Некако во современата трка низ секојдневието, во брзање да се стаса со сѐ и секаде, 5 до 12 ни стана мерка за време. Така често пропуштаме да уживаме во моментот и да сме присутни тука и сега. Но, итајќи низ уличките во центарот на Скопје, ќе ве „застане" една непрентециозна градска приказна со еден мал излог полн со шаренило од ракотворби. Таму зад шаренилото моментот е сѐ и се ужива во него. „5 до 12" е мала креативна работилница која е тука за да нѐ потсети дека навистина убавината е во малите нешта. Стефанија Атанасовски тука си го нашла својот мир, среде кративниот хаос и се труди на Скопје да му даде дел од својата приказна.
Таа е магионичарот кој стои зад концептот на „5 до 12" иако вели дека нема магично стапче, но има креативен ум што создава мали и ситни уметнички дела со душа.

-Перфекционист по природа, темелна, се давам безрезервно во работата - исто како кога спремам нешто за себе си и мислам дека тоа се рефлектира на финалниот продукт. Се препуштив целосно на тоа што ме исполнува без никакви очекувања ама најубавите работи доаѓаат кога немаме очекувања дека нешто мора да се случи и никогаш не зажалив за тој потег, затоа што патот ме донесе до ул. Апостол Гусларот 15, односно катчето на 5 до 12. Така спонтано има произлезено и Under Pressure на Queen и Bowie, па тоа ми е еден мотивирачки факт што си го чувам некаде во главата, ни се претстави Стефанија.
Во контекст на називот на концептот, бевме љубопитни да ја прашаме Стефанија што може да се направи во 5 до 12, а да се стаса на време?
- Кога 5 до 12 не би било „one man show" и би имало цела екипа што работи паралелно на сите сегменти од процесот, сѐ би било возможно. Меѓутоа во моментов, во "5 до 12" односно во последен момент може да се купи од производите кои се достапни во работилницата. Персонализираните нарачки е невозможно да се изработат "од денес за утре" но, целам кон тоа во некоја не многу далечна иднина.

Вели дека независно од тоа каде твори, љубовта, истрајноста и вербата во тоа што го прави ја буткаат напред.
- Коцките не се редат сами, ние сме задолжени за тоа. Исто така е важно да се ослободиме од чувството дека нештото мора да успее по секоја цена.
Со оглед на тоа дека шаренилото на нејзиниот свет е микс на различни вибрации од рачни изработки, нѐ интересираше како тече креативниот процес до финалната фаза.

-За да се дојде до крајниот продукт претходат доста чекори за кои повеќето луѓе не се свесни бидејќи гледаат само готов производ. Прв чекор е дефинирање на формата и димензиите, во зависност од производот. Потоа следува дигиталната припрема, што значи компјутерско исцртување на формата со нејзините детали и контури, што е впрочем припрема за нејзиното сечење. Следува четка и боја, мојот омилен дел од целиот процес. Атмосферата на мешање бои, потезите со четката, хаосот на маса, несакајки влегување со ракавите на омилената блуза во палетата со бои не може да се долови со дигиталното цртање. На крај останува уште прикачување привезок/игличка во зависност од производот и се разбира, пакување.

И сето тоа оди во пакет со убава музичка позадина и фина, пријатна работна атмосфера.
-Атмосферата во работилница е секогаш лабава и позитивна, а тоа е затоа што кога сум таму се чувствувам исто како дома. Целата идеја ми беше просторот да не е многу "сериозен" и официјален, туку
првично интерактивен и да го нема оној притисок дека мора нешто да се купи ако се влезе внатре, туку дека може и само да се поседи од љубопитност. Од станување до легнување најчесто се поминуваат минимум пет жанрови во текот на денот, во зависност од расположението, ама еве периодов најмногу се слуша soul, jazz, trip hop, alternative r&b..да го смири малку новогодишниот хаос.

Внимателноста е заедничка карактерна нота што ја поврзува нејзината публика.
-Тоа се луѓе што рачната изработка ја ставаат во преден план, пред фабричата/машинската и убаво е што на некој начин полека се враќа занаетчискиот дух во време кога се е дигитализирано.
Доаѓаат луѓе да си се почастат нешто себеси затоа што баш тоа им било потребно во денот за да ги "крене" малку. Особено е убаво чувството кога луѓето сакаат на некој начин да возвратат за целото купувачко искуство со 5 до 12, па така би издвоила и би поздравила две мои драги "муштерии" кои дојдоа со takeaway кафе и бајадера во знак на благодарност за мојата работа. Е, тоа е тоа што ме станува од кревет секој ден.

Пријатниот разговор со Стефанија го заокруживме со нејзината дневна мантра, животна рутина која ја полни со енергија, која понатаму го одржува темпераментот на „5 до12".
-Дневната мантра ми е "seize the day". Сакам да сум присутна во денот, не само да го поминам колку да дојде наредниот. Со добра енергија ме полни тоа што го работам, затоа што пред сѐ, тоа ми е хоби уште пред да почнам официјално да го работам ова, се занимавав со цртање и експериментирање со различни техники и тоа било од лично задоволство и некој вид на "празнење", само што било во поразлична форма од она што е денес. Генерално било цртање на стакло и платно, и вообичаено "време за себе" во мојот свет е цртање некое огромно платно. Ме исполнува убав збор, фацијалните експресии и реакциите на луѓето кога ќе си ја видат нарачката што едвај чекале да видат како ќе излезе на крај и дали ќе ги исполни нивните очекувања. Ме исполнуваат луѓе што зрачат сами по себе и несвесно го шират тоа околу нив...

Фото: Приватна архива

