена буба бара многу грижа. Потребни и се тишина и добри хигиенски услови. За одгледувањето на црниците, чии листови се храна за свилените буби, развиена е цела наука. Најдобрите листови се добиваат со комбинација на растенијата добиени со комбинирање на високостеблестата и нискостеблестата црница.

Фабрика за свила Фабрика за свила

Од јајце до пеперутка Свилените буби не живеат долго - само два месеца. Во текот на тој период минуваат низ четири степени на развој: јајце, ларва, кожурец и ноќна пеперутка. Јајцата се чуваат на студено околу шест дена , па се потопуваат во топла вода и се сушат на воздух. Потоа се ставаат во инкубатори, каде остануваат сè додека од нив не се изведат ларвите. Од секое јајце се изведува по една мала бела ларва со големина од 6 до 7 мм. Ларвите се многу лакоми; се проценува дека секоја ларва јаде 30.000 пати повеќе храна од својата почетна тежина. Во текот на оваа фаза свилените буби неколку пати ја отфрлаат обвивката. На крајот од периодот од триесет дена ларвата престанува да јаде, се закачува на парче слама и почнува да преде кожурец создавајќи долго непрекинато влакно. Секретот од двете големи жлезди се излачува преку брадавици - цевчиња сместени на главата - стврднувајќи се при изложување на воздух и создавајќи на тој начин удвоено влакно, составено од белковинска материја фиброин (состојка од која е изградена свилата и пајажината). Другиот пар жлезди излачуваат серицин или свилена смола, леплива супстанца која ги лепи влакната едно за друго.

Ларвите се покриваат со тие влакна сe додека, по три дена, не е готов кожурецот. Следните 15-20 дена ларвата во неа спие. Бидејќи само од непробиени кожурци може да се добијат долги и тенки влакна, поради тоа свилената буба, со помош на пареа или жежок воздух, се убива додека е во кожурецот. Ако се остави пеперутката сама да излезе, таа ќе го скине влакното од кожурецот и на тој начин влакната не можат да се користат. Оние свилени буби кои се наменети за расплодување не се убиваат. Тие природно излегуваат од кожурецот, по три дена се парат, положуваат јајца и умираат. Нивниот животен круг завршува. По уништувањето на ларвите со загревање, непробиените кожурци се делат според бојата и структурата и нивното влакно се намотува на калем. За смолaта да омекне, кожурците се потопуваат во вода загреана на температура од 60 °Ц. Влакната од неколку кожурци се сложуваат во група. Се провлекуваат низ малиот отвор на телото од калемот и потоа се плетат неколку влакна и се провлекуваат низ другиот отвор. Плетењето продолжува дури кога преѓата ќе биде намотана. Влакната се прилепуваат меѓусебно поради природната смола што ја лачи свилената буба, се плеткаат и преплетуваат поради танкоста. Преѓата која ќе се користи за големи парчиња ткаенина или за јажиња, мора да биде цврста за да го поднесе напрегањето.

Свиленото јаже се изработува од неколку единечни јажиња, бидејќи со плетењето се зголемува неговата цврстина. Кога преѓата ќе се подготви за ткаење, се вари во раствор од сапун за да се отстрани природната смола од свилата (серицин). Но при вриењето, свилата може да изгуби 20-30% од својата изворна тежина. Свилата има голем афинитет за метални соли како калај и железо, па така за да се надополни загубената тежина на свилата и се додаваат овие соли. Со додавање соли од калај или железо на свилата освен што и се зголемува тежината и се зголемува и густината со што се подобрува квалитетот во поглед на набирањето. Потешката свила може да се направи поевтино од чистата свила, но отежнатата свила ќе трае значително пократко од свилата без додадена тежина, бидејќи исправањето и изложеноста на сонце го ослабуваат и уништуваат влакното. Исто така, ако свилата се отежне премногу, може да дојде до пукање на влакното. До ослабувањето на влакното ќе дојде и ако постапката на нејзиното отежнување трае премногу долго. Свилата која не содржи тежински фактор се нарекува чиста свила.

