Викторија Бекам: Како да ја победите несигурноста

24 јануари 2017

Како некој што и самиот се борел со несигурноста, што пак предизвикало грешки поради кои денес се кае, Викторија Бекам одлучи со јавноста да сподели како најдобро да се соочите со овој проблем.

Отворено писмо, упатено до 18-годишната Викторија, ќе се најде во февруарското издание на  „Вог“, а го пренесуваме во продолжение. Ако имате 10-тина минути време, тогаш несомнено прочитајте ја нејзината искрена исповед:

„Драга Викторија,

Знам дека се бориш во моментов. Не си најубавата, ниту најслабата, ниту најдобрата во танц на Laine Theatre Arts колеџот. Никогаш не се вклопи како што треба, иако собата во твоето школо во Сари ја делиш со навистина фини девојчиња. Имаш ужасна акна. Мислиш дека директорот те стави сосема назад на шоуто за крајот на училишната година (во понижувачко светловиолетово леопард трико), затоа што си премногу дебела за да бидеш напред. (Ова може, но и не мора да e точно).

Во надворешниот дел од училиштето има црвена телефонска кабина и тукушто им се јави на родителите плачејќи: „Не можам да го правам ова, ми недостасува домот, не сум доволно добра“. И мама ти рече да се вратиш дома. „Ќе одиме во Лејксајд да купиме нови чевли“, рече таа. Тоа звучи привлечно. Но, потоа тато се јави на телефонот: „Остани каде што си, докажи им на сите дека не се во право“. Ако ја слушаше мама, ќе одеше во Лејксајд. (Чевлите се важни, но не баш сега). Тоа ќе беше лесно решение. И ти пишувам за да те развеселам, да ти пружам утеха и охрабрување и да ти кажам, ти 18-годишна, да бидеш силна.

Не заборави дека беше жртва на булинг во училиштето, нели? Се сеќаваш ли на првиот ден во средното училиште!? Повеќето од децата носеа нивни палта и јакни и ги имаа најдобрите и најкул чанти, но не и ти. Во комплетна униформа од „St.Mary High School“, стоеше на игралиштето каде што студеше бескрајно многу, додека другите тинејџери поминуваа покрај тебе и фрлаа влажни марамчиња и стари лименки од „Кока кола“ што ќе го најдеа во дупките околу. Но, дебелата кожа што ја разви тогаш те одржа во добра состојба и тоа ќе го прави и во остататокот од твојот живот.

Твојот тен ќе се изедначи (всушност, ќе лансираш и сопствен козметички бренд); штом завршат 1980-тите, твоите кадрици ќе се исправат, а и тежината ќе исчезне. На училиште јадеш мусли , затоа што велат дека немаат маснотии. Ќе поднесеш уште многу други глупави диети (вклучувајќи ја зависноста од зелени сокови). Наместо тао, научи да ги прегрнеш несовршеностите – тоа сакам да ти го кажам.

Дозволи ѝ на својата кожа да дише, носи помалку шминка (и немој никогаш да дозволиш шминкерот да ти ги избричи веѓите! Последиците се трајни). Ќе ставаш лак за коса како луда, но волуменот секако со тек на време ќе ти се намали. Искулирај со моментот „сакам косата да ми изгледа како да сум излегла од тунел во кој дува силен ветер“. И ова исто така би требала да го кажам – остави ги градите на мира. Сите овие години се обидував да го негирам тоа – преглупаво. Тоа е знак на несигурност. Цени го тоа што го имаш.

Одговори на огласот во „The Stage“, каде се бараат кандидатки за формирање на нов женски бенд. Аудицијата ќе ти го смени животот. Ги сакаш мјузиклите – Miss Saigon, Cats, Starlight Express и Les Miserables, па затоа ќе настапиш со „Mein Herr“ од „Cabaret“, додека сите други ќе пејат песни од Мадона. Сè уште не си слушнала за интернет или мејл или паметни телефони. Ниту пак, си ја усовршила уметноста за правење „селфи“ за Инстаграм (не можеш ни да го уклучиш компјутерот сега, а тато сè уште вози до Лондон за да прати телеграма). Но, еден ден ќе го најдеш настапот од аудицијата онлајн и ќе откриеш дека твоето име носи 47.800.000 пребарувања на „Гугл“.

Судиите од натпреварот ќе те спојат со другите четири девојки, сите чудни на свој начин. Заедно, ќе направите да биде ОК да се изгледа поинаку. И како „Spice Girls“ ќе продадете 75 милиони плочи. Сега не можеш ни да замислиш каква ќе ти биде иднината. Ќе патуваш со приватни авиони, ќе посетиш неверојатни земји, ќе престојуваш во фантастични хотели. (Во почетокот ќе ги крадеш малите шампони, геловите за туширање и балсамите од хотелските тоалети, но брзо ќе сфатиш дека тие течат во твојата патна торба и тоа често катастрофално). Ќе влезеш во канцелариите на луѓето, ќе скокаш на масите во хотелите и ќе полудуваш (иако ќе проверуваш дали масата нема да се скрши). Ќе ги запознаеш Нелсон Мендела, Мараја Кери и Елтон Џон. Но, те молам, те преколнувам, води дневник. Ќе има толку многу неверојатни моменти, а ќе ги заборавиш.

Ќе има и лоши денови. Често ќе бидеш толку зафатена што секој ден ќе бидеш во друга држава. И како млада и по малку луда и глупава, ќе се жалиш и ќе седиш во хотелските соби и ќе негодуваш како си уморна. Излегувај и разгледај ја земјата каде што си. Оди во галерии, музеи. Впивај ја културата. Среќна си што си таму. Ако не им се приклучиш на „Spice Girls“, можеби засекогаш ќе останеш несигурна личност во таа мала школка, и никогаш нема да станеш тоа што навистина си. Со ова на ум, биди фина, биди учтива, имај обѕир за туѓите чувства, бидејќи знам дека секоја од нас би седнала сега и би кажала дека тие не се главниот виновник, но ние навистина не се ценевме едни со други сосема и тоа долго време. Затоа, вежбај го она што го велиш кога пееш „friendship never ends“ и сечија уникатност слави ја.

Ќе имаш многу забава со облеката -  ПВЦ мантили, чокери што порачуваат апсурдни работи, чудна руса коса. Никогаш не би ти паднало на ум дека ќе се појавиш во смешно издание. На манифестација за доделување на награди ќе се појавиш како кралица на дрогите. Но, те гледам наназад и се смеам. Тоа ќе го разбуди интересот во твојот живот, да одиш од една во друга екстремност. Го сакам фактот што ќе се чувствуваш слободна да се изразиш себеси. Модата ќе те однесе на ново ниво, нов статус еден ден, но потруди се да не те загуши тоа. Како што созреваш, така ќе учиш кусите фустани да ги замениш за бели кошули, а високите потпетици за патики.  И никогаш нема да бидеш една од оние луѓе што излегуваат како тукушто станати од кревет. Носи очила за сонце и тоа многу. Дури и внатре. Особено на аеродромите. Тие ќе направат една обична комбинација во нешто супер споено и кул. Многу ќе ти се допаѓаат авијатичарките (еден ден ќе развиеш своја линија!).

За момчињата и љубовта што трае: учи повеќе за фудбалот, особено за правилото за офсајд. И да, љубовта на прв поглед навистина постои. Ќе ти се случи во фоајето на „Манчестер Јунајтед“ и со оглед дека малку ќе бидеш пијана, деталите ти се малку магловити. Додека другите фудбалери ќе стојат во барот и ќе пијат со нивните колеги, ти ќе го видиш Дејвид како стои на страна со неговото семејство. (Во тоа време, тој не е дури ниту во првиот тим – а ти си познатата). А тој има толку слатка насмевка. Ти, исто така, си многу блиска со семејството, и ќе си мислиш колку го чувствуваш близок. Тој ќе ти го побара телефонскиот број (сè уште го чува авионскиот билет од Лондон за Манчестер на кој му го напиша бројот). Повеќето од вашите први состаноци ќе бидат на паркинзи, што не е „валкано“ како што звучи. Тоа е така, бидејќи твојот менаџер Сајмон Фулер ќе те предупреди: „Немој некој да ве види заедно или да ве фати“. Во тоа време нема да ти биде јасно зошто.

Ќе станеш многу, многу позната, и поради групата која ќе ја оформиш и поради мажот со кој што ќе се омажиш, а потоа и поради модниот бизнис што ќе го развиеш со твое име. Ќе се навикнеш на славата. Иако не може да се одреди цената на тоа што се губи приватноста, ќе научиш тоа што си позната да го вртиш во своја полза. За добри работи. За добротворни цели. Еден ден ќе имаш привилегија да бидеш дел од кампања за Обединетите нации за преносливоста на ХИВ и СИДА од мајка на дете во Африка. И луѓето ќе те слушаат. Промени ќе се случат. Ќе бидеш повредена од она што ќе го видиш за себе во медиумите. Ќе те боли кога луѓето ќе ја коментираат твојата тежина. Ќе продолжи да се вознемирува без разлика на која возраст си, затоа ние жените сме многу строги кон себе.

Папараците ќе станат дел од твојот живот, нивните долги објективи ќе чекаат. Некои се фини, некои не. Тие ги расплакуваат твоите деца или можат да ти дадат комплимент – но, нема да можеш да ја контролираш секоја фотографија што тие ќе ја објават. Кога ќе бидеш бремена со Бруклин, тие ќе те „фатат“ како седиш покрај базен во хотелот „Четири сезони“ во Лос Анџелес во црно-бело бикини и таа фотографија ќе се најде на насловната страна на британски весник. Тоа е непријатна фотографија, толку вознемирувачка, што остатокот од турнејата речиси и нема да го напуштиш хотелот или да седиш надвор. И сега сум иста. Се опуштам ли на плажа во бикини? Не. Неверојатно сум самокритична и поради тоа можам да бидам малку вознемирена или напната.  Кога ќе имам 60 години веројатно ќе го кажам за себе истово што го кажувам сега: уживај во себеси малку повеќе. Биди помалку свесна за тоа како изгледаш. Научи да се опуштиш. Ќе правиш грешки – секако дека ќе правиш. Ќе бидеш супер-супер успешна, но ќе научиш дека можеш да го изгубиш тоа многу побрзо отколку што си го создала или заслужила. Тоа е тешка лекција за учење. Следствено на тоа, сега гледам, „Spice Girls“ беа жртви на сопствениот успех, верувавме дека можеме сè, дека небото е граница, дека можеме да го направиме тоа сами. Ќе научиш од тоа и кога ќе ти се појави следна прилика, нема да ја изгубиш повторно.

За мајчинството: Кога првпат ќе станеш родител – се грижиш. А кога ќе имаш четири деца, тоа е многу грижа! Мама знае да каже: „Можеби имаш 42, но јас сè уште се грижам за тебе“. Да имаш деца, значи да си константно уморна и ќе ти се појават подочници. Твоите деца ќе ти бидат секогаш на прво место, но никогаш немој да заборавиш која си и што сакаш да постигнеш. Можно ли е да се има сето тоа? Да се биде успешна мајка која работи? Како што ќе растеш, така сè повеќе ќе го слушаш ова прашање од многу жени. Она што ќе го сфатиш е дека со напорна работа, а секогаш ставајќи го семејството прво, е можно да се постигне баланс. Ништо нема да биде совршено, но дури сега кога имам можност да го ценам сето тоа што го имам, благословена сум. Среќна сум.

Збор-два за спорт во училиште: Никогаш не носи чевли на платформа и ѕвонарки, особено ако треба да учествуваш во трка за мајки. И никогаш не верувај ѝ на друга мајка кога ќе ти каже дека ќе ти го „чува грбот“ во трката, затоа што нема. И уште една изјава: „Важно е да се учествува“ - не е така. Сè е во знакот на победата. Ќе викаш дома, но на работа – никогаш! Биди фина директорка. На крајот, прави како мислиш, но не ги гуши или прикривај оние што се талентирани (а ако не се, тогаш станувам фрустрирана – не сум многу толерантна).

За бракот: Биди трпелива. Гризни се за јазик. Пружај поддршка. И сочувај малку од мистичноста. Никогаш не дозволувај да те види сосема несредена. Барем исчешлај си ја косата, измиј ги забите, среди ги веѓите, бидејќи ќе сакаш тој секогаш да те гледа и да си му привлечна. Секогаш најдете време еден за друг, затоа што ако не го правите тоа, сè ќе се врти околу децата, а не сум сигурна колку е тоа секси! И не заборава ја личноста во која си се вљубила. Ќе го следиш мажот насекаде низ светот, ќе се селиш од Манчестер во Шпанија, а потоа во Америка. Во Шпанија ќе уживаш гледајќи го како ги има и ужива едни од најдобрите денови во фудбалот. Шпанија е и земјата каде што ќе ги ставиш основите на сопствениот моден бренд, така што ќе соработуваш со други за џинс и очила за сонце.

Но морам да те предупредам: поголемиот дел од времето таму ќе биде многу тешко. Сега не се плашам да кажам колку неверојатно тешко време беше тоа. Луѓето ќе зборуваат ужасни нешта. Ќе бидеш предмет на потсмев. Секој пат кога ќе го вклучиш телевизорот или кога ќе отвориш весник, ќе видиш дека некој го напаѓа твоето семејство. Ќе научиш колку другите жени можат да бидат злобни. И тоа ќе те научи секогаш да ги поддржуваш жените околу тебе. Други ќе се скршеа под притисокот, но ти нема. Ќе го искористиш времето да се затвориш во себе, да се фокусираш, да работиш напорно и да ги заштитиш децата. Во односот со други луѓе ќе ставаш ѕидови на твој начин  и или ти ќе управуваш околу нив или ќе се сопнеш. Никогаш нема да дискутираш со Дејвид околу тоа колку деца и двајцата сакате; никогаш нема да си речете еден на друг „Каде ќе живееме?“, нема да дискутираш за ништо од тоа, бидејќи ќе бидеш млада и вљубена. Дури и кога можеби нема да ја посакуваш истата работа, твојата поддршка за двајцата ќе значи дека ќе останете заедно и ќе пораснете заедно. И ќе биде вредно за сиот труд.

Повеќето денови, ќе го погледнеш својот живот и ќе помислиш: „Вау! Јас никогаш не бев една од оние што требаа да го добијат сето ова“. Сакам да ти кажам дека јас сè уште се чувствувам така. Неодамна бев во Њујорк за сликањето за насловната страна на британското издание на Vogue во пентхаусот на еден хотел. Погледнав преку прозорецот и можев да го видам сонцето како свети и сите жолти такси-автомобили долу и се „штипнав“. Ќе имаш многу такви моменти. Не земај ги здраво за готово.

Објавено:
24 јануари 2017
Категорија: 
Стории
Прочитано:
11.886 пати