Во пресрет на деветтото издание на Модниот викенд Скопје, единствената манифестација од ваков тип во главниот град, правиме повеќестран осврт на неговиот развој и со вас ги споделуваме гледиштата на луѓето кои директно или индиректно се инволвирани во градењето на сликата за модната сцена во нашата држава, а со тоа и во профилирањето на манифестацијата.
Имајќи предвид дека се работи за платформа која пред сè треба да прерасне во успешен медиум за двонасочна комуникација помеѓу модните инсајдери и публиката, но и помеѓу самите дизајнери, Модниот викенд треба да преставува сериозен репрезент на домашната креативна сила, обезбедувајќи им квалитетна основа за презентација на младите дизајнери, а истовремено и достоен простор каде веќе докажаните дизајнерски имиња ќе го оддржуваат својот континуитет во работата, со што ќе се изгради модна свест на достојно ниво.
Официјалниот постер за годинешново издание на Моден викенд Скопје, пролет-лето 2014
Закажано да стартува на први април, а да трае до шести, годинешното издание на Модниот викенд во официјалната програма предвидува претставување на 20 македонски модни дизајнери и брендови на повеќе локации во Скопје, меѓу кои по минатогодишната пауза повторно се враќа во салонот на „Порше Македонија“. Дел од дизајнерите ќе ги претстават своите колекции во автентичниот амбиент на Старата скопска чаршија, во ботаничката градина Хорти Експерт и во Музејот на Македонската Борба за Државност и Самостојност.
Света Богова-Јовановска, главен организатор на Моден викенд Скопје
Ретроспективно навраќајќи се на зачетоците од неговото формирање до денес, разговараме со главната организаторка Света Богова-Јовановска, истовремено и директорка на корпорацијата „Модна недела“ која стои зад Модниот викенд.
Од оваа временска дистанца, дали го добивте/добивате посакуваниот ефект со развојот на Модниот викенд и дали го постигнувате посакуваното темпо во прогресот?
- Моден викенд Скопје е платформа која ја градиме веќе петта година. Од сезона во сезона се трудиме да ги елиминираме недостатоците и да внесеме новини. Наши приоритети се на најдобар можен начин да се презентираат веќе докажаните македонски модни имиња, но и да промовираме млади таленти кои имаат што да придонесат на македонската модна сцена. Сметам дека талентот и креативноста е она кое секогаш заслужува шанса. Иако преферирам за нас да зборуваат другите, јас можам да кажам дека од година во година сум сè позадоволна од резултатите - вели Света Богова-Јовановска.
Еден од позитивните аспекти и основен предуслов за постигнување на следно ниво во прогресот на манифестацијата е неговиот континуитет, кој независно од сите надворешни фактори, настанот успева да го постигне. Од друга страна, оваа платформа помогнала да се лансираат нови квалитетни имиња на пазарот на македонската модна индустрија кои понатаму почнале самостојно да го градат својот идентитет. Но, веќе години наназад, секогаш проблемот започнува со едно прашање: Каде? Изборот на локацијата за соодветно претставување на дизајнерите се провлекува како пречка во организацијата сезони наназад.
Главната организаторка, од своја перспектива ни ги посочи бенефитите, но и недостатоците на настанот зад кој таа стои:
- И од едните и од другите сигурно има, во зависност од личната перцепција. Мене лично ме радува што Моден викенд Скопје и „откри“ на македонската публика повеќе домашни имиња кои продолжија да си ги градат кариерите во добра насока и за чијашто работа, денес пошироката јавност знае. Како недостаток би го издвоила да речеме, понекогаш недостатокот на адекватни локации и простор кој би соодветствувал со нашата замисла и замислата на учесниците. Исто така Моден викенд Скопје треба да почне да се доживува како дел од културниот живот - додава Богова-Јовановска.
Претендирајќи да се вклопи како уникатен моден профил во културниот идентитет на градот, Модниот Викенд Скопје сè уште се позиционира на пазарот, со оглед на тоа што временски се работи за млада манифестација во споредба со настаните од ваков тип во регионот.
Програма на деветтото издание на Моден викенд Скопје
Колку сме во чекор со развојот на модните манифестации од ваков тип на Балканот?
