Животот на козметичкиот магнат Хелена Рубинстејн

27 август 2013

Хелена Рубинстејн е родена во Краков, Полска во 1872 година и била најстара од вкупно осумте деца. Нејзината мајка уште од мала ја учела да ја негува својата убавина со тоа што секоја ноќ пред легнување ја терала да поминува со чешел низ косата сто пати, да брои и задолжително да стави крем за лице.

Познато е дека во минатото жените ја негувале природната убавина, ретко користеле шминка и добро знаеле како да ги искористат природните состојки и бабините рецепти за правење на разни креми за нега на лицето и телото.

Патријахалното воспитување наложувало нејзиниот татко да одбере сопруг за неа, но амбиционоста и одлучноста на Хелена придонело таа да избега од судбината која и ја кроеле нејзините родители и тоа на другата страна на светот, во Австралија. Иако имала само 24 години, таа успеала за кратко време да го привлече вниманието на богатите жени во Австралија кои ја вработувале како негувателка. Причината за тоа бил кристалниот бел, чист тен по кој копнееле сите припаднички на понежниот пол. Наскоро открила дека кремот кој го правела нејзината мајка може да и донесе голем приход, па токму поради тоа Хелена почнала да соработува со локален хемичар, кој ја научил како самата да почне да изработува креми, а во нивниот состав да го додаде Ланолинот на веќе постоечкиот домашен рецепт. На ваков начин била создадена револуционерната крема „Valaze“.

Девет години по нејзиното пристигнување во Австралија, во 1905 година, Хелена на својата банкарска сметка имала 100, 000 долари и салон во Мелбурн каде продавала козметички препарати. Подоцна платила курс кај еден од најпознатите хемичари во тоа време, Марчелин Берхелот кој ја научил како правилно да го употребува белилото за да не предизвика инфекција при користењето на производите.

Иако имала 30 години, Хелена за разлика од нејзините врснички па и помлади од неа кои одамна имале деца и воделе домаќински живот, таа го посветила целото време и внимание на работата се додека не го сретнала американскиот новинар, Едвард Титус. Стапиле во брак во јули 1908 година, а Едврд за поклон добил ни помалку ни повеќе - партнерство во нејзината компанија. Но кратко време по стапувањето во брак, Хелена сфатила дека направила голема грешка и дека мажот кој го сакала всушност постојано ја изневерувал со други жени. Не сакала да се разведе од него и се вратила во правењето на тоа што најдобро знаела да го прави – козметиката.

Отворила козметички салон во Лондон, а бидејќи клиенти и биле луѓе од високата класа за брзо време успеала да направи голем профит и тоа со воведувањето на црвениот кармин и заруменетите образи како нов мејкап тренд. Интересен податок е дека дури и бременоста не успеала да ја одалечи од нејзината цел.  Во декември 1909 година на 37 годишна возраст го родила синот Рој, а во 1912 Хорацио. Следната нејзина дестинација била Америка, а нејзините деца постојано патувале со неа, но за да не и сметаат во работата, ангажирала негувателки.

Но во Америка, Хелена за прв пат се соочила со конкуренција и тоа со Елизабет Арден. Се движеле во ист круг на луѓе, оделе на исти приеми, но сепак карактерно биле тотално различни. Хелена обожавала да носи впечатлив накит и црвен кармин и била страстен фан на уметничките дела. Од друга страна, Елизабет ја сакала розевата нијанса, обожавала да јава коњи и да игра голф.

Со текот на годините, Хелена создала 70 различни козметички препарати за нега на лицето и телото, како и нова линија шминки и сретства за справување со целулитот кои таа не ги користела бидејќи никогаш не ги применувала советите кои ги делела на своите клиентки, односно не вежбала и не сакала масажи.

Во меѓувреме, Рубинстејн станала имуна на неверставата на Едвард, па тој избегал со една од нивните куќни помошнички. Како цена на разводот, таа морала да ги откупи акциите кои претходно му ги подарила како свадбен подарок.

Во 1928 година ја продава компанијата на Lehman Brothers за 60 милиони фунти, но за кратко ја враќа во своја сопственост кога дознава дека тие ја уништуваат нејзината репутација и ги укинуваат производите по кои била препознатлива.

Четири месеци по разводот од Едвард, повторно стапува во брак со принцот Арчи Гурел Чониа, руски аристократ, кој бил 23 години помлад од неа, но ја обожавал Хелена и сметал дека покрај неа, сите други девојки изгледале досадно.

Во ноември 1955 година Арчи починува од срцев удар, а во 1958 година во сообраќајна несреќа загинува нејзиниот син Хорацио. Нејзината борбеност полека почнала да избледува и во 1965 година починува од срцев удар на 93 годишна возраст. Своето богатство му го оставила на својот син Рој, кој ја продал компанијата на Колгејт, а подоцна ја откупува Лореал.

Не е ни случајно што Хелена се нарекува кралица на козметичкото царство. Успеала да создаде голема империја и умешно да се справи со конкуренцијата. Нејзините производи предизвикале вистинска револуција и создала нови трендови на шминкање кои допринеле милиони жени во светот да ја истакнат својата убавина. Успеала да направи баланс меѓу приватноста и професионалноста и недостатокот од машко внимание го искористила да стане козметички магнат. На крајот Хелена била свесна дека по нејзината смрт компанијата ќе биде продадена, но сепак тоа не ја спречило постојано да се надградува и да создаде име кое ќе остави печат во историјата.

Објавено:
27 август 2013
Категорија: 
Стории