Приказни од градот

Воспоставувајте мир со телото, а не војна

18 ноември 2019

На прагот од новата деценија, луѓето живеат во време кога од една страна имаат олеснето секојдневно живеење благодарение на техничкиот напредок, а од друга страна имаат проблеми -  глобални и интерни, што се рефлектираат со фактот дека се живее брзо и стресно.  Верувам дека во интернет просторот сте наишле на цитатот дека можеби не можеме да ги контролираме работите што се случуваат надвор, но секогаш можеме оние што се случуваат внатре во нас. А токму во тоа може да ни помогне јогата.

Нашите нови „Приказни од градот“ ни ги раскажува Лејла Рамковска. Таа веќе низа години се занимава токму со јога, воедно е и инструктор и се обиде да открие дел од придобивките од оваа дисциплина. Со јога почнува да се занимава како последица од здравствени проблеми, за да премине во начин на живот.

Како некој што еднаш пред многу години се обидел да практикува јога, и не успеа да се пронајде, ме интересираше да дознаам зошто е тоа така, и дали воопшто ова е дисциплина за сите.

Ако сте посакале да практикувате јога, но не сте биле сигурни дали е за вас, почетник сте, или пак сте биле во ситуација како мојата,  ова ќе биде одличен текст за вас. Во продолжение следи нашиот разговор, во кој се трудиме да ги разрешиме најчестите дилеми околу оваа исклучително популарна дисциплина:

Лејла, веќе неколку години јогата е Ваш начин на живот. Откако почнавте да ја практикувате, како еволуиравте како личност?

-Почнав да се занимавам со јога, бидејќи имав здравствен проблем. Се соочував со вртоглавици, па дискус хернија. Во денешно време речиси и да нема човек кој не се соочува со спондилоза, или дискус, или некаков деформитет на грбот. Кога тоа не се третира соодветно доаѓа до разни манифестации... Кај мене се рефлектираше со вртоглавици. Кога грбот не е правилно наместен, помеѓу секој пршлен да има одреден простор, не доаѓа ни доволно кислород до мозокот. Одев на испитувања, физикални терапии, кои помагаат моментално, но не и долгорочно. Сè така додека не преземеш нешто што ќе ти стане начин на живот. После второто дете направив две години пауза со вежбање, тоа не ми се одрази на килажа или премногу на физичкиот изглед, но вистината е дека бев „закржлавена физички“. И тоа траше додека не се појавија овие проблеми и додека самата на себе не си реков дека не си се допаѓам така неактивна. Докторката ми препорача основни јога вежби. Сменив неколку студија, бидејќи немаа соодветни услови – дали во однос на хигиена, дали во однос на часовите и вежбите, што е крајно непрофесионално. Сега се отворија многу фитнес сали и ситуацијата е поинаква. Затоа на крај почнав дома. Два пати неделно се трудев да практикувам јога. Почнав со минимум, но како што доброто психо-физичко чувство расте и почнуваш да ја чувствуваш разликата во телото, така ја зголемуваш „дозата“. Значи, првично беше само физичкиот аспект и да ги ублажам и санирам проблемите. Потоа, дојде и подоброто психичко здравје. Подобро чувство, подобар изглед, подобро расположение. Немав никаков план да станам јога инструктор, Но, некако ми тргна, видов дека добро ми оди, дека напредувам и посакав да одам на курс, првин за себе, да си го продлабочам знаењето, бидејќи кога си сам е потешко, немаш кој да ти покаже. Така, се здобив со сертификат од „Јога Алајанс“, часовите и предавањето беше одобрено од светски познатото американско школо за јога.

Може ли секој да практикува јога? Многумина ја поистоветуваат со медитација...

-Не постои човек на кој јога не му одговара. Да, точно е, некои мислат дека е медитација и дека тоа е досадно. Но, работата е да пронајдете кој тип на јога е најдобар за вас. Тоа пак, секако, зависи од возраста, физичката состојба, здравствената ... Затоа пред да почнете, разговарајте со некој што има познавања од јога, за да ви помогне да го откриете вистинскиот тип. Инаку, мојата препорака би била да не си поставувате големи цели или очекувања. Подобро почнете без очекувања. Само дадете си време. Речениците: „Леле кој ќе вежба сега“, или „Леле кој ќе вежба саат време“ заборавете ги, тие ве враќаат назад. Ние сакаме да брзаме, да прескокнуваме чекори, да си поставиме високи цели, па потоа се разочаруваме.

За колку време може да се очекуваат првите придобивки?

-За колку време ќе ги добиете првите придобивки, е нешто исклучително индивидуално. Зависи од темпото, физичката подготвеност... Може да се вежби за стекнување сила, моите часови се повеќе такви, но сето тоа со правилно дишење, воспоставување конекција со телото преку дишењето... Кажете си: „Во ред ќе пробам, ќе отидам„... Ако не оди, тогаш ок, но важно е да пробате. Ништо тука не е на сила. Не практикувајте јога или било каква друга физичка активност доколку сметате дека го казнувате телото. Напротив, правете го тоа доколку го сакате и сакате да се грижите и за телото, но и за мозокот, духот.

Има луѓе кои сметаат дека се премногу темпераменти и динамични, па мислат дека јогата не е за нив. Во право ли се?