- Некои од модните случувања во регионот се присутни подолго. Загребската модна недела се случува по шеснаесетти пат, српскиот Fashion week трае повеќе од двојно подолго од нив... а ние сме на прагот на деветтата сезона. Вистина е дека времето не е пресудно за квалитетот на манифестацијата, но со годините и публиката и купувачите прифаќаат новитети, ги менуваат своите навики во однос на перцепцијата и купувањето домашни дизајнери и брендови. Признавам дека како и во секоја сфера секогаш постои уште нешто што може да се направи. Ние се трудиме од сезона во сезона да ги донесеме светските трендови кај нас - резимира Богова-Јовановска.
Ненад Секирарски
Познатиот македонски дизајнер Ненад Секирарски има богато интернационално искуство кога се работи за учество на модни настани во регионот. Во април тој по 15-ти пат ќе се претстави на Fashion Selection во Белград, па затоа е една од компетентните личности која може да направи паралела помеѓу организацијата на скопскиот Моден викенд и таквиот тип на настани на Балканот.
- Јас и овој април ќе бидам дел од Белградскиот Fashion Selection кој се одржува по 24-ти пат а мене ми е 15-то учество, затоа слободно можам да кажам дека го познавам настанот во целиот свој развој. Мислам дека таму се работи за поголем пазар со повеќе спонзори и поголема медиумска покриеност па со тоа и настанот добива на тежина но она што кај нас се случува воопшто не е помалку вредно бидејќи искуството и традицијата ќе го направат своето - Секирарски потенцира на временската дистанца и на големината на пазарот, како основни разлики.
- Од лично искуство познати ми се слични модни настани од Албанија, Косово, Србија, Босна и Херцеговина и Романија и сметам дека секој настан има свои недостатоци и убавини, но она што мислам дека е најпотребно е да постои мрежа на соработка помеѓу модните недели како би се подобрила целата слика, а и за дизајнерите е многу корисно размената на искуства концепти и пошироко одмерување на тоа каде и како се наоѓаме и функционираме - додава Секирарски.
Тој е еден од македонските дизајнери кои учествувал на првите изданија на Модниот викенд Скопје, а на последните најчесто е присутен во публиката.
-Модниот Викенд Скопје го следам од самиот зачеток на идејата па сè до она што претставува денес-релевантен моден настан во Македонија кој од сезона во сезона сè повеќе ја профилира македонската мода како дел од европската и светската модна карта. Како еден од првите учесници и секогаш како посетител можам само да кажам пофални зборови за тимот кој со својата упорност и енергија е спремен да ги истурка работите секогаш до крај. Свесни сме дека многу нешта можат да бидат и подобри, но исто така сметам дека многу е сменета свесноста на публиката и едуцираноста во тоа што и како треба да се консумира на еден моден настан - го сподели своето видување Секирарски со Fashionel.
Елена Лука на претставувањето на својата колекција Fashion force, есен-зима 2012
Елена Лука е еден од најпрепознатливите македонски модни брендови која во повеќе наврати имала искуство со претставување на своите колекции во рамките на Модниот викенд Скопје, а овојпат го споделува своето лично видување и од аспект на учесник и од аспект на човек кој сериозно е навлезен во производство на модна линија на македонскиот пазар.