Бојата на култивираната свила се движи во распон од жолта до сива. Кинеската и јапонската свила обично е жолтеникавобела, додека италијанската свила е со жолта боја. Свилата има природна наклоност за боење, многу подобра од памукот и ленот. Боењето се прави со киселини и чисти бои.

Пред свилата да се намота од кожурецот, потребно е да се отстранат долгите и замрсени краеви за да се пронајде оној од кој ќе почне процесот на навојување. Замрсените краеви се отстрануваат и затоа што не можат да се мотаат на навојот. Исто така, кога поголемиот дел од влакната од кожурецот ќе се намота на калемот, понекогаш остануваат некои мали остатоци, кои исто така се отстранувале. Кажано математички, дури половина од вкупната количина на свила од кожурецот е погодна за навој и за изработка на квалитетна свила, а остатокот се користи за изработка на помалку квалитетни свилени ткаенини.

Од сите природни ткаенини, т.е. меѓу влакната со ист дијаметар, свилата има најголема цврстина. Послаба е кога е водена, но нејзината првобитна цврстина се враќа кога ќе се исуши. Повеќе е издржлива на триење отколку на силно тегнење. Многу поеластична е од ленот и памукот. Може да се развлече од 1/5 до 1/7 од нејзината должина пред да пукне. Поради големата еластичност донекаде наликува на фина гумена лента. Затоа облеката од свила го задржува обликот и не се тутка. Свилата е најфино од сите природни влакна. Нејзините влакна се многу сјајни, а дијаметарот им е околу 1/800 см. Можат да бидат испредени во фина преѓа, а ткаенините се фини, тенки и проѕирни. Должината на влакното на свилата се движи од 400 до 1.200 метри. Таа голема должина им е од голема помош на производителите: им овозможува со леснотија да ги спојувааат големиот број влакна. Исто така, долгите влакна преѓата ја прават посјајна од преѓата од куси влакна.

Каков материјал за каква облека

Многу е важно облеката да е направена од соодветен материјал. Со оглед на тоа дека летната сезона е во тек, еве совет какви ткаенини се пожелни.

-Онаа облека што се изработува за секојдневна намена треба да биде од природни матијали кои ќе впиваат пот и да ја отстранува од површината на телото, но истовремено да бидат фини и пријатни на допир. Овие матријали се добри за летниот период. Посебно треба да се избегнуваат синтетички матријали затоа што телото малку или воопшто не дише, иако може да бидат тенки и лесни за носење. Кога се свечените фустани во прашање пак, секогаш треба да се бараат лесни, лелеави и пријатни матријали најчесто се изработени од свила, синтетика и мешавина на истите. За вакви пригоди подобри се „мешани“, бидејки природните материјали се туткаат и не изгледаат убаво за око, додека пак основата (поставата) од која би бил составен фустанот ,материјалот би бил со поголем процент на природен матријал за да биде попријатен за носење- советува технологот.

 

Одржување на ткаенините

И уште еден од честите проблеми со кои се соочуваме откако ќе ја купиме облеката е нејзиното одржување. Во зависност од тоа од кој материјал е изработена, облеката си бара посебен третман. Некои материјали „се собираат“, некои пак, „се развлекуваат“.

Еве неколку совети:

Волната се собира доколку се пере на висока температура и го губи обликот ако се закачи на нешто при процесот на сушење. Иако е добар термо материјал и добро впива, има тенденција да стане мат или жолтеникава.

Памукот како и волната се собира на многу висока температура, а доколку е облека во боја во прашање, првиот пат мора да се пере одвоено од останатите парчиња. Памукот е флексибилен материјал и може да се пегла, особено имајќи предвид дека многу и се тутка.

Ленот секогаш мора рачно да се пере. Треба да се избегнува перење на високи температури. Ленот е свеж и пријатен материјал и со висока отпорност на нечистотија. Најголемиот недостаток му е туткањето, затоа што истовремено е отпорен и на пеглање.

Свилата не смее да се пере на високи температури. Третирањето на отпорни дамки мора да биде поверено на професионалец. Пеглањето на овој материјал треба да се избегнува, а доколку е неизбежно, тогаш температурата задолжително треба да е ниска.

Објавено:
22 јули 2013
Категорија: 
Стории