Што да облечете кога ќе добиете покана со пропишан дрес код: лежерен, бизнис, формален...

15 јуни 2022

Добивате покана за формална вечера, венчавка, коктел прием или забава за вработените од твојата компанија. Наведени се место, датум и време, и уште еден важен момент: дрес код.

Понекогаш пропишаниот дрес код може да звучи збунувачки. Доколку конкретно не е наведено што е и што не е прифатливо, се отвораат низа прашалници доколку темата не ви е блиска и не сте доволно информирани.

Кога сте во ситуација каде ви е јасно што се очекува од вас да облечете и уште подобро, тоа е во склад со вашиот животен стил, тогаш проблемот е елиминиран и останува да ги дефинирате само деталите. Но, кога на пример треба да присуствувате на формален настан што ретко ви се случува, а притоа „кежуал" е вашата комфорна зона кога е во прашање стилот, во тој случај добро е да бидете едуцирани во насока на елементарна бонтон култура и познавање на дрес код речникот.

Па како дрес код насоките да ги преведеме на разбирлив јазик?

Ние ќе ви помогнеме да визуелизирате, со тоа што во продолжение ќе ви ги посочиме најчестите дрес код форми, пропишани на поканите кои стигнуваат до вас, независно дали сте гостин на венчавка, бизнис партнер на компанијата или сте поканети на некое културно случување.

ЛЕЖЕРНО

ДА: Во овој случај се подразбира опуштена и пријатна облека. Дозволен е џинс, маичка, патики, едноставен фустан, удобни чевли...

НЕ: Но, истовремено не значи дека треба да се појавите без нималку да посветите внимание на изгледот или пак во облека која упатува порака со навредлива содржина. Од друга страна, нелогично е на пропишан дрес код: Лежерно, да носите нешто неудобно, нели?

БИЗНИС

ДА: Оставете толку добар впечаток, што преку изборот на облека веќе половина од следниот бизнис договорот ќе ви биде потврден. Одберете елеганција, ненападни бои, здолниште со миди должина или костум во темна нијанса. За мажите вратоврската е прифатлива, но не е задолжително. Добар впечаток може да постигнете и со избор на соодветно џебно марамче со интересен принт. За дамите, размислувајте на безвременски елегантен спој на парчиња како миди фустани во линија што суптилно ја следи силуетата или во суптилен А крој, кошула и блејзер со панталони со висок струк или пак дводелен костум. Но, дозволете си автентичен визуелен израз преку добар избор на чевли, марама или брош. Постојат бројни варијации како во бизнис естетика да оставите простор за индивидуалност. Ако не сте сигурни, одберете црнно и акцентирајте со суптилен детаљ или накит.

НЕ: Џинс, патики, искинати парчиња (иако сè уште се актуелни), во оваа насока не се дозволени. Модната критичарка Ванеса Фридман вели: облеката не треба да биде во фокусот на вниманието во овој случај.

ФОРМАЛЕН/ВЕЧЕРЕН ИЗГЛЕД

ДА: Најчесто ваков дрес код е наведен за настани со свечена нота, културно случување, јубилеј... Подразбира дека навистина треба да се потрудите околу изгледот. Кројот треба да биде перфектен, изборот на материјали софистициран. И тоа значи комплетно да посветите внимание од шминка и коса до избор на соодветни чевли. Ако поспецифично е наведено, можеби треба да облечете исклучително макси тоалета за дамите или смокинг или костум во темна боја за господата. Доколку пак конкретно не се наведени дополнителни насоки, размислувајте дека ова е таа прилика кога треба да изгледате беспрекорно, можеби да одберете некое дизајнерско парче или да облечете фустан во едноставен елегантен крој, но да го надополните со фин накит и ракавици на пример.

НЕ: Провокативна облека, мини здолништа, претесна или неудобна облека, џинс, патики секако дека немаат место во овој контекст.

Бонус совет: Во секоја прилика имате можност и начин како соодветно да дадете карактеристичен печат на вашиот изглед и да ја истакнете индивидуалноста, макар тоа било преку суптилен детаљ, моден додаток или со избор на дизајнерски парчиња во склад со приликата и со вашиот личен сензибилитет.

Објавено:
15 јуни 2022
Категорија: 
Стории
Прочитано:
9.809 пати