- Ставот на Елена Лука мислам дека е познат поодамна во однос на целата идеја и реализација на FWSK. Јас во јавност изјавив дека Елена Лука ќе се повлече од учество на нашиот Моден викенд поради сериозни организациски пропусти и проблеми поврзани со локациите на одржувањетона настанот, кои беа причина за квалитетна презентација на моделите на Елена Лука, а воедно и несоодветен третман на гостите и медиумите кои ги следат нашите ревии. Како и да е, оваа година по еден сериозен состанок на иницијатива на г-ѓа Света Богова-Јовановска која е главен организатор на FWSK, се договоривме дека Елена Лука ќе продолжи да биде дел од распоредот на Модниот викенд сè со цел да ја поддржиме оваа модна платформа и понатаму, затоа што сме со нив од самото формирање и во континуитет ги следиме и поддржуваме како бренд во сите нивни сезони како учесници. Оваа сезона Елена Лука имаше во план да ја презентира својата нова колекција преку самостојна модна ревија и затоа најдовме среќна солуција за двете страни да синхронизираме термин со деновите на FWSK каде што ќе се појавиме во нивниот распоред на партиципиенти, а не самостојно, се со цел преку нашето учество да ја засилиме листата на учесници и да добие на квалитет и сериозност самиот настан. Меѓутоа, ќе биде лицемерно ако како човек кој е сериозно навлезен во производство на своја модна линија и е соочен со сите проблеми и предности на пазарот во државата, не потсетам уште еднаш дека воопшто не им е лесно на организаторите на FWSK да опстојат на овој пазар и овој моден настан да го претворат во традиција. Исто како и со модните дизајнери кои и немаат баш големи бенефити од презентацијата на сопствените колекции на FWSK затоа што најмалку во публиката можете да сретнете купувачи, а практично модните викенди за тоа треба да постојат - апелира Елена Лука.
Официјален постер од четвртото издание на Модниот викенд Скопје
Медиумите се значаен субјект кој игра круцијална улога во презентацијата на настанот пред масовната публика. Сите оние што немаат можност директно да го проследат настанот, својата перцепција ја градат врз основа на тоа што ќе им го пласираат медиумите, па токму затоа нивната одговорност е огормна.
Како претставници на медиумите кои редовно го следат случувањето, разговаравме со Лејла Сабит од дневниот весник Вест и Небојша Толески од неделникот Теа Модерна. Покрај нивното лично видување за развојот на настанот, ги прашавме како тие како новинари се третирани на настанот, но од друга страна колку постои стручна домашна модна критика која објективно и детално ќе направи осврт на случувањето.
Лејла Сабит и Ненад Секирарски
Лејла Сабит посочи на повеќе аспекти во целата приказна на Модниот викенд, од односот на публиката, до дизајнерите кои се претставуваат или не се претставуваат, па се до самата организација:
-Во светските центри, со модна култура, видни гости од јавниот живот ги следат со внимание сите делови од Модната недела, кај нас Моден викенд во Скопје треба да бидеш виден на отворањето и затварањето. Публиката во Њујорк, Лондон, Милано и во Париз молчи или аплаудира. Во Скопје се свири и за добро тело и за целулит. Значи кај нас одржувањето на модната недела има две страни: сеирска и професионална која има тенденции од сезона во сезона исто така да стане сеирска. Дел од македонските дизајнери се чувствуваат доволно популарни за да не се појават на модна писта. Сакаат да профитираат по дома, а не да банкротираат јавно. На македонските мис и топ манекенки им е под чест да се разголат во проѕирна гардероба или долна облека со танга гаќи. Од една страна дизајнерите бараат искусни манекенки за своите креации. Агенциите бараат професионални манекенки, а пак тие бараат повисоки хонорари и спонзорите бараат популарни заштитни лица. Од друга страна, нема пазар за рекламирање, нема доволно домашни текстилни гиганти, фирмите сакаат „поефтини“ модели, агенциите мака мачат со нивниот непрофесионализам... Затоа секоја чест на организаторот на Модниот викенд, која од сезона во сезона го одржува континуитетот на Скопје како моден центар.
Јас како новинар и уредник и колегите фоторепортери во Вест сме истретирани професионално за време на случувањето. Не си го дозволуваме луксузот да не присуствуваме, а да пишуваме - образложува Сабит.
Официјален постер од седмата сезона на Модниот викенд Скопје
Новинарот Небојша Толески посочи на двете суштински околности поврзани со Модниот викенд, позитивната страна која му припаѓа на огромниот креативен потенцијал и негативната која секогаш се однесува на финансиските ограничувања.
