Боби Мојсовски, Влатко Дојчиноски и Жанко Мојсовски се тројца момци од Охрид, автори на видео-играта наречена „Алан Шарп“(Alan Sharp), која претставува хорор/мистерија со елементи од детекстивски жанр. Како ни открија, мотото на играта е „Doubt everyone, trust no one, even your own senses“ (Сомневај се во секого, не верувај никому, дури ниту на своите сетила“.
Велат, засега има одлична заинтересираност, благодарение на „Steam Summer Festival“ на кој земале усество, а ќе бидат и дел од есенското издание на истиот, каде на играчите ќе им донесат нови информации за демото на играта, кое веќе е поставено на „Steam“. За нашиот сајт ја раскажаа нивната приказна, за тоа како дошле до идеја да ја создадат оваа игра, што значи воопшто впуштањето во ваков предизвик, како и кога да се очекува финалната верзија на играта.
-Мystive Studios е малечко инди студио од Охрид и брои 3 членови: двајца девелопери: Боби Мојсовски (3D Generalist и Level Designer), Влатко Дојчиноски (програмер и светло мајстор) и Жанко Мојсовски (веб-девелопер и маркетер). Се започна пред пет години за време на нашето живеење (и работа) во Скопје.
На почетокот беше како еден сон кој сакаме да го оствариме, бидејќи и двајцата сме љубители на уметност, на компјутерски игри и IT технологија. Тогаш се роди – Алан Шарп, комбинација од хорор, мистерија и детективски жанр со длабока приказна и ликови кои внимателно ги градиме.
Во периодот од овие 5 години, максимално се посветивме на изучување на сите алатки потребни за создавање на овој сон, како и дополнителни вештини кои полека почнаа да се појавуваат по патот и сфативме дека се навистина битни доколку би сакале да имаме студио за изработка на видео игри. Некои од тие дополнителни вештини беа: бизнис менаџмент, маркетинг, комуникација со клиенти и тн. Со оглед на тоа што имавме веќе една работа, често се случуваше да заглавуваме до доцни часови и да работиме на „Алан Шарп“. Но, таа цел која ја поставивме – да создадеме продукт кој ќе вреди и потоа да го основаме Mystive Studios постојано нè мотивираше да работиме, да се надградуваме себеси и никогаш да не се откажуваме. Се водевме од мислата на Шварценегер: „Сè е невозможно, додека некој не го направи“. Тоа што на почетокот беше сон и пасија, прерасна во нешто многу поголемо, вели Боби.
Дали е ова ваша прва видео-игра која ја пласирате?
-Да, може да се каже, со исклучок на една мини-игра која ја изработивме во две-недели како предизвик. Таа игричка се викаше Wipe: Toilet Plague, Multiplayer игра на Itch.io која беше на еден начин пародија на ситуацијата со корона вирусот и тоалетните хартии. Можете да ја пробате со другари и да се посмеете малку : ) Покрај нашите игри, се стекнавме во годините со доста искуство како фриленсери, работејќи на игри за клиенти преку Интернет.
Што сè подразбира создавање на видео-игра?
-Мило ми е што го поставивте ова прашање. Често кај нас, создавањето на игра се меша многу со гејмингот т.е. играњето игри. Создавање на игра е огромен процес кој бара многу разни вештини и познавање на технологии. Во зависност од жанрот на играта, потребни се различни луѓе кои ќе работат различни работи. Конкретно, за да се реализира „Алан Шарп“, потребните “улоги“ беа: програмер, светло мајстор, дизајнер на левели, дизајнер на текстури, аниматор, тон мајстор, композитор за музика, глумци кои би ги одглумиле ликовите исто како во филм, писатели кои би ја развиле приказната како во книга итн. Повеќето од овие работи ги научивме ние, со исклучок на неколку каде моравме да побараме помош или да ангажираме луѓе (како на пр. актери и композитори) со цел да го добиеме квалитетот. „Алан Шарп“ е игра која е изработена без било каков надворешен капитал, комплетно финансирана од нас. Денешните игри поставуваат доста големи стандарди. Можеме слободно да кажиме дека се на еден начин, перфектна комбинација од филм и книга, каде главниот лик сте вие (играчот).
