Што значи „Брегзит“ за модната индустрија?

27 јуни 2016

Реакциите по резултатите од референдумот одржан изминатиов четврток во Британија, по што оваа земја веќе нема да биде член на Европската Унија, не стивнуваат.

Медиумите се преплавени со анализи за тоа што ваквиот развој на настаните значи за економијата и сите сектори од неа.

Речиси целата модна фела уште пред одржувањето на референдумот го искажа ставот дека сака и ѝ е потребно да остане во Европската заедница.

Британскиот моден совет ги соопшти резултатите од интерното гласање. Дури 90 пронцети од членовите се изјаснија за тоа дека сакаат Британија да остане во ЕУ.

-Поддршката од нашите дизајнери Британија да остане во Европската заедница е навистина голема и нема сомнение дека секоја поинаква одлука предизвикува вознемирување. Она што ни преостанува сега е да ја држиме и владата и дизајнерите информирани за случувањата во нашата индустрија – вели за магазинот „Еlle“, Каролин Раш, извршен директор на Британскиот моден совет.

Со оглед на тоа дека резултатите се различни од очекувањата и надежите, ситуацијата во модната индустрија во Британија, а и на глобално ниво ќе почне да се менува.

Сајтот „Business of Fashion“ во својата анализа објави податок според кој несомнено е дека „Брегзит“ќе предизвика негативни последици во оваа сфера на дејствување. Имено, во 2014 година, модната индустрија придонела 26 милијарди фунти (односно 38 милијарди долари) кон британската економија, а со најновиот развој на случувањата се очекува оваа бројка да биде значително помала.

Негативното влијание ќе се одрази и врз бизнисите што соработуваат и произведуваат во други земји, како на пример Кина, каде исплатата се врши во долари. Инаку, три четвртини од произведувачите на мебел и облека од Британија, потребните материјали за работа во најголем дел ги набавуваат од Азија.

Паѓањето на фунтата (според најновите подтоци вредноста на фунтата денес е најмала во последните 31 година, а од петокот до сега е забележан двоен пад) ќе ги направи овие преговори и зделки поскапи, со што трошоците ќе се префрлат или на бизнис компаниите или уште поверојатно на потрошувачите.

Од друга страна, британските модни куќи што продаваат надвор од Британија, како на пример „Барбери“, со ваквата ситуација можат да добијат „ветер во грб“ кога е профитот во прашање.

-Ако нивните трошоци се најчесто во фунти, но нивните приходи се во евра или долари, еврата или доларите што ќе ги заработат од другите земји ќе им донесат поголема сума фунти – објаснува Лука Солца, директорот на компанијата за луксузни производи „Exane BNP Pribas“.

Сепак, „Брегзит“ носи ризик кој ќе се одрази и врз самодовербата на купувачот, а најмногу на домашниот (британски).

Вредноста на фунтата ќе влијае и врз џебот на потрошувачите. Со оглед на тоа дека се предвидува од сега па натаму цената на облеката да расте, народот сѐ помалку ќе троши. Но, не е само облеката, аналитичарите предвидуваат дека ќе се зголеми и цената на храната, туристичките понуди за Британија итн...

Според аналитичарката за луксузни производи, Флур Робертс, Британците можат да станат ограничени во тоа да купуваат и трошат и дома и во странство. Особено во шопингот во странство. Доларот ќе стане многу поскап за Британците, а тоа ќе му наштети и на британскиот и на интернационалниот моден бизнис, што пак значи дека илјадници модни компании ќе бидат во проблем. Секоја дополнителна обврска, трошок и блокада на производите не може да биде ништо друго туку негативна за секторот.

Аналитичарите одат подалеку и велат дека влијанието од „Брегзит“ ќе го зафати и модниот едукативен систем. Бенефициите што ги добиваше Британија од ЕУ за модна едукација во форма на средства за фондот за истражување, иновации, како и развивање на технологија и партнерство ширум Европа, носење нови дизајнери и произведувачи, сега ќе се намалат.

Во Лондон се наоѓаат едни од најпознатите модни училишта, атрактивни за студентите од целата Европаска Унија, бидејќи досега плаќаа значително помали суми за курсевите и настава отколку другите интернационални студенти. Многу од овие студенти потоа остануваа во Лондон и таму ги основаа своите бизниси.

За потсетување, дел од најуспешните дизајнери на Лондонската модна недела се Мери Катранзу која доаѓа од Грција, потоа Маркез Алмеида од Португалија, Роксанда Илинчиќ од Србија...

Отворените граници кон земјите од ЕУ, овозможија и полесно функционирање на компании и брендови како францускиот „Селин“ на пример. Креативната директорка Фиби Фајло ја води креативата на модната куќа од Лондон. Но, со оглед на новата ситуација веројатно ќе мора да размисли за нови опции.

Модата е една од глобалните инустрии каде Британците се на врвот по моќта и влијанието. Па, еден од основоположниците на високата мода по која е позната Франција е токму Англичанецот Чарлс Фредерик Ворт.

Новиот развој на ситуацијата ќе се одрази и врз работењето на дизајнерот Питер Пилото. Тој го основаше својот бизнис во Лондон во 2007 година. Инаку, Пилото е со австро-италијанско, а неговиот бизнис партнер, Кристофер Де Вос е со белгиско-перуанско потекло.

-Речиси 70 проценти од нашиот тим е интернационален. Брегизт ќе ги натера луѓето повторно да мигрираат. Или пак целата компанија – вели тој.

Сепак, според „Wall Street Journal“, „Брегзит“ ќе им даде шанса на француските и италијанските модни брендови да просперираат повеќе, или пак да се здружат на пазарот, бидејќи и така ја сочинуваат половината од глобалниот пазар на луксузни производи.

Ситуацијата во Британија е сѐ уште турбулентна. И покрај тоа што модната, а со неа и музичката и шоу-биз индустријата, ревносно се заложуваа за поинаков развој на ситуацијата, резултатот многумина ги дочека неподготвени. Младата популација во Британија, на чело со бројни познати личности и понатаму се обидуваат да влијаат врз ваквиот исход.

Ако се за верување податоците што ги објави дизајнерката Мери Катранзу на својот Инстаграм профил, 64 проценти од младите на возраст од 18 до 24 години биле за останување на Британија во ЕУ. Оние на возраст од 25 до 49 години се 45 проценти против „Брегзит“.

Но, процентот на оние од 65+ години е дури 58 проценти за излегување на Британија од ЕУ.

Уште поинтересно е тоа што, според пресметката, оние на возраст од 18 до 24 години ќе треба да живеат (просечна вредност) 69 години со оваа одлука, додека најгласните за одделување на Британија од Европската заедница од 65+ ќе треба да живеат само 16 години со оваа одлука.

Светските медиуми будно ја следат ситуацијата во Британија, која не е ни малку едноставна од повеќе аспекти. А за реалното влијание, позитивно или негативно, допрва ќе сведочиме.

Објавено:
27 јуни 2016
Категорија: 
Стории
Прочитано:
772 пати