-Стручното око на набљудувачот со сигурност може да ги види сите вредни елементи на еден моден настан. Ако настанот нема креативен дух, новости во пристапот и употребата на разни типови на материјали, модната критика треба стручно да укаже на недостатоците, за критичкиот осврт да има позитивна порака. Прогресот на Модниот викенд е реципрочен на креативноста и финасиските средства. Креативност за дизајнерски креации има, пари за изведба најчесто нема. Се и сешто не би требало да се протне на Модниот викенд, треба да се утврдат стандарди за тоа кој смее и кој може да учествува. Со самото филтрирање, се создава квалитетот. Растежот на овој настан сепак е за пофалба, поради континуитетот и најмногу затоа што немаме друг. Треба многу да се работи во организациска смисла иако и тоа е лимитирано со финасиските средства. Но, не треба да заборавиме дека уметноста и квалитетниот дизајн се раѓале и во најголемите кризи, само треба да знаеме како тоа да го изведеме - прецизно го дефинираше своето размилување Толески.
Дали сметате дека медиумите се доволно истретирани на овој настан и обратно, колку медиумите одговараат на професионалниот предизвик да ја пренесат вистинската и комплетна слика на настанот до јавноста?
- Медиумите скоро секогаш имале свое место на Модниот викенд и никогаш не биле изоставени бидејќи едни со други си требаат. Кај нас одамна се знае дека немаме квалитетен критички осврт во медиумите кога станува збор за модни настани. Причини има безброј, од опструкции па сè до безобразна неедуцираност. Оние што знаат да ги оценат модните дела најчесто се образовани, ја знаат историјата на костимите, ги познаваат ткаенините, елементите, формите и боите, конституцијата на телото, конструкцијата на облеката, технологијата на изработка... Токму тие треба меѓусебно да соработуваат за да има квалитетен прогрес кај дизајнерите, модната индустрија и модната критика. А, за да биде тоа добро спакувано, дизајнерите и модни куќи треба да понудат нешта кои се вредни за бестрашна критика, неоптоварена од цревно поврзаните меѓусебни односи кај нас - финишираше Толески.
Моден перформанс
Најголема одговорност во создавањето и реализирањето на концептот на Модниот викенд Скопје се препишува на организаторите на настанот, меѓутоа сегментите кои придонесуваат или не придонесуваат за неговото усовршување се многу пошироко распространети.
Сегменти од програмата како: изложби, изложбени салони, дебати, учество на гости од странство кои го споделуваат своето искуство, како и странски дизајнери кои сакаат да се презентираат на македонскиот моден пазар, наместо да се зголемува – се намалува. Така, гледано статистички низ сезоните, бројот на учесници од година во година има големи варијации.
Моден викенд Скопје со апел за подигање на еколошката свест
За поздрав е идејата на организаторот оваа година сите колекции по нивниото официјално презентирање, наредниот ден да бидат изложени во концептуален амбинет на кафулето Concept 37, со што публиката ќе има можност одблиску да го види сработеното, но и да си го купи омиленото парче. Одличен маркетиншки потег за дополнителна промоција на македонскиот моден дизајн.
Професионалноста на манекенките и квантитетот се покажуваат како важен фактор при добрата реализација на еден ваков настан. Иако сме мал пазар, имаме модни агенции, кои сепак не можат да воспостават соодветни услови во однос на стандардите и финансиите во корелација со организаторите на Моден викенд.
Подготовки зад сцената
Главното резиме се сведува на тоа дека поседуваме огромен, но за жал не целосно искористен креативен потенцијал кај домашните креативни умови. Ограничувањата се најчесто препишани на финанскискиот дефицит, но и на менаџирањето со средствата кои се на располагање, односно директниот дефицит е на спонзори кои безрезервно ќе го поддржат настанот, а на интелегентниот менаџмент понатаму останува како тоа најрационално да се искористи за доброто на сите инволвирани.
Според досегашната статистика, најмасовно било петтото издание на Модниот викенд Скопје, кога имало вкупно 23 учесника (во бројката се вклучени само дизајнери)
Она што недостасува најмногу е кохезијата помеѓу сите партиципиенти, па затоа вината за недостатоците не може и не треба да му се припишува само на организаторот. Скопскиот Моден Викенд наместо да еволуира постојано наидува на препреки, кои можеби и не се толку комплицирани и тешки за совладување, доколку сите учествуваат токму на нивното решавање, бидејќи веќе добро ни се познати негативностите. Континуитет имаме, но треба да поработиме на квалитетот.
Листа на учесници