Верувате ли во бајки?

20 ноември 2014

Излезе трејлерот за новата филмувана верзија на најпопуларната бајка на сите времиња „Пепелашка“. Приказната за девојката која докажа дека еден пар нови чевли можат да го променат текот на животот и дека магијата навистина постои и се појавува во моменти кога најмалку очекуваш,  е дел од ДНК на многу детства ширум светот.

Синди Пауел Синди Пауел

За костимите на главните херои и хероини во филмот се погрижи трикратната оскаровка, дизајнерката Сенди Пауел, која водена од мистериозната алхемија на занаетот не само што изработи грациозни креации, туку и ги редизајнира култните стаклени чевли на Пепелашка кои пленат со раскошен дизајн и уникатен изглед.

Сенди Пауел важи за една од ретките костимографки која секогаш знае како костимографијата за филм да ја изработи така што комплетно ќе соодветствува со карактерот на ликот, амбиентот, а истовремено одлично ќе се вклопи и со визијата на режисерот.

Синиот фустан што го носи модерната Пепелашка, во текот на годините доживува неколку трансформации на филмското платно. Имено, првиот фустан во пастелно сина боја и крој во полн глок во комбинација со бела кошула и црвени светкави чевли кои исполнуваат желби,  на филмскиот екран прв пат го облече Џуди Гарланд, за улогата на Дороти во „Волшебникот од Оз“.

Потоа, таа привилегија ја имаше Џуди Гарланд која носеше лелеава сатенска тоалета во сина боја, која беше симбол на Златното доба на Холивуд.  Процесот на надградување и модифицирање на синиот фустан продолжува со легендарната Одри Хепберн и рачно везената балска креација, дело на Хјуберт де Живанши, за да кулминира со изгледот на ледената принцеза Кетрин Денев во филмот Belle de Jour, благодарение на Ив Сен Лоран.

„Најлесно е да креирате облека за негативци. За мене беше голем предизвик да креирам облека за една толку позитивна и добра личност. Се нурнав во светот на фантазијата, ѕвездите и магијата и Лили Џејмс, која ја игра улогата на Ела, односно Пепелашка, ја претворив во принцеза, додека нејзината маќеа, чија улога ја игра Кејт Бланшет доби малку по строга линија во однос на изгледот, кројот и дизајнот на фустаните и играв со малку потемни бои, со цел да се нагласи нејзината злоба.

Иако станува збор за безвременска бајка со која сигурно ќе израснат уште многу генерации, Пауел вели дека инспирацијата за дефинитивниот изглед на креациите ја презема од 40- тите и 50- тите. За фустаните што ги носат сестрите на Ела, дизајнерката одлучи да бидат во жолта и розова боја.

„Целта ми беше нивните визии да бидат смешни но истовремено да бидат контрадикторни во поглед на злобните карактери“, додава Пауел.

Во создавањето на целосната костимографија за сите ликови, костимографката открива дека покрај тоа што морала да го задржи историскиот аспект, вметнува и своја инвенција и на некој начин ги модернизира фустаните, бидејќи во основа не сака да бидат монотони. Ткаенините кои се мошне специфични, материјалите и украсните детали ги набавува од продавници во Јужен Лондон, а свилите  директно од Италија.

„Особено се радував кога ја дизајнирав облеката на Добрата вила, која ја игра Хелена Бонам Картер. Навистина уживав“, сподели костимографката за Voguе.

Можеби звучи чудно но најмногу внимание и време е посветено во изработка на чевлите. Тие се изработени од кристал и дизајнирани со Сваровски кристали. Инспирацијата за чевлите Пауел ја црпи од моделот на чевли од 1890 – тата година кои се изложени во музејот во Нортхемптон.

„Тие чевли во музејот беа навистина инспиративни но имаа потпетица висока 5 сантиметри и немаа платформа, што автоматски ги прави неудобни за носење и движење. Јас морав да го адаптирам обликот, за Лили да може да се движи во нив. Крајниот резултат е фасцинантен. Се намачивме ама успеавме да создадеме култни чевли за кои веќе разбрав дека многумина сакаат да ги имаат во својата домашна колекција“, објаснува дизајнерката.

Новата верзија на добро позната приказна за „Пепелашка“ е во режија на Кенет Бранаг, а премиерата е закажана во март. Во продолжение можете да го погледнете трејлерот од филмот кој сигурно ќе руши рекорди низ кино салите ширум светот. Бидете трпеливи до март.

 

Објавено:
20 ноември 2014
Категорија: 
Стории