Сè што некогаш ве интересирало за оваа гламурозна манифестација, сега ќе имате можност да го прочитате, на само два дена пред годинешното доделување на престижните награди.
Оскар е популарното име за наградата што ја доделува Академијата за филмски уметности и науки (Academy of Motion Picture Arts and Sciences).
Како Оскар го добил името и дизајнот...
За тоа како наградата го добила името Оскар, постојат повеќе верзии. Во една биографија, Бети Дејвис тврди дека таа го дала името по својот прв сопруг, лидерот на бендот, Хармон Оскар Нелсон. Според друга пак, името го смислила извршната секретарка на Академијата, Маргарет Херик. Таа ја видела статуетката и рекла: „Изгледа баш како мојот вујко Оскар!“. Уште една легенда вели дека Еленор Лилберг, извршниот секретар на Луис Б. Мајер, кога ја видела првата статуетка викнала: „Изгледа како кралот Оскар!“. Подоцна прашала: „Што ќе правиме со Оскар, ќе го ставиме во трезор?“, и така името останало до денес. Како и да е, трофејот официјално е именуван како Оскар од страна на Академијата во 1939-тата.
Позлатената статуетка направена од британиум на црна метална основа е долга 13,5 инчи (34см) и тешка 3,85 кг. Прикажува витез направен во Арт-деко стил, како држи крстоносен меч стоејќи на ролна филм. Уметничкиот директор на MGM, Седрик Џибонс е еден од првите членови на Академијата и го надгледувал процесот на дизајнирањето на статуетката. Со оглед на тоа дека му бил потребен модел за истата, неговата тогашна сопруга, Долорес дел Рио го запознава со мексиканскиот режисер и актер Емилио Ел Индио Фернандез. Иако на почетокот негодува, Фернандез на крајот се согласува да позира гол за да може да се создаде тоа што денес го нарекуваме Оскар.
После тоа, скулпторот Џорџ Стенли го ваја дизајнот на Гибонс во глина, а Сачин Смит ја прави од 92, 5 % калај и 7,5 % бакар, а потоа ја позлатува. Како поддршка на американските напори во Втората светска војна, статуетките се правени од гипс, а после војната се заменети со златни.
Кој смее да го чува Оскарот...
Инаку, од 1950-тата, статуетките се законски заштитени. Постоел услов ниту еден од добитниците, како и нивните потомци да не смеат да ја продадат, доколку прво не ја понудат на Академијата и тоа по цена од 1 долар. Доколку добитникот го одбие ова, тогаш Академијата ја задржува статуетката. Но, ова правило е мошне спорно, со оглед на тоа дека Оскарот е во власништво на добитникот. Случајот на внукот на Мајкл Тод, кој се обиде да ја продаде статуетката на дедо му, докажува дека многумина не се согласуваат со овие правила.
Мајкл Тод
Кога внукот на Тод се обиде да го продаде Оскарот на колекционер, Академијата го тужеше и го доби судскиот спор, додавајќи притоа и траен налог. Иако има неколку продажби што се успешни, купувачите со текот на времето ги вратиле сите статуетки на Академијата, која ги чува во трезор.
Првите преноси....
На првото доделување, на 16.мај во 1929 година во хотелот Рузвелт во Холивуд, немало неизвесност бидејќи победниците биле познати три месеци однапред. Домаќини на манифестацијата се Даглас Фербенкс и режисерот Вилијам де Мил. Првите Оскари се доделени пред публика од 26 луѓе, не сметајќи ги добитниците.
Првото доделување на Оскарите
Во првите неколку години Оскарите не привлекуваат многу внимание. Првиот директен телевизиски пренос се случува во 1953-тата година, а во 1966-тата година се случува првиот пренос во боја.
Првите номинации, Оскари и правила
Во првите години од манифестацијата, во конкуренција влегуваат филмови што се прикажувале во последните 12 месеци од 1-ви јули до 30-ти јуни. Исто така, после второто издание па натаму, резултатите од гласањето се даваат во весник и се објавуваатво 23 часот, ноќ пред церемонијата. Овој метод се користел сè додека Лос Анџелес Тајм не ги објавил победниците пред почетокот на церемонијата. Како резултат на тоа, Академијата од 1941 година користи запечатени пликоа, при прогласувањето на победниците.
Од 1934-тата година, во конкуренција влегуваат филмови што се прикажани во последните 12 месеци, но во кино салите. Во 1932/33 година, влегуваат пак филмови што се прикажувале во последните 17 месеци. Денеска, за филмот да може да влезе во конкуренција мора да се прикажува одредено време во неколку кина во Лос Анџелес. Оскар се доделува за остварувањата од изминатата година.
Френкин Хансен, Вил Роџерс и Френк Лојд на доделувањето во 1934 година
Во првите две години, Оскарите ги доделуваат само највлијателните членови на Академијата. Во 1929 и 1930-та година, го доделуваат сите членови на Академијата. Во 1937-та година гласаат околу 15.000 вработени во филмската индустрија, но номинациите ги објавуваат членовите на Академијата. Од 1957 –та до денес правилото за номинациите останува исто. Всушност, од оваа година па натаму и генерално нема големи промени: членовите на Академијата, секој во својата категорија одлучуваат со тајно гласање за 5 номинирани за Оскар, а потоа од тие го бираат победникот. Сите гласања се тајни. Во 2004-та година номинациите се објавени кон крајот на јануари, а доделувањето е за месец дена. Во поранешните доделувања на Оскарите, имало и по повеќе од пет номинирани за награда. Со годините, бројот на филмски категории за оваа награда, се зголеми.
Некои од правилата на оваа манифестација се менуваат речиси секоја година. На пример во 1998 година, за остварувањето „Вљубениот Шекспир“ награда добија 5 продуценти, но веќе во 2000-тата бројот на наградени е ограничен на три продуценти за еден филм. Во 2001-вата постоеше правило дека филмот не смее да се прикаже на Интернет пред да се појави во кино, инаку нема да влезе во трка за Оскар, што важи и до денес.
Оскарите се една од најугледните церемонии за доделување награди во светот и воедно и најстара. Многу други, помеѓу кои и Греми за музика, Златен глобус за сите облици на визуелни медиуми, Тони наградите за театар, Еми за телевизија, се направени по пример токму на Оскарите. Инаку, Академијата на филмски уметности и науки ја основал шефот на студиото Метро-Голдвин-Маер, Луис Б.Маер.
Првите добитници на Оскарите (десно) Емил Џенингс и Џенет Грејнор
Првата награда за Најдобар актер е доделена на Емил Џенингс за неговата улога во филмовите The Last Command и The Way of All Flesh. Тој пред одржувањето на церемонијата, тој морал да се врати во Европа, па Академијата се согласува да му ја врачи наградата порано, што официјално го прави да биде првиот добитник на Оскар.
Од четвртата церемонија, системот е променет, па уметниците се наградуваат во посебни категории за само еден филм. На 29-тото издание одржано на 29 -ти март 1957 година, воведена е категоријата за Најдобар филм на странски јазик – до тогаш филмовите на странски јазик се наградуваат со награда за Специјално достигнување.
Продолжува... читајте за модата на црвениот килим, за тоа кои се номинации постојат на Оскарите, како и тоа, кој добил Оскар, а не си го земал...