-Напротив, токму за таквите јогата е совршена. Постојат типови јога кои се повеќе на база на медитација, но како што споменав и пред малку, не секој тип на јога е за секого. Конкретно, на моите часови, повеќе е фокус на дишење, на издржливост, на стекнување сила, така што физички се поактивни. Но, стекнувањето сила и дисциплина на телото, потоа се рефлектираат и на мозокот. Така, прво ви се потребни цврстина, сила, дисциплина, за потоа да дојде опуштањето. Оние што сметаат дека се темпераментни, откако ќе издржат еден ваков час, после самите ќе сакаат да се опуштат и ќе им биде многу убаво.

Што е со оние што имаат вишок килограми, а сакаат да ги намалат, како јогата се вклопува како концепт на слабеење?

-Дефинитивно се вклопува. Јас изгледав најдобро кога престанав да вежбам за физички изглед и да го форсирам телото да ослабам. Тоа оптоварување го тргнав. Не постои за мене. Убаво изгледам, бидејќи убаво ми е тоа што го правам. Часовите што ги држам се нешто што јас уживам да го правам и поинаку не би можела да го пренесам на друг. Кога правите нешто од мерак, а не затоа што морате и кога првин ќе почнете да размислувате дека ви е важно ништо да не ве боли, па и психички ќе почнете да се чувствувате добро и реклаксирано и физичкиот изглед ќе си дојде. Сè доаѓа од внатре. Воспоставувате мир со телото, а не војна.

Колку исхраната е важна при практикување јога?

-Не сум ниту веган, ниту вегетаријанец. Обрнувам внимание на потребите, си го слушам телото. Не се лишувам од ништо, но правам баланс. Нема никаква строга диета, освен што во последно време го пракиткувам принципот 8:16 – почнувам подоцна да појадувам, околу 11 часот и да јадам во рок од осум часа, а потоа 16 не. Порано, имав заблуда дека морам да јадам и не смеам да останам гладна. Тотално погрешно. Гладта е здрава. Кога чувствуваш глад го поттикнуваш телото повеќе да работи, клетките да се возобновуваат. Со годините количински сè помалку ни е потребна храна. И чувството кога внесувате помалку храна е подобро отколку кога внесувате многу. Еве забележете и кај себе. Кога ќе се прејадете – тешко ви е. Кога внесувате помалку, полесно се чувствувате. Пак се сведува на конекцијата со умот и да го слушате телото и неговите потреби. Не казнувајте го, уживајте. Да сте константно на диети не е живот.

Кои се најголемите предрасуди за јогата?

-Најмногу се сретнувам со изјавите: „Не сум јас флексибилен/а“, или „Премногу сум јас темпераментен/а за ова“. Тоа ми е посебно интересно, бидејќи и јас сум темпераментна и не сум била флексибилна. Кога сакав првпат да направам мост, ми беше исклучително тешко. Стој на раце никогаш не сум направила ни до ѕид, камо ли да стојам туку-така. Но, сега тоа го правам без проблем. Исто така, иако не следам медиуми, вести и слично, сепак дојдов во контакт со информација дека јогата е забранета од верата... Во јогата нема ништо лошо, тие некои правила што ги има во јогата се за доброто за себе и за другите – станувате потрпеливи кон себе, кон другите...

Кој е еден од најголемите проблеми со кои јога-заедницата се соочува денес?

-Денес е проблем што нема критика. Како што и на факултетите се штанцаат дипломи, така и за јога сертификатите. Но, не може секој што оди на јога да биде и инструктор. И не би требало да одат со таа цел. Треба да се оди на обука, заради себе и своја пракса. Тука не може да се лажеме. Има и друг аспект, што е сериозен проблем – немаш многу знаење, држиш часови, без разлика дали е јога, или фитнес тренер, пренесуваш погрешно, па се случуваат повреди, а никој не одговара. Но, бидејќи за ништо денес не се пристапува критички, така и во овој сегмент. Треба да се дебатира на темава, бидејќи не е ни малку наивна.

Разговорот го водиме како дел од рубриката „Приказни од градот“. Кој дел од градот Ви буди најубави емоции, за кој Ве врзуваат посебни приказни?

-Омилен дел од градот ми е вон градот :) Шега на страна, сакам многу планини и уживам во тоа окружување. Од друга страна, го сакам и Дебар маало, со тоа што во градот е сè поголем метеж. Имам два локали каде одам и не ги менувам.

Дали јогата се рефлектираше и врз стилот, во контекст да посакате да носите што поудобна или исклучиво спортска облека?

-Не сум некој што постојано сака едно-те-исто да носи. Исто така, кога ќе излезам, навистина сакам да си се дотерам. Всушност, никогаш не излегувам туку-така. Жена си е жена и треба да се негува женствениот дел, секогаш.

По која философија се водите во животот и со каква цел?

-Најштетното нешто за човекот е сомнежот и недовербата кон себе. Ако самиот имаш сомнеж кон себе, тогаш нема да успееш во животот. Тргнувам од себе, бидејќи и јас сум имала моменти кога сум мислела дека ништо не правам доволно добро и таквото размислување акумулира големо незадоволство. И тогаш денот лошо минува, па незадоволството се рефлектира и врз другите... Затоа, се водам од тоа дека, што и да правам, па дури и грешките, стојам зад нив. Не мислам дека должам оправдување и објаснување, освен кон себе. Верувам дека универзумот ми праќа добри работи. Секако дека има денови кога не е се идеално, но после ден-два си велам, доста е и продолжувам понатаму.

 

 

Локација: судио „Rituals“

Реализација: Fashionel.mk;

Објавено:
18 ноември 2019
Категорија: 
Стории
Прочитано:
1.401 пати