Влијанието на ЛГБТ+ популацијата врз еволуцијата на модата

14 јуни 2022

Облеката е составен дел од човечкото општество, а со нејзината вековна еволуција, таа прераснува во нешто многу повеќе од основна потреба на човекот и заштита од надворешните фактори.

Од симбол за општествен статус, средство за идентификација и јасна диференцијација помеѓу мажите и жените во минатото, па сè до начин на интелектуално, политичко и креативно изразување, улогата на облеката и модата во секојдневниот живот на човекот постојано ја менува својата форма, но останува неизбежно присутна.

Модните парчиња за кои се одлучуваме во своето секојдневие претставуваат огледало на она што го мислиме, чувствуваме или имаме потреба да го искажеме, дури и во моменти кога не размислуваме свесно во таа насока. Па така, сексуалната и половата идентификација на личноста, сè повеќе претставуваат важен фактор во редефинирањето и деконструирањето на конвенционалните граници на модата, внесувајќи сè поголема слобода и флуидност во концептот на креирањето и изразувањето.

Денес е речиси незамисливо да се размислува на светот на модата без да се земе предвид влијанието на ЛГБТ+ популацијата врз неговата еволуција. Јуни е месец на гордоста, па со таа помисла, овој текст го посветуваме на тоа како квир популацијата влијае врз модата низ годините.

Квир модата постои од 1700-тите

Според повеќето студии за сексуалност, 18-тиот век бил ерата кога луѓето ја признале разликата помеѓу хомо и хетеро сексуалноста. Пред да се направи оваа разлика, речиси сите мажи се облекувале исто. Во овој период во Лондон, припадниците на квир заедницата започнале да ја користат облеката како форма на идентификација. Во тоа време сè уште постоела толеранција за женствени мажи, но во 1800-тите, дефиницијата за тоа што значи „да се биде маж" станала многу поконтролирана.

Сепак, квир модата повторно се појавува во доцните 1800-ти во форма на нетрадиционални балови, како платформа каде црни и латино транс-жените, небинарните луѓе и другите членови на квир заедницата добивале можност да ги презентираат своите оригинални модни дела, како и да настапуваат и да позираат во нив.

Квир модата во 1900-тите

Во 1900-тите, квир баловите продолжуваат да се случуваат и геј-модата постепено станува сè повидлива, иако хомосексуалноста во тоа време е нелегална во 70 земји во светот.

Долги години квир модата претставува начин на сигнализација помеѓу членовите на квир заедницата, а кон крајот на 1980-тите, таа станува далеку поприфатлива, благодарение на ѕвезди како Елтон Џон и Бој Џорџ, кои се појавија на сцената со светки, шминка и во облека во јаки бои и чевли на платформа.

ЛГБТ+ заедницата прави револуција во светот на модата

Со својата инволвираност и смелост, барање на радикални промени, борба за права, слобода и еднаквост, квир заедницата предизвикува револуција во светот на модата во текот на последните две децении. Во развиените општества, таа наидува и на значително голема поддршка, што секако инспирира сè поголема присутност во индустријата.

Долгата листа на квир модни дизајнери, модели, фотографи, шминкери и стилисти денес е промената која влијае врз светската модна индустрија и опфаќа далеку повеќе отколку само членовите на ЛГБТ+ заедницата.

Повеќе не постои конвенционален идеал кој диктира што е убаво. Слободата во изразување ја ужива секој човек без разлика на нивниот пол и сексуална определба, а ова ги отвора вратите за модели од сите форми и големини, исто така.

Неодамна неколку големи дизајнери решија да ангажираат трансродови модели за нивните ревии. Овој гест претставува важен напредок и испраќа порака до светот дека различностите треба да бидат прифатени. Зголемената видливост на трансродовите во индустријата влијае позитивно на тој начин што сè повеќе се отвараат агенции за трансродови модели.

Мали чекори со унисекс облека

Модата, како и уметноста, е и треба да биде медиум за слободно изразување. На тој начин, и оние кои сакаат да ја изразат својата сексуална и родова флуидност можат истото да го сторат преку својот личен моден избор.

Со сè поголем број на луѓе кои се идентификуваат како родово неутрални, апсурно е да се држиме строго до застарените правила за тоа „што носат жените, а што носат мажите". Првите мали чекори кон поголема инклузивност е промоција на повеќе родово неутрална облека. Розовото не е само за девојчиња, како што и синото не е само за момчиња".

Но иако модната индустрија сè повеќе промовира поинклузивни стандарди за убавина за разлика од било кога претходно и правилата на модата постојано се менуваат, борбата е далеку од завршена. Затоа е важно да се напомене дека додека таа сè уште се води на многу други фронтови, ЛГБТ+ заедницата секојдневно продолжува да придонесува кон промени во модата.

Објавено:
14 јуни 2022
Категорија: 
Стории
Прочитано:
345 пати