Да се опстане во модната индустрија не е воопшто лесно. Веќе пишувавме за модните брендови што го изодеа патот од врвот до дното и обратно.
И покрај тоа што дел од модните куќи се основоположници на модната индустрија генерално, сепак во денешно време не можете со сигурност да кажете на кого му е потешко – на „старите“ или на “младите“ брендови.
Како и да е, потребни се и едните и другите. Овие новите дефинитивно има што да научат од оние кои со децении, па и векови се во самиот врв.
Во продолжение ви ги претставуваме десетте најстари брендови што во времето кога почнувале можеби и не биле вистински сфатени, но денеска се синоним за мода и моќ.
„Ермес“, 1837

Тијери Ермес го започна бизнисот, како и многумина други, со производи од кожа. Најчесто седла за коњи, а потоа се префрли и на модни додатоци. До 1930 година, брендот не беше посебно познат на јавноста. Грејс Кели е таа што помогна за негова популаризација, бидејќи носеше нивна чанта. Сакајќи да ги прекрие првите знаци на бременост, таа ја држи постојано до стомакот, па медиумите веќе не се прашуваа дали го крие стомакот, туку од каде е таа чанта.
„Луј Витон“ , 1854

Веќе е добро познато дека основачот на брендот, кој и го носи неговото име, во почетокот се занимава со еден вид на кожарски занает, поточно изработка на куфер. Со текот на годините, брендот развива и колекции облека, но нивниот препознатлив знак и денес се кожените чанти и куфери.
„Ланван“, 1889

Жан Ланван во текот на создавањето на својот бренд, најмногу се инспирира од ќерка си, која ќе ја нарече и своја минијатурна муза. Во почетоците креира облека само за жени и нивните деца.
„Шанел“, 1909

Модниот бизнис, Коко Шанел го започнува со создавање на шапки во еден бутик во Париз. Но, нејзиниот интерес и дејствување наскоро се прошируваат и зад себе остана цело модно богатство.
„Прада“, 1913

Во Милано, Марио Прада отвора продавница за кожени модни додатоци. И тоа трае сѐ до 1970-тата, кога во семејниот бизнис ќе се вклучи неговата најмлада внука, Миуча Прада. Брендот доживува светски успех, но не смее да се заборави дека во текот на 1930-тите, овој бренд е задолжен за костимографијата на голем број холивудски проекти.
„Нина Ричи“, 1932

Оваа парижанка со италијанско потекло, првиот бутик со префинета облека го отвора во 1932 година во Париз. Нејзините модели ја истакнуваат женственоста, што тотално се коси со замислата на Коко Шанел во тоа време. Нина сметала дека тантелата, сатенот и истакнувањето на женската силуета треба да биде во центарот на вниманието. Тоа нејзино мислење го делеле и бројни клиенти, а во високите модни кругови станува позната во 1948 година, во времето кога го лансира и првиот прафем „L’Air du Temps“.
„Диор“, 1946

Кристијан Диор својата модна куќа ја отвори во 1946 година, а веќе следната светот го освои со претставувањето на „новиот изглед“, кој стана и препознатлив знак за брендот.
„Живанши“, 1952

Оваа позната француска модна куќа е отворена во Париз, а ја основаше Уберт де Живанши. Знаењето што го доби кај вистинскиот мајстор на кројот, Елса Скијапарели, успеа да го надгради и да направи модно царство.
„Валентино“, 1960

Своите први колекции Валентино Гаравани ги прикажува во Фиренца, а само неколку години подоцна, неговите модели станаа меѓу омилените на легендарната Прва дама на САД тогаш, Џеки Кенеди.
„Ив Сен Лоран“, 1961

Еден од најпочитуваните и највлијателни креатори на ова време, работеше во „Диор“, пред да го започне својот бренд. За неговиот талент говори и податокот дека Кристијан Диор (52) го именуваше за свој наследик кога Лоран имаше само 21 година. Со основањето на свој бренд, Ив повторно го доби посакуваното воодушевување, а брендот успешно опстојува до денес.
Секако листата не завршува тука.
Меѓу најстарите брендови се секако и „The House of Worth“ на Чарлс Ворт (1858), „Гучи“(1921) , „Скијапарели“(1927)…