Каков е досегашниот фидбек, споменавте дека наближувате до „2000 wishlists на Steam“?
-Благодарение на двата светски Steam фестивали, „Алан Шарп“ се доби со лојална публика која постојано нè следи на нашите социјални мрежи. Исто така, во изминатите неколку месеци веќе активно почнавме да работиме на маркетингот, па и тоа помогна многу, дури и повеќе одошто очекувавме. Сè уште не можеме да навлегуваме воконкретни детали, но силно веруваме дека според досегашната заинтересираност и статистики кои ги гледаме, „Алан Шарп“ веќе прерасна во доволно успешен продукт за да продолжиме комплетно да се посветиме на неа како примарна работа.
Што е најголемиот предизвик во играта?
-„Алан Шарп“ е детективска, хорор/мистерија. Вие сте во улога на детектив кој што влегува во случај кој е доста необичен. Некои зборуваат дека се случило убиство, додека други веруваат дека нешто натприродно ја обзело куќата на Реганови. Покрај истражувањето и барањето на докази, играчот ќе се соочи и со опасни, морбидни ситуации кои се необјасниви од негов аспект, но се разбира, работите ќе стануваат сè појасни како што ја играте приказната. Исто така, „Алан Шарп“ содржи и доста Puzzles (загатки) кои бараат малку логичко размислување и барање решение на проблемот. Овие “пазли“ се изработени на процедурален начин и секое наредно играње на играта ќе бидат различни, така што ретко играчот ќе налета на истата работа повеќе од еднаш. Како љубители на длабока приказна и добро изградени ликови, исто така, покрај главната приказна и мистериозното, необично убиство, во текот на играта, играчот ќе ги открива и интерните стравови на главниот лик, неговото минато, неговите сеќавања и што било тоа што го донесло до моментот каде што е сега.
Кому му е наменета „Алан Шарп“?
-Би ја класифицирале како игра за повозрасни, над 16 години. На нашата „Steam“ страна пишува, се состои од: морбидни, страшни сцени, крв, насилство и не би ја препорачале на помалата публика. Исто така и самиот гејм-дизајн е изработен со повозрасна публика како нашата таргет група.
Како ќе биде пласирана?
-Засега, првичниот план е играта да излезе на платформата „Steam“. Демото е веќе поставено и дури и сега може да се спушти и да се игра. „Алан Шарп“ ќе излезе во поглавја. Првото поглавје се планира да биде во јануари 2021, а целосната игра со сите отворени Поглавја да биде летото 2021. Сите љубители на хорор, мистерија и детективски жанр можат да нè заследат на нашите социјални мрежи на Facebook, Twitter и Instagram и да бидат во тек со нашата работа. Новости објавуваме секоја недела : ).
Кој е најголемиот предизвик во гејмерството (гледано од повеќе аспекти – консументи, создавачи, пласирање) во време кога конкуренцијата е голема, а исто така и интересот?
-Со оглед на тоа што во изминатата година, светската гејминг индустрија достигна вртоглави бројки на продажба и според статистиките дека се направил обрт на финансии поголем од филмска и музичка индустрија (комбинирано!), тоа значи дека има огромна заинтересираност во светот. Се разбира, постојат и многу девелопери за разни платформи и конкуренцијата е голема. Но, секогаш кога размислуваме на тоа, го гледаме од аспект дека конкуренција има во секоја работа, во секој бизнис. Важно е што ние ќе понудиме, што му треба на нашиот конкретен пазар и нашата публика и колку ние сме подготвени да жртвуваме и да се бориме за оваа цел. А нашиот одговор е: Максимално : ) . Поради тоа, воопшто не нè плаши конкуренцијата, напротив, нè мотивира да се бориме, постојано да учиме и да се усовршуваме во сите области потребни за реализирање на овој сон.