Со реден број 17, вчеравечер нашата претставничка Тамара Тодевска ја претстави земјава на најдобар можен начин и успеа да влезе во финалето закажано за сабота во Тел Авив.
Таа уште еднаш ги покажа нејзините неверојатни вокални способности, пеејќи ја сега веќе популарната „Proud“, композиција на Дарко Димитров со текст на Коста Петров.
Моментот што сите го чекаа се претвори во вистинска еуфорија кога водителите почнаа да ги читаат земјите што успеале да се пласираат во финалето, меѓу кои и нашата која беше прочитана прва со што почнаа позитивните реакции на социјалните мрежи.
Сосема заслужено, по цели шест години наш претставник конечно влезе во финалето, овојпат со одлична балада со силна порака и уште посилен вокал.
Иако според многумина најголеми шанси за победа има претставникот на Холандија, Данкан Лоренс кој пее емотивна балада посветена на личност што ја изгубил, Тамара ги има сите пофалби и секако, како и сите останати, шанса за победа.
Што ако тоа навистина се случи?
Замислете, ова време другата година претставници од цела Европа ќе дојдат во Македонија за да учествуваат на Изборот за песна на Евровизија.
Имаме неколку хотели во кои ќе можат да се сместат, неверојатни убавини каде ќе ги снимаат почетните видеа, фантастична храна, супер места каде што ќе се прошетаат, градот повторно темелно ќе го исчистат, но каде ќе се одржи изборот?
Во речиси секоја земја каде досега се одржувала Евровизија, имало сала на која можеби ѝ била потребна надградба за потребниот капацитет посетители, но секако, била постоечка.
Нам што побрзо нѝ е потребна сала за сериозни и големи настани, бидејќи ниту стадионот не ни се затвора одозгора, ако го земеме предвид.
Единствената сала што ја имаме речиси и да не е соодветна, иако би собрала доволен број луѓе, но дали би имало доволно простор за „зелената соба“, опремата што секоја земја ја носи со себе, повеќе од 40 соблекувални доволно блиски до сцената, соби за вежбање и релаксација... Ова значи дека голем и отворен саемски простор што може да се маневрира би бил совршен одговор.
Ние сè уште ја чекаме Универзална, која исто има минимален капацитет за ваков вид настан, иако може да се работи на истата, Саемот нѝ го срушија, а најава за друг нема, така што...
За информација, според податоците на официјалната страна на Евровизија, оваа година сцената на постоечкиот саем во Тел Авив била изградена за 21 ден по што и официјално се започнало со проби, а во меѓувреме напорно се работело на совршено озвучување, светло и непречено движење на сите учесници и организатори.
Во организацијата имало повеќе од 225 лица, 250 камиони со опрема за да се создаде сетот што вчеравечер имавме можност да го гледаме на телевизија. Она што годинава е интересно е тоа што за првпат во историјата на изборот, позадинскиот екран бил со највисока резолуција за сè да биде кристално видливо.
Ние ѝ стискаме палци на Тамара и велиме дека имаме околу 365 дена за изградба на нова сала со уште подобра сцена каде другата година би сакале да го видиме новиот претставник.
Фото: eurovision